УНЕСКО со препорака Охрид да се стави на листата на загрозено светско наследство

22.05.2019 01:00
УНЕСКО со препорака Охрид да се стави на листата загрозено светско наследство

УНЕСКО во најновиот нацрт извештај препорачува Охридскиот регион од културно и природно наследство да се стави на листата на загрозено светско наследство бидејќи властите не успеале да ги исполнат приоритетните препораки во зададената двегодишна рамка.

Од организацијата на ОН соопштуваат дека главниот проблем е недоволниот напредок во решавањето на проблемите и постојаните закани и опасност од големите инфраструктурни и развојни проекти. Според извештајот, малку е направено и за имплементација на приоритетните препораки на мисијата на УНЕСКО од 2017 година.

„Несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот“, се дел од заклучоците на УНЕСКО.

Во нацрт извештајот на УНЕСКО што ќе биде разгледуван на претстојната 43-та Конференција на Комитетот за светско наследство што во јуни ќе се одржува во Баку се бара од државата да воспостави целосен мораториум на какви било урбани трансформации на брегот на езерото сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита и механизми за нивно спроведување.

Потоа се бара од властите да направат проценка на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание врз заштитеното подрачје, како и уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето, истовремено строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби.

Од УНЕСКО забележуваат и дека нема казни за непочитување на одредбите.

„Подрачјето се соочува со неповратни трансформации на целокупната врска меѓу историскиот град, археолошките остатоци, природниот амбиент и Охридското Езеро, кои може да се решат само со поголеми промени во управувањето, планирањето, конзервацијата и спроведувањето на процесите“, стои во Извештајот.

Во него, УНЕСКО предупредува и за негативните влијанија кои може да произлезат од планираната рута за железничка пруга со Албанија врз како што велат, „еден од ретко непроменетите делови од Охридското Eзеро“.

УНЕСКО изразува загриженост од намерата на државата да продолжи со железничкиот коридор 8 и покрај барањето на Комитетот да се разгледаат алтернативни правци. Покрај ова, во Извештајот се споменува и автопатот од Требеништа до Струга, барајќи од државата итно да најде друго решение. 

ОкоБоли главаВицФото