Мртвороденчиња на посткомунизмот

22.05.2019 15:32
Мртвороденчиња на посткомунизмот

Доколку Европската Унија – по некој невeројатен и надреален тек на околности – на своите членки ги примени критериумите чиешто исполнување го бара од земјите кандидати за членство како услов за прием во Унијата, мислам дека тој елитен клуб на држави ќе остане без членство. Но, постоењето на двојни стандарди не би требало да нѐ прави гневни, зашто да бидете ставени во ситуација кога сте присилени, или, барем сте под притисок да унапредите многу системски аспекти од функционирањето на државата, и не е толку лоша работа.


Особено ако се работи за држава што повеќе од половина време од трите децении на својата независност, системски назадува, безумно трошејќи ги ресурсите и вредностите со кои влегла во авантурата на сопствената сувереност.

Меѓутоа, во оваа слатка присила, во која меѓународната заедница бара од нас да бидеме подобри и да го обезбедиме остварувањето на републиканските и демократските вредности во реалното функционирање на државата, има неколку затскриени стапици. Имено, самиот факт што реформите ги правиме под надворешен притисок, демек за оценка, неумитно го произведува „забушантскиот рефлекс“, под чие дејство се што се прави – се прави површно. Се глуматаат реформи, се брка формата што ќе биде доволна само за „преодна“ оценка, а долу, под површината на кобожемските реформи, во стварниот живот се остава сè да си тече по старо, тромо и застојно, како рамничарска плавна река, што ги залива сите дворови и изби.



Инфантилизација на земјата


На „забушантскиот рефлекс“ му се придружува и друга психосоцијална реакција, еден вид колективно самозалажување, односно илузија, што е предизвикана од инфантилизацијата на возрасното население на библиската земја, ставено во ситуација повторно да „учи“ и да „полага испити“. Тоталната инфантилизација на земјата, од друга страна, не е нова појава, туку ни се случува од првиот ден на независноста, кога се претворивме во „дете кое невино излегува од комунизмот, но, се разбира, затоа што е дете, не може ништо да одлучи самостојно и заради тоа му треба старател“, како што вели Буден. И, додава: „Во таа метафора е олицетворена целата дијалектика на посткомунистичкото поробување на масите. Луѓето едвај се изборија за слобода и веднаш мораа да се откажат од неа затоа што беа прогласени за незрели да ја користат, па сите тие посткомунистички општества мораа да одат во таканаречените школи за демократија на посткомунистичката транзиција, како што се нарекуваа во тој период“.


Е, токму таа предолга инфантилизација, со која во пакет оди и прифаќањето на психологијата на детето, е заслужна што во барањата на меѓународната заедница ужасно погрешно ја препознавме родителската грижа и љубов. А, оваа летална грешка, пак, ни создаде парализирачка илузија дека земјите и политичките тела на меѓународната заедница се заинтересирани и загрижени да ни помогнат како на свое дете. Со еден збор, дека нашите проблеми ќе ни ги реши некој од надвор, некој поголем и попаметен и помоќен од нас, мама и тато, односно ЕУ и НАТО.


На оваа тажна илузија – дека сме деца на демократијата на кои „возрасните“ ќе им ги решат проблемите, се надоврзува и – за возрасните смртоносно – детско поимање на времето, во кое тоа самото го носи подобрувањето на состојбите, во кое практично не треба ништо посебно да правиш, за да „пораснеш“ и добиеш сè што ти „се следува“.


Колку пати сме чуле, почитувани читатели, а колку пати и самите сме ја искажале бесмртната мисла дека „со време, ќе се средат работите“, или дека „ние сме многу назад од демократските земји“ и, се разбира, „ќе треба време да ги стасаме“ за „работите да си дојдат на свое“. Колку жално! Никој што ги изговорува овие зборови не помислува дека за да стасаш некого, треба да се движиш многу, многу побрзо од него. И дека, за да достасаш некого, најмалку што треба да направиш е да се движиш во истата насока!?



Споменици на фашизмот


Инфантилизираната свест никогаш не може да разбере дека работите никогаш, ама буквално ниту во една историска надолница, не се средиле самите од себе. Ова, кај нас премногу присутно поимање на времето, е уште една самопасивизирачка мантра што воопшто не ни помага во вистинското менување на ужасните околности во кои ја затекнавме сопствената земја по вмровската катастрофа.


А, најужасниот од сите самозалажувачки обрасци на однесување е токму оној што цело време ја карактеризира нашата инфантилизирана состојба на свест, во двете години од „ослободувањето“ од авторитарниот и културно суицидалниот режим на ВМРО. Тоа е јавниот дискурс во кој сите глумиме дека сме веќе сосем нормално демократско општество, во кое – без да ја смениме и точката на јота од „заробената држава“ – сметаме дека е доволно да се однесуваме „граѓански“, „критично“, бучно, гневно и „објективно“ кон триците и кучините, гардеробата и првутот, на носителите на „новата“ власт.


Но, додека ни стојат недопрени гротескните споменици на фашизмот исправени во центарот на Скопје, додека нашите деца немаат друг избор за идентификација отколку ужасната грдотија на триесетметарскиот Алехандро Магно, ние ќе бидеме и ќе останеме „заробени“ деца, мртвороденчиња на посткомунизмот, сирачиња што не паметат никакво минато освен вмровското „илјадугодишно царство“, потполно и безнадежно неспособни за какви и да е вистински промени на подобро.


Слики: James Mortimer
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото