Контраспин: Одговорноста за Охридскиот регион е дело на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ во последните 20-ина години

23.05.2019 01:41
Контраспин: Одговорноста за Охридскиот регион е дело на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ во последните 20-ина години

Најмалку од одлуката за вадење на камените плочници на Охридската чаршија и нивна замена со поубавиот бекатон во 2003 г., па се до неодaмнешното премиерско охрабрување за легализација на дивоградбата – хотел во Лагадин, долга е листата и на имиња на одговорни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, како и на одлуки за чинење или нечинење за заштита на наследството, што нè доведе до предлогот да се најдеме на срамната листа на УНЕСКО – загрозено наследство

Со појавувањето во јавноста на драфт одлуката на УНЕСКО за ставањето на Охридскиот регион во листата на загрозени природно-културни наследства во светот, се појавија експресно и две реакции од главните македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во кои детектиравме спинови:

Спин 1: СДСМ го уништи Охрид и му го загрози статусот на заштитено подрачје на УНЕСКО

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна – соопштение, датум: 22.05.2019]

Спин 2: Криминалната ВМРО-ДПМНЕ со години го загрозуваше Охридскиот регион, сега сите институции постапуваат по препораките на УНЕСКО

[ Извор: СДСМ/веб страница – соопштение, датум: 21.05.2019]

Контраспин: УНЕСКО, светската организација за наука, но и грижа и заштита на природните и културните реткости, предлага одлука со која статусот на Охридскиот регион од заштитено природно и културно наследство во светот ќе премине во загрозено.

Оваа намера на УНЕСКО во јавноста (медиуми+социјални мрежи) е дочекана со голема индигнација и негативни реакции, а од двете македонски партии стигнаа главно обвинувања, со која вината се префрла на другиот. Доколку се погледнат хронолошки работите наназад и доколку со внимание се прочитаат документите на УНЕСКО, ќе се согледа дека се спинува на големо околу еден непобитен факт: за ваквата лоша состојба со чувањето на природното и културното наследство се виновни сите – не исклучувајќи ги и граѓаните, но најмногу оние што ја практицираа централната и локалната власт во последните дваесетина години. Тоа значи главните македонски партии на власт, а од албанските главно ДУИ, која од 2005 година со прекин од еден мандат, континуирано управува со Струга, составен дел од Охридскиот регион што е под заштита на УНЕСКО.

 ВО 2017 Г. УНЕСКО ДОСТАВИЛ 19 ПРЕПОРАКИ!

Во април 2017 година на барање на Светскиот комитет за наследство, дел од телата на УНЕСКО, во Охрид престојува мониторинг мисија на оваа организација со цел да изврши проценка на состојбата, имајќи ги предвид „Стратeшката проценка на животната средина“, „Проценката за влијанието врз наследството“, плановите за идни инфраструктурни активности на земјата во дадениот регион и како тоа ќе се одрази на „Најдобрата универзална вредност“. Сето ова се термини и документи, кои се од УНЕСКО или ги бара организацијата, за ставање на листата на културно или природно наследство на светот или, пак, додавка на листата Загрозено културно и (или) природно наследство.

Оваа мониторинг мисија, имајќи ги предвид и поранешните извештаи на вакви мониторинг мисии, имајќи го предвид и проектот за прекугранична соработка меѓу Албанија и тогашна Република Македонија за заштита на културното и природното наследство (езерото, крајбрежјето,населените места, културното богатство изразено низ археолошки наоѓалишта, цркви, манастири, џамии, итн, старите градски архитектури, пред сè, во Охрид…), по согледувањето донела заклучок дека многу нешта не се во ред и донела не една, не две, туку 19 препораки до властите за итно спроведување.

Меѓу препораките не се само средување на урбанистичкиот хаос и нелегалното или полулегалното градење покрај езерото, како што најмногу потенцираа медиумите деновиве. Тука има препораки од типот Нова проценка на влијанието врз животната средина поради плановите за изградба на автопатско решение Кичево–Охрид, чиј еден крак треба да биде Струга–Требениште, проценка на плановите за изградба на железнички коридор Кичево–Лин, со препорака да се изготви идејно решение за нова алтернативна траса, стопирање на градбите надвор од срцето на Охрид и Струга (за стариот град на Охрид констатираат дека е добро зачуван), уривање на дивоградбите покрај брегот и преиспитување и на станбените и на привремените објекти по плажите, расчистување со дивите депонии, целосно приклучување на сите населени места кон колекторскиот систем за отпадните води, строга контрола на нивото на водата на Охридското езеро, итн.

 ВЛАДАТА СО ОДГОВОР – РАБОТИМЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ

Бидејќи била задолжена да одговори на препораките и до каде е состојбата, Владата упатила одговор на почетокот и на самиот крај на 2018 и во почетокот на 2019, а во него се вели дека Владата и Парламентот презеле низа активности во однос на мониторинг извештајот и препораките и дека била направена интерсекторска група која ќе работи на проблемот.

Се наведува дека во тек била изработка на Стратешка проценка на влијанието врз животната средина и дека тоа ќе биде алатка во рацете на Комитетот за управување за зачувување на наследството (што владата веќе го формирала), а што се однесува до ревизија на урбаните и плановите за руралните средини во тек било изнаоѓање пари од страна на локалната самоуправа тоа да се направи, итн.

Во вториот извештај следуваат одговори на сите 19 препораки на мониторинг мисијата. Во одговорите преовладуваат оценките – во тек е, работиме, тоа е тешко да се направи за брзо време, постојат размислувања и идеи бафер зоната да се прошири на Преспанското езеро, итн.

Единствено целосно исполнети се препораките за мораториум на градбата на нов пат А3 од Охрид до Пештани (и понатаму до Свети Наум), времено стопирање на изградбата на автопатот Струга-Требениште, како и стопирање на плановите за ски центар на Галичица. По барање на УНЕСКО плус била направена и проценка дали столбовите врз кои почива Музејот на коските има импакт врз животната средина, при што е заклучено дека нема.

Но, главно од 19 препораки, исполнети се три-четири.

УНЕСКО – ПОВЕЌЕТО ПРЕПОРАКИ НЕ СЕ ИСПОЛНЕТИ

Во драфт верзија на одлуката на УНЕСКО може да се види дека со внимание ги разгледале дописите од Владата и го констатирале следното:

Најголемиот дел од препораките не се исполнети.

Во предлог-заклучокот преовладуваат зборовите „забележуваме со жалење“, „забележуваме со голема загриженост“ и слично. меѓу покрупните забелешки е и таа што воопшто не била земена предвид препораката за изработка на алтернативни планови за изградба на железницата Струга-Радожда, а државата ги искажала своите намера да гради по оваа траса, како и да продолжи со изградбата на кракот од автопатот Требеништа-Струга без да бидат завршени новите проценки на импактот врз животната средина. Секако, потенцирана е и забелешката дека нема мораториум на градбите и нема уривање на нелегалните изградени објекти.

Поради тоа, на 43-та сесија на УНЕСКО, Комитетот за заштита на светското наследство ѝ препорачува на организацијата да го прогласи Охридскиот регион за загрозено подрачје (извештајот за нас почнува од стр. 83)

КОЈ ГИ МЕНУВАШЕ КАМЕНИТЕ ПЛОЧКИ СО БЕКАТОН?

Дали ваквите оценки дадени во 2017 година се настанати во 2017 година? Дали некој воопшто се сеќава кога почнаа дивоградбите покрај езерскиот брег? Дали јавноста памети кога се вадеа старите камени плочници од Охридската чаршија за да бидат заменети со „поубав“, „помодерен“ бекатон?

Дали јавноста памети од кога почнаа да се преуредуваат старите охридски куќи со нови? Или, за време на кој градоначалник и влада почнаа „да се урбанизираат“ струшките плажи и за време на кој градоначалник/градоначалници почнаа да се копачат трските покрај целиот езерски брег за да се добијат плажи. А, се памети ли сè уште Субрата Рој и неговите планови за комарџиско-угостителски комплекс во Љубаниште? Во времето, на пример, кој на седница на Влада предлагаше изградба на „парапетчиња“ долж плажите, нареди садење на палми и носење морски песок за да биле плажите поубави за туристите?

Или се памети ли во јавноста дека уште од времето на една влада од пред дваесетина години се бараа средства за завршување на колекторскиот систем, кој со години работи половично, едно што не е доправен, а друго што се расипуваа пумпните и машинските станици и не можеа да ги поправат, бидејќи немаа пари? Се памети ли кој ги задолжи општините Охрид и Струга за по десетици милиони евра? И чија Влада даде пари да се враќаат долговите за продуктивни цели, а не за купување Ауди?

А, кога почнаа најбројните пожари годинава на охридското крајбрежје и во кој дел? Или, кога почна изградбата на чудовишниот хотел во Лагадин и кој премиер беше тој што викаше дека нема да не може да се легализира? Мора да може!

Конечно, дали сите препораки можат да се спроведат во 2018 година и оваа 2019 г? Не можат. Но, дали може да се направи многу повеќе? Почнувајќи од мораториум на сеопшта градба до уривање на дивоградбите? Оти тешко на УНЕСКО ќе му објаснат нашите власти дека немале пари или не е завршен тендерот за избор на фирма што урива!?

Во одговорот на овие прашања се вртат презимињата Деребан, Наумов, Петрески, Бакрачески, Стојаноски, Мерко, Георгиевски, Груевски, Заев…

Оттука, секое вадење од типот СДСМ е виновен, или криминалите на ВМРО-ДПМНЕ стојат зад уништувањето на Охридскиот регион се спинови. Лошата состојба со Охридскиот регион, кој целиот е прогласен за природно и културно наследство на цивилизацијата, е заедничка негрижа и чинење или нечинење главно на три партии – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото