Јелена Ленголд: Се плашам дека нашите генерации нема да дочекаат некој подобар свет

23.05.2019 04:22
Јелена Ленголд: Се плашам дека нашите генерации нема да дочекаат некој подобар свет

 Јелена Ленголд е повеќекратно наградувана поетеса, раскажувачка, романсиерка. Напишала две книги песни:  Raspad botanike (1982), Vreteno (1984), Podneblje maka (1986), Prolazak anđela (1989), Sličice iz života kapelmajstora (1991), Bunar teških reči (2011) и Izaberi jedno mesto (2016), како и романите Baltimor (2003, 2011) и Odustajanje (2018).

Прозата и поезијата на Јелена Ленголд се преведени на повеќе јазици. Расказите на Јелена Ленголд се застапени во повеќе антологии и панорами на современата српска книжевност објавени во Србија и светот.
Јелена Ленголд десетина години работела како новинар и уредник во редакцијата за култура на Радио Белград. Потоа до септември 2011 работела како проект-координатор на хуманистичката академија Nanselskolen од Лилехамер во Норвешка, на предметот конфликтен менаџент.

Живее во Белград како професионален писател.

 

 

Вниманието на книжевната јавност ја привлече Вашиот роман Odustajanje. Се поставува прашањето од што сè сме се откажале ние на овие простори?

Тоа што ме прашувате не е темата на мојот роман, но секако има смисла да се разговара околу тоа од што секојдневно се откажуваме. Пред сè, се откажавме од идентитетот. Самиот факт што ме прашувате од што се откажале луѓето „на овие простори“ говори за тоа дека веќе не сме сигурни како тој простор се вика и кои се неговите точни граници. Кога патуваме по тој „наш простор“ обично велиме дека говориме на „наш јазик“ бидејќи не знаеме ниту како точно тој јазик се вика. Се откажавме од нормалниот живот, а се знае што сè еден нормален живот подразбира. Многумина се откажале од надежта, од среќата, од обичните животни радости. Јас, да речеме, се откажав од деца, бидејќи влегов во брак во 1991, тогаш имав 32 години, а знаеме какви години беа тие, колку сиромашни и неизвесни. Бевме двајца писатели кои едвај составуваа крај со крај и така наредните десетина години, во кои преживеавме војни, отказ на РТС, немаштија, рестрикции, инфлација, бомбардирање, сè...

 

Како да се откажеме од самото откажување? Како да се носиме со сите тешкотии кои животот ги поставува пред нас?

Тоа е некоја мантра која секој треба да ја пронајде во себе, ако може. Ги разбирам и оние луѓе кои тоа не го можат, кои не успеваат да го надминат откажувањето, бидејќи навистина е тешко да се живее овде, под непрестајни неправди, нелогичности и опасности. Мене ме спасува бегството во својот микросвет, многу малкуте луѓе со кои комуницирам, посветеноста на оние кои ги сакам и кои ми годат. Ме спасуваат книгите, многу читам, а понекогаш и пишувам. Ме спасува бегањето во тој изфантазиран свет на книгите. Со годините научив во сето тоа да пронајдам извесна количина радост, па дури и мир. Иако немирот вечно демне и се обидува да загосподари со нашите животи. Во вакви вонредни околности во кои ние живееме – а ние сме постојано во некои вонредни околности – би било од полза да го игнорираме сето она што не е од суштинска важност. Да се посветиме само на навистина важните нешта кои го заслужуваат нашето внимание и кои се лековити. Да се одвои важното од неважното, единствено така. Ние го немаме луксузот да се бавиме со финесите на животот. Да се намалат очекувањата, пред сè. Така ќе се намали и нашиот простор за разочарување. Можеби ова некому му звучи лузерски, но јас во таквата животна философија го пронајдов својот мир.

 

Каков е, според Вас, животот денес во Србија, што најмногу Ви пречи?

Наспроти сè што реков досега, мене и понатаму најмногу ми пречи неправдата. Неправдата и бирократијата. Ми пречат, значи, оние појави од кои не можам да се дистанцирам и покрај најдобрата волја. Ми пречат оние бесмислености во кои морам понекогаш да учествувам, колку и да сум го оддалечила својот живот од сè што е институционално. Ми пречи повременото чувство на потполна немоќ пред системот, кој нас, како поединци, на никаков начин не нè штити, туку, напротив, непрестајно нè загрозува. Ми пречи тоа што гледам дека не живеам во хумано, освестено општество. А тогаш ја затворам вратата и некое време успевам да заборавам на сето тоа. И така до следната прилика, додека некој не се разболи или додека некој не појде во некоја управа, да заврши некоја работа. Е, тогаш, секогаш настануваат проблеми бидејќи ништо не функционира како што треба.

 

 

Дали е можно на нашите простори да се живее од книжевност, со кои проблеми се соочуваат книжевниците и книжевничките?

Тоа е речиси невозможна мисија. Писателите многу малку заработуваат, симболично. Писателот добива десет проценти од секоја своја продадена книга. Кога ќе го продадете целиот тираж од, да релеме, илјада книги, вие од тоа заработувате една просечна месечна плата. Ете тоа е наједноставниот одговор на прашањето колку писателите заработуваат. Ви останува да се надевате на некоја парична награда, некои, исто така мизерни, хонорари за настапи и тоа е тоа. Ако сте слободен уметник, веќе тука настануваат безбројни бирократски проблеми, но за тоа пишував веќе толку пати што ми е мачно да се повторувам. Не би сакала да звучам како да се жалам, јас само ја изнесувам реалната состојба на нештата, бидејќи ме прашавте. Но тоа е мој избор, и јас, наспроти сè, наоѓам во тоа некаква смисла. На крајот на краиштата, тоа е и моја судбина, а човек треба да се помири и со својата судбина и, ако е возможно, да ја засака.

 

Која е темата која Ве обзема, која одново Ви се враќа како важна?

Надминувањето на стравот! Тоа е тема која ме обзема цел живот. Страв од животот, страв од смртта, страв од блискост, страв од самотија, страв од неуспех, страв од срам, страв од болест, страв од вистина, страв од недостаток на време... Последниве години, ми се чини, напредував во надминувањето на стравовите, почнав да го разбирам она што порано само го читав, дека стравот го понижува човекот. Во таа смисла стареењето има некои свои предности, ако малку се потрудите навистина можете да направите промена во личниот развој и да не дозволите да ве понижуваат стравовите, туку да живеете достоинствено и исправено, по секоја цена.

 

Живееме во време на кич, шунд, турбо фолк, реалити шоуа. Како, во поплавата на сето ова, да се вратат некои нормални животни теми?

Јас немам потреба да се враќам на тие нормални животни теми бидејќи никогаш од нив и не сум излегла. Ова што го споменувате, кичот, шундот, невкусот, во таа сфера не сум се движела премногу. Мислам дека тоа и не е работа на избор, луѓето некако се раѓаат во овој или оној фазон, и ако нешто не ве допира, тогаш тој свет за вас и не постои, некако ви минува под радарот. А оние кои живеат во тој друг свет, за нив токму тоа е нормален свет, па така сме мирни и едните и другите. Јас тука не би се згрозувала и чудела многу, тој вид на гадење над поинаквиот вкус на некој начин ми е малограѓански, особено во околности кога такво нешто е речиси единствената понуда. Не се потсмевам и не осудувам, не ми пречат луѓето кои имаат поинаков вкус од мојот. Ми пречат само зли луѓе. А во контекст на книжевноста, навистина, би било убаво да се вратиме на големите, основни, главни книжевни теми. Страничните патишта прилично направиле да го заборавиме или да го сметаме за помалку вредно она од што уметноста потекнува.

 

Како да се носиме со сеприсутниот национализам кој го јаде секое општество во регионот?

Тука, секако, две страни се важни. Едното е перманентното воспитување на генерациите, а другото е законодавството. Кај нас не функционира ниту едното ниту другото. Јас сепак акцентот би го ставила на почитувањето на законите. Кога би постоеле доследни, цивилизирани и јасни закони, кога тие закони би се почитувале, кога најважните институции би функционирале, тогаш со време луѓето би се превоспитале и би знаеле и самите што е добро а што не. Но овде цели системи наизглед го осудуваат национализмот, но во пракса го промовираат или не го казнуваат или го поттикнуват низ некои свои алтернативни канали, кои навидум не се државни, но всушност се сите во иста вреќа. Тоа кај нас е едно цивилизациско, еволуциско прашање. Како да сме задоцниле неколку чекори во развојот, а на сето тоа ги имаме и сите овие сили отстрана кои само ги подгреваат нашите неслоги, наместо да помогнат. Постои многу зло на светот, многу ниски интереси, завиени во приказна за демократија и човекови права. Се плашам дека нашите генерации нема да дочекаат некој поубав свет.

 

 

Колку е важно за еден писател да се осврне на светот во кој живее?

Писателот може, но и не мора да го прави тоа. Тој не е обврзан да го отсликува реалниот свет, ниту да учествува во него, ниту да дава одговори на важни прашања. Писателот не е документарист. Писателот го гледам повеќе како некој кој го допишува светот, го осликува со бои кои самиот ги измислил или го филтрира онака како што умее и како што му наложува неговиот уметнички сензибилитет. Затоа уметноста и е фантастична, бидејќи има навистина неограничени можности. Оној кој се ограничува на реалниот свет себеси си ускратува многу во создавањето. Од друга страна, да се биде ангажиран писател а да се остане во сферата на вистинската уметност, да речеме онака како што тоа го правеше Милан Кундера или Виктор Иго, тоа е необично тешка задача и за такво нешто мора да се биде навистина голем талент, за да не се слизнете во памфлет.

 

Еден од најголемите проблеми во општеството во кое живееме е заминувањето, како на младите, така и на постарите луѓе, цели семејства. Како Вие гледате на оваа појава?

Од една страна, мене тој процес ми се чини природен, бидејќи светот секако сè повеќе се меша и тоа е еден процес со кој би било добро да се помириме, бидејќи е неизбежен. Сега можностите за патување се поголеми, и луѓето од целиот свет имаат желба да одат на некое друго место и да испробаат некаков поинаков живот од оној кој им е понуден. Но од друга страна, знаеме дека нашите луѓе тоа не го прават од желба да го видат светот туку пред сè затоа што овде не можат себеси да си обезбедат никаква егзистенција. Тоа е она што е трагично. Би требало да постои можност за избор, овде или таму, а најчесто го нема. И кога веќе ја немаат таа можност, тогаш е сосем легитимно да одат и да живеат некаде каде е понормално и поудобно. Тој еден живот кој го имаат, младите луѓе треба да го проживеат таму каде животот е пристоен. Оние стихови „Останете овде...“ се плашам дека веќе не важат, никому не би му ги советувала. Нашето мало матно мочуриште стана премногу загадено и оној кој баш не мора, вооошти не е должен во него да го мине остатокот од животот. Навистина, никого не осудувам што решил да замине. Единствениот лек од оваа ситуација е да се набљудува светот како целина и да се впушти во тоа, бидејќи времето минува многу брзо и не треба да дозволите никому да ви упропасти ниту еден единствен ден, да не зборуваме за цели децении од вашиот живот.

 

Дали сметате дека општествената промена е можна без политички промени имајќи ги во вид околностите во кои живееме?

Секако дека не е можна. Политичката промена, која ја набљудувам во некоја поширока смисла, речиси како еволуциска промена, е основниот предуслов нешто да се помести од оваа мртва точка. Меѓутоа, навистина мислам дека тоа подеднакво зависи од нас колку и од странските фактори. А ние се вбројуваме во сите тие останати. Ние сме ситни риби, некаде на крајот од ланецот на исхрана. Тоа треба да се разбере и да се чекори во склад со тоа. Нашите можности се смешно мали, во секој поглед. И затоа треба да се проживее својот мал живот што поудобно и да се пушти тој свет да го прави она што го наумил, бидејќи тоа и онака не зависи премногу од нас.

 

Што мислите за ваквите настани кои во фокусот ги имаат книгите и книжевната работа, колку тие ни се денес важни?

Тоа се нешта кои се важни за еден мал број луѓе, за луѓе кои живеат во некој вид свое духовно гето. Најчесто, таквите луѓе и знаат дека се во тоа гето и тоа не им пречи. Тоа е нивна одбрана од остатокот од светот, тоа се нивните граници кои самите си ги поставиле, нивната завеса која ја ставаат помеѓу себе и реалноста. На книжевните вечери им се обраќам на таквите луѓе, тие најчесто ми се радуваат, а знам дека ниту јас ниту сите останати писатели на светот, апсолутно не постоиме за остатокот од светот. И тоа мене ми е во ред. Никогаш не сум ни сакала да сум дел од нешто што е масовно. Еден фин, мал, прибран собир, тоа е мојата мера. Се радувам на доаѓањето кај таквите луѓе.



Извор: www.6yka.com

ОкоБоли главаВицФото