Краток есеј за Теракота

23.05.2019 10:08
Краток есеј за Теракота

Таа е црвена. Jа отворaм кесата и повлекувајќи со жица или рибарски конец, силно оптегнат околу прстите, отсекувам дебело парче од црвеното месо.

Или убаво ќе ја раздробам земјата во дворот, ќе ја раздвојам на два дела и од длабокиот рез, кој во помал размер сигурно би му припаѓал на Фонтана, ќе извадам мали земјени клопчиња и фино ќе ги протријам од дланките пред да потврдам со веселост – да, таа е.

И повторно е црвена. Иако често извалкана и непрепознатлива, обвиена со тенки кончести корења, со дамки од најситните камчиња, обелена од варовникот плитко наталожен во околината на кањонот - сепак е црвена. И кога е само црвеникава, а многу повеќе махагон темна – црвена е. Полна железо и врела како крв.

И мека, толку мека што се растегнува, па дури и се растекува, морам да ја собирам во широк леген, па неколкупати да ја прецедувам преку најфиното сито и да ја оставам на милоста на воздухот. Да се суши полека, да гледам како испарува водата од неа и како се враќа назад во реката. Од реката кон езерото.

Потоа можам да ја допрам, деликатно, да ја помилувам, како што мојот учител го милува големиот куп глина фрлен врз тркалото - го гледам како влегува и проаѓа низ него. Или да ја гушнам, да ја допрам до лицето, да ја почувствувам во рацете, како што во својата силуета Мајката (на Чушков) го стиска своето дете или како што Големата мајка со ширум отворени раце секогаш нѐ влече кон себе.

Признавам, понекогаш сум груба кон неа, ја откинувам без грам сожалување, така разделкана ја оставам да лежи на масата, па кога ќе одлучам, ги собирам откинатите парчиња и од нив повторно правам голем куп. И чекам, чекам трпеливо да дојде Солднер, ах тој Солднер, кој ја превртува малата глинена планина и врз неа додава уште неколку нови.

А знам и јас да го фрлам, да го удирам силно тој збир од мали миговни земји кои само случајно се нашле во моите раце, да слушам како вреска и како звукот набрзо затапува, испуштајќи го последниот воздушен меур кој не успеал да испари кон реката. Претпоставувам, сега тој е толку мал што успева да се пробие и низ прозорецот. А купот земја продолжува да расте во нешто друго и повторно станувам нежна, го допирам со допир кој лебди, и проверувам случајно да не треба да ослободам уште воздух и да го пуштам кон водата.

Таа сé уште е црвена. Иако избледена, речиси скаменета, црвена е. Како зрела праска која, ако само малку ја допреш, ќе се сруши пред тебе како што секогаш одново и одново се руши светот. Морам полека да ја поткренам и да му ја подадам на огнот, сега тој да се грижи за неа.

За помалку од деноноќие повторно ќе се сретнеме, можеби на некоја од Улиците (на Бошков), во гужвата од мали исправени вечности. Но едно е сигурно, тогаш кога ќе ми се врати, таа пак ќе биде црвена. Како на почетокот.


 

ОкоБоли главаВицФото