Битката против урбанистичкиот хаос е сепак (не)возможна

23.05.2019 12:27
Битката против урбанистичкиот хаос е сепак (не)возможна

Средувањето на хаосот во урбанизмот се покажува како една од најтешките операции која ја спроведува власта. И по повеќе од две години, никако да се донесе законското решение кое треба да ги елиминира дефектите во постојниот закон кој во времето на претходната власт повеќепати се менуваше. Конечно, на 17 мај, предлог законското решение, односно Законот за урбанистичко планирање е на дневен ред во парламентот. Изготвувачот вели дека она што е клучно со новото решение е што се елиминираат какви било можности за нетранспарентно, незаконски и криминално спроведување процедури што е една од главните одлики на постојното решение:

„Законот носи големи промени за кои ќе бидат потребни многу напори за да има прилагодувања. Исчистени се сите т.н. криминални дупки и апсурди кои меѓу другото овозможуваа да се прави злосторство и силување на просторот“, објаснува за Дојче веле архитектот Мирослав Грчев, кој е главен изготвувач на законот.

„На пример“, вели Грчев понатаму, „се исфрла терминот планска документација кој беше измислен од страна на претходната власт како неуставна категорија која му дава право на градоначалник, или на министер да менува урбанистички план со пенкало. Со еден потпис. Со тоа тие цело време го растураат просторот и си правеа сопствени бизниси. Законски апсурди кои им овозможуваа со една третина гласови да се носат урбанистички планови. Тоа е како Монти пајтон, така е смислено со злосторнички дух и ум да обезбеди оние што се против да ги задржиш дома, да не знаат кога има совет и ние сложната дружина, истиот да го усвоиме. Со новото законско решение, ваквите и еден куп други наметнати стотици измени се исчистени“.

Злоупотреби преку законски „дефекти“

Она што е клучно и проблематично во целиот процес е што законските „дефекти“ кои овозможуваат злоупотреби сѐ уште се во сила. Односно до носење на новиот, сè уште важи стариот закон. Грчев реагира дека целата процедура на носење е премногу бавна, но и подложна на низа опструкции:

„Законот дури сега оди на расправа во парламентот и се предвидени три фази. Сите закони ги носат по скратена и итна процедура, а овој во најспора возможна. Во ред носете го во три фази, но поминаа две години, а оној ужас е на сила. Сите се однесуваат како да е тоа што е на сила, одлично проверено, феноменално, но не, тоа произведува корупција, хаос и ужас, а ние за една корекција и поправка, го кинеме плукаме да го претвориме во леш пред да биде донесен. Име, устав, менуваме за два, три месеца, за колку сакате. Но урбанистички план, закон, за тоа се влече и одолговлекува, па да се утепаш. Сите се влезени со тезги и рекети. Под сите подразбирам институции и големи играчи, нормално на штета на 99% од обичните граѓани“, реагира Грчев.

Оттука и не чуди што веќе се подготвуваат десетици амандмани кои дополнително може да го отежнат носењето, но и функционалноста на законот:
„Законот е влезен во процедура, но повторно се собираат. Се прават амандмани по 20, по 30. Не политички туку онакви кои сакаат да ја сменат конструкцијата на законот. И тоа го прават разни интересни групи, мотивирани главно од фелата и од бизнисот. А законот е готов една година и е јавно објавен, беше на дискусии, се менуваше текстот повеќепати. Излегува дека никој не е задоволен, или најголем дел од засегнатите, чии забелешки се дека не сакаат да се менуваат работите. Тоа и донекаде е разбирливо, свесно или несвесно, бидејќи тие и не знаат за друго. Се снашле во сегашното решение и не знаат како е да биде подобро бидејќи тоа не го ни паметат. А се беше како што треба во законското решение од 2005 година, но потоа сè се уништи“, коментира Грчев.

Скопје во изминативе години доживеа огромни промени овозможени од честите измени и непочитување на законите

Невладините незадоволни

Во пресрет на собраниската расправа, јавно реагираат и дел од невладините организации. О2 иницијативата бара пред да се усвои законот, да биде одржана јавна расправа. Тоа велат дека не било направено, иако било дадено како ветување од страна на ресорниот министер за транспорт и врски:

„Министерот Горан Сугарески пред 4 месеци јавно вети дека ќе се организира јавна расправа помеѓу првото и второто читање на законот и сите забелешки и сè што е од интерес на граѓаните ќе биде прифатено. Воедно ги покани сите да дојдат на јавната расправа. Во однос на нашата реакција, Сугарески изјави дека штом го имало на ЕНЕР секој можел во државата да го види и да даде свои забелешки и мислења околу текстот на законот и дека екологистите (ние во случајот) сме можеле да реагираме со свои забелешки уште во август кога бил на ЕНЕР. За да биде јасно, предлог-законот за урбанистичко планирање бил поставен на ЕНЕР на 23 јули 2018 на јавен увид, во ек на летните одмори. Рокот за доставување на забелешки и мислења бил до средина на август.

Ние и во минатото и сега сме реагирале и барале од локалната и централна власт, јавните презентации, јавните анкети, јавните расправи, јавните увиди да не ги спроведува за време на летните одмори или празнични периоди. Сме рекле и тогаш и сега, ако сакате про форма да спроведете нешто и да не ја вклучите јавноста, ќе го направите тоа за време на летните одмори и празниците, како што беше направено и со овој предлог закон“, реагираат од иницијативата.

Ваквите забелешки според Грчев само непотребно ќе го одолжат и онака долгиот процес на носење на законот.
„Невладините стануваат и критикуваат и тоа е во ред. Но новиот текст е една година на стручни и јавни расправи. Се е транспарентно, за разлика од претходно кога измените ги гледавме откако ќе стапеа во сила. И сега, на тоа тивко му се поклонуваа, а на ова со едно погрешно однесување и со површна анализа реагираат од една општа и оправдана аверзија, бидејќи се работи за децениска злоупотреба. Но со погрешна атмосфера, со тивко ставање клинови, со бескрајно одложување на јавните процедури, се одлага во бескрај“, коментира Грчев.

Урбанистичкиот хаос низ годините предизвика сериозни проблеми за граѓаните

Прилагодување на надлежните

Текстот на Законот за урбанистичко планирање е обемен, близу 80 страници и е објавен на страницата на парламентот. Во него се предвидени големи промени кои според предлагачот носат транспарентност, инклузивност и отчетност. Самото усвојување наметнува и доста обврски за надлежните, па затоа е и вметната обврската за стапување во сила дури три месеци откако документот ќе биде усвоен од страна на пратениците. Во овој рок министерствата и другите надлежни институции ќе треба да се прилагодат, само да се направи на пример електронскиот отворен систем, кој ќе биде на услуга на сите физички и правни лица што досега беше незамисливо. Тоа е ставено како обврска во законот и без таа тој воопшто не може да се применува.

Урбанистичкиот хаос низ годините предизвика сериозни проблеми за граѓаните кои се мобилизираа, реагираа но најчесто се дискредитираа и тоа со политички квалификации. Преку ноќ се менуваа планови, се цртаа, се прошируваа маркички, се градеа споменици, објекти. Под сомнителни околности се делеа локации, се доделуваа државни земјишта под концесии. Промената на власта донесе одредени промени на локално ниво. Во дел од општините некои планови кои беа донесени на нетранспарентен начин беа укинати преку Уставниот суд. Во општина Центар на пример, локалната власт се реши за воведување на мораториум, додека се реши хаосот, што пак од друга страна предизвикува друг хаос и низа реакции на граѓани, но и компании кои се оневозможени да ги извршуваат планираните градежни активности.

Извор: DW

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото