За каква ЕУ се Европејците?

23.05.2019 15:48
За каква ЕУ се Европејците?

По назначувањето на функцијата претседател на Европската комисија во 2014 година, Жан Клод Јункер јасно стави до знаење дека не треба да се очекува прием на нови членки во ЕУ во текот на неговиот мандатен период. Тој период наскоро истекува. А таа изјава на Јункер одекна како ехо од тогашното засилено потенцирање на „заморот од проширувањето“ од страна на владите на ЕУ-членките, замор предизвикан, меѓу другото, и од големите проблеми со корупцијата и владеење на правото во Романија и Бугарија, на кои, гледано од аспект на сегашните мошне заострени критериуми за прием во членството, пред десетина години широко им беше прогледано низ прсти.


Јункер и неговата комисија лани сепак се обидоа повторно да внесат енергија во процесот на проширување и го повторија ветувањето до земјите во Западен Балкан на кои уште во 2003 година им беше ветено дека треба да станат ЕУ-членки, бидејќи без нив проектот на европското обединување би останал осакатен. Но тоа беше речено без оглед на реалноста дека тие обновени ветувања всушност не се потпираат врз сигурни показатели дека „заморот од проширувањето“ е надминат, или дека владите на ЕУ-членките изразуваат волја да издвојат нови милијарди евра за сиромашните и длабоко корумпирани балкански земји.


Многумина сега очекуваат дека исходот на изборите за Европскиот парламент ќе понуди нови перспективи околу дилемите за тоа колкава и каква ЕУ сакаат Европејците? Посебно кога станува збор за продлабочувањето на јазот меѓу, од една страна, оние кои на пристојна дистанца од граѓаните и избирачите работат за една заштитничка и секаде присутна Унија, и оние, од друга страна, кои попрагматично се држат пред сè до можностите на Унијата и ползата од неа.


Во еден поширок контекст на актуелната дебата, тие две групи се дефинираат и како ЕУ-идеалисти и ЕУ-прагматичари. Во таа смисла, овие ЕУ-избори всушност во преден план не би требало да се доживуваат (иако се случува токму тоа), како борба меѓу крајните екстремно националистички сили, обединети околу десничарско популистичките партии, и радикалните федералисти, најмногу препознатливи преку заложбите на францускиот претседател Макрон, туку како одмерување на односот на силите низ призмата на споменатата дихотомија – ЕУ-идеалисти и ЕУ-прагматичари. Европската унија, всушност, се наоѓа на крстопат, кога станува збор за нејзината улога и подрачјата на нејзината одговорност.

Развојот на ЕУ во многу нешта се темели врз политички компромиси, посебно во текот на последната деценија од 20-тиот век, кога пред сѐ Британците најмногу се залагаа Унијата да се базира врз соработката за слободна трговија, додека Французите претпочитаа Унија што ќе функционира како продлабочена соработка околу сите важни подрачја, од социјалната политика до одбраната. Приклештени меѓу тие две линии, Германците се залагаа за компромис прифатлив за сите, но и за поволни трговски услови за развиената германска индустрија.


По тој период на доближување на различните доминантни политички волји и гледишта во една нужна компромисна рамка, почетокот на овој век беше одбележан со период на ентузијастички ЕУ-сништа и планови. Тогаш се случува енормната експанзија на Унијата која се одвиваше мошне брзо. Најголемите политички групации во Европскиот парламент биле согласни во сфаќањето дека не постои цврста надворешна граница за тоа колкава би требало да биде ЕУ, или каква би требало да биде нејзината улога и влијанието што го има врз секојдневниот живот на Европејците.


Тоа е и период кога се зборува за можностите, при што големата експанзија на Исток и приемот на земјите од поранешниот источен комунистички блок, кои најпосле требаше да се обединат со браќата на Запад, беа означени како развој од епохално значење за континентот, но и како недоволно промислена, избрзана и ризична политичка одлука.


Унијата набрзо се соочи со дилемата и проблемите кои претходно не биле актуелни. Започнува слободното движење на работната сила, кое и денес трае со несмален интензитет, од економски слабите и неразвиени кон богатите западни и северни европски региони. Земји со мошне кратка демократска историја и обемна корупција требаше да се обединат во политичка соработка со земји со поинаква традиција и политичка култура и развиена социјална и економска структура.

Но и покрај проблемите, си чинеше дека ЕУ-идеалистите, доколку се погледне развојот на ЕУ во раните 2000-ти години, однеле победа. Сепак, во подоцнежниот развој, особено по Лисабонскиот договор, кој уште повеќе ги прошири подрачјата на одговорност на Унијата предизвикувајќи отпори во низа членки, изразени и како борба меѓу народот и политичката елита во Брисел, а како последица на разидувањето меѓу европските идеалисти и прагматичари, жртва беше и натамошниот прием на нови членки. Процесот беше запрен и под раководната палка на Јункер цементиран поради „заморот“ што го предизвика претходното пребрзо спроведено проширување.


Јазот меѓу спротиставените гледишта беше успешно исползуван од оние кои не ги споделуваат ниту визиите на ЕУ-идеалистите, ниту селективната приврзаност кон Унијата за која се залагаат ЕУ-прагматичарите. Меѓу десничарските популисти, кои во натамошниот развој на ЕУ гледаат само наддржавност и закани, и за кои се очекува да постигнат успех на претстојниве ЕУ-избори, не се заблежува промена на курсот во однос на проширувањето, како, на пример, кај лидерката на францускиот Национален фронт, Марин Ле Пен, која изнесува остри критики во однос на ефкетите на европските интеграции кон Исток.


Затоа, за навистина да се пресретнат и надминат заканите против ЕУ, неопходно е доближување и натамошен компромис меѓу идеалистите и прагматичарите, имајќи предвид дека и едните и другите барем се неподелени во оценките дека самиот чин на основање на Европската унија, и нејзината егзистенција, се вредни за да бидат одбранети од нападите на екстремниот национализам и популизам.


Процесот на проширување и прием на нови членки во ЕУ, во што и Македонија полага големи надежи, секако ќе зависи од доближувањето на овие доминантни линии во Европскиот парламент. Пред сѐ од волјата за натамошни компромисни решенија во премостувањето на јазот меѓу идеалистите и прагматичарите, кои извлекувајќи важни поуки од лекциите од минатото, ќе успеат да постигнат согласност околу разумни проекции за иднината на ЕУ и сѐ уште незавршеното – европско обединување.

Карикатури: Пираро
Извор: Плус инфо

ОкоБоли главаВицФото