Глувчешка петиција*

23.05.2019 20:30

Чуј, ти, молитва на пленик мал,
за слобода крик;
срце нек бие за створот клет
што испушта вик!

Напуштен и тажен седам јас,
зад решетки сам;
треперам болно в злокобен час
судбата ја знам.

Ако в гради слобода носиш
и ропство мразиш,
пушти го глувчето од пранги,
слободно да гази!

О, в крв немој да си го свалкаш
срцето златно!
Оти нема радост од таква
победа матна.

Оброк ми се од гозба трошки
фрлени штури;
ако твојто срце безмилосно
ми земе дури -

и воздух и светлина мила
со својата моќ;
за едно суштество ситно ќе
дојде вечна ноќ.

Ако в умот можеш да најдеш
милост кон сите;
тогаш сочувствително, чесно
ти минат дните.

Ако - ко што учат мудреци -
умот е оган,
и од форма на форма мине
а ист е, тогаш

внимавај црвот што го газиш,
братска душа има;
битие слично како тебе
удар ќе прими.

Ако животов минлив е сè
што ни е дадено,
милост во твоите гради нек
биде всадена.

Куќата полна со мир нека
везден ти биде;
а срцето нежно кон глувчето
мало што го виде.

Оти штом закана за луѓе
и глувци стигне,
некоја друга милост ќе треба
стапица да дигне.

Превод: Калина Малеска

*Песната му е упатена на теологот и научник Џозеф Присли. Според легендата, кога ја прочитал песната од Барбо, Присли го пуштил глушецот врз кој вршел експерименти.

Anna Laetitia Barbauld (1743 – 1825) - маркантна англиска поетеса која уредувала и пишувала и есеи, критика и детски книги.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото