Понижувањето на Јапонија

24.05.2019 01:12
Понижувањето на Јапонија

Јапонската делегација на Париската мировна конференција 1919 година

Првата светска војна ја воздигна Јапонија во сила од прв ранг меѓу светските нации. Царството профитираше од влегувањето во војната 1914 година на страната на Антантата, и против Германија, зајакнувајќи ја својата позиција на Далечниот исток и Пацификот1. На почетокот од мировната конференција, на 18 јануари 1919 година, двајцата претставници од Јапонија седеа во советот на петте главни победнички сили, на исто ниво со САД, Велика Британија, Франција и Италија. Конференцијата одржана во Париз и Версај, изработи дипломатски договори кои ја прекинаа Првата светска војна и воспоставија нов меѓународен поредок кој требаше да гарантира мирно решавање на конфликтите: Друштвото на народите (ДН).

Делегацијата на јапонската влада имаше две главни цели: преземање на германските територии и ингеренции во Кина (во провинцијата Шандунг) и на Пацификот (Маријанските, Маршалските и Каролинските острови), како и запишување на принципот за „еднаквост на расите“ во повелбата на Друштвото на народите која претставуваше прв дел од Версајскиот договор потпишан на 28 јуни 1919 година.

Откако ги сондираше Американците и Британците, јапонската делегација одлучи да се потпре на американската желба да се признае „еднаквоста на вероисповедта“. Предложи амандман на членот 21 од повелбата кој би прецизирал дека сите потписнички им признаваат „на сите држави членки на Друштвото на народите праведен и во секоја смисла еднаков тертман, без никакви разлики, во принцип или реално, заради нивната раса или националност2“. Британскиот претставник предложи дискусијата за деликатните теми како верата и расата да се одложи до некој момент во иднина. Најпосле, со тоа се сложи мнозинството од комисијата задолжена за изработка на повелбата на ДН и овој член беше исфрлен.

Јапонската делегација го зголеми бројот на преговорите со претставниците од САД и, згора на сѐ, Велика Британија, сметајќи го за сериозна пречка противењето кое го искажуваа доминионите на Британското царство3 кон нејзиниот предлог. И покрај сите компромиси кои ги предлагаа јапонските дипломати, и напорите на претставниците на владите на Канада и Јужна Африка да ги помират двете страни, австралискиот премиер Вилијам Морис Хјуз не го промени ставот. Овој заговорник за „бела Австралија“, според зборовите на очевидците, изјави: „Можам да им ја признаам еднаквоста на Јапонците како нација и како поединци. Меѓутоа, не ги прифаќам последиците кои би нѐ чекале кога би им ја отвориле својата земја. Не се работи за тоа дека ги сметаме за инфериорни, туку едноставно не ги сакаме. Во економска смисла тие би биле нарушувачки фактор зашто се подготвени да работат за значително пониски плати во однос на најнискиот износ кој го прифаќаат нашите сонародници. Неважно е дали лесно ќе се интегрираат со нашиот народ. Не сакаме тие да бидат во можност да се женат со нашите жени4.“

Австралискиот премиер Вилијам Морис Хјуз

Свет поделен помеѓу белците и оние кои не се белци

За да се разбере контекстот на овие дискусии и реалните намери на Јапонија, треба да се потсетиме дека крајот на Првата светска војна претставуваше врв на колонизацијата и моќта на белата Европа над остатокот од светот. Од крајот на 19 век, на колонијалната доминација над огромен дел од планетата беа додаени дискриминаторни мерки против небелците во земјите во кои мигрирале5.

Во САД, белите јужњаци се осветија за поразот во Граѓанската војна создавајќи систем на сегрегација. Калифорнија во 1854 година воведе нов данок за странци непогодни за натурализација, која беше резервирана за „белите, слободоумни луѓе“. Федералниот закон од 1882 година најпосле забрани влез на кинески работници во земјата. Нивниот прилив доведе до големи немири на западот од Канада и на Нов Зеланд. Владите воведуваа имиграциски даноци или тестови за познавање на јазикот. Во 1901 година Австралија усвои закон кој забрануваше населување на оние што не се белци.

Во Јужна Африка, колонијата Натал им го одзеде правото на Индијците да гласаат за своите претставници во парламентот, додека бројни закони го ограничуваа нивното влегување во земјата и на местата на кои можат да се населат; против таа огромна неправда се бореше младиот адвокат Мохандас Камарчанд Ганди. Доаѓањето на кинеската работна сила во Трансвал (една од четирите стари колонијални зони во Јужна Африка) 1904 година, предизвика жесток бунт на белите рудари заради кој владата им забрани влез на Кинезите.

После Втората бурска војна во која се бореа Британците и потомците на првите холандски колонисти (1899-1902), до помирување дојде преку низа дискриминаторни закони против црнците кои претставуваа основа за апартхејдот. Меѓу државите не се ширеше само дискурс и идеологија, туку и практични мерки на власта, како јазични текстови кои станаа главен начин за ограничување на небелечката имиграција. На овој начин планетата беше поделена на белци и оние кои не се белци и родена е замислената заедница која ги надминува националните граници.

Јапонската имиграција на Хаваи, а потоа и на северозападниот брег на САД, порасна значително во текот на 1880-те години. Калифорнискиот закон од 1913 година, со кој на Јапонците им беше забрането да купуваат земја зашто беа прогласени за странци неподобни за натурализација - што важеше и за Кинезите и Корејците - предизвика голем бес и дипломатскат криза во Јапонија6.

Јапонија, која штотуку излезе од режимот на „нечесни договори“ кои подразбираа екстратериторијални привилегии за западњаците, беше обземена од потребата себеси и на другите да им докаже дека сега е на исто ниво со нив. Според зборовите на јапонскиот конзул во Сиднеј 1901 година, царството не сакало неговите жители да се најдат во рангот на „Кинезите, Канаците, црнците, жителите на пацифичките осторви, Индијците и другите источни народи“. За да го избегне срамот од забраната за влез, Токио ги потпиша договорите за ограничување на јапонската имиграција со Австралија (1904), Канада (1907) и САД (1908)7. Дури и на териториите на кои прашањето за имиграцијата не беше актуелно - на пример во француска Индокина - владата се бореше нејзините државјани во транзит да добијат ист правен третман како и странците со европско потекло8.

Американскиот претседател Вудро Вилсон на Париската мировна конференција 1919 година

На последниот состанок за повелбата на ДН, јапонската делегација предложи, наместо посебен член, во преамбулата да се вметне „признавање на принципот за еднаквост на нациите и праведно постапување кон нивните државјани“. Оваа формула не го вклучуваше терминот „раса“, ниту експлицитно ја спомнуваше имиграцијата. Иако Италија и Франција останаа воздржани, британскиот претставник изрази страв дека таквото решение би го загрозило суверенитетот на државите членки. Американскиот претседател Вудро Вилсон изјави дека порадо не би го доведувал тоа во прашање во врска со создавањето на ДН. Потоа комисијата гласаше; за амандманот гласаа 11 од 17 делегати. Меѓутоа, Вилсон, како претседател на комисијата одлучи дека тој би можел да биде усвоен само едногласно.

Бидејќи прашањето за имиграцијата беше под јурисдикција на доминионите, и зашто единството на делегацијата од Империјата беше апсолутен приоритет, Британците не сакаа да ѝ противречат на Австралија. Вилсон се придружи на тој став, убеден дека поддршката на Лондон е клучна за успехот на ДН, чие создавање беше негова главна цел во Париз. Исто така веруваше дека формалното усвојување на расната еднаквост би предизвикало жестоко противење во американскиот Конгрес. Меѓутоа, и покрај неговата претпазливост, Сенатот во март 1920 година одби да го ратификува Версајскиот договор и САД никогаш не се зачленија во ДН.

Во текот на целата расправа, печатот во Америка и Британија остро ја напаѓаше Јапонија, обвинувајќи дека сака да ја олесни емиграцијата на своите државјани. Реакцијата на луѓето кои живееја под белечка власт беше интересна. Од почетокот на војната, американскиот црн интелектуалец Вилијам Едвард Бургарт ду Бојс ја гледше Јапонија како актер за освета на обоените народи: „Имајќи предвид дека за Франција и Англија се борат црни Африканци, темни Индијци и жолти Јапонци, можно е тие да излезат од овој крвав хаос со нова идеја за суштинска еднаквост меѓу луѓето9.“ Меѓутоа, Јапонците се ужаснуваа токму од таквото размислување.

Протестите во Кина

Повикот на Вилсон за поправеден меѓународен поредок предизвика возбуденост меѓу жителите на сите колонизирани територии10. Расната еднаквост која ја предложуваше небелечката сила разбуди голема надеж кај американското црно население11; печатот ентузијастично ја пренесе њујоршката средба помеѓу претставниците на оваа заедница и јапонската делегација на патот за Париз. Еден јапонски дипломат кој беше стациониран во Вашингтон неколку години подоцна зборуваше дека црнците го поздравувале на улица и дека некои дури му барале да им одржи говор12. Сепак, целта на Јапонија не беше еднаквост на сите раси. Нејзината власт се плашеше дека инфериорната положба на јапонските државјани ќе ја загрози позицијата на Земјата каде изгрева сонцето во идниот меѓународен поредок. Интересно е што во Јапонија - ни во дипломатските архиви, ниту во мемоарите на дипломатите - не може да се најде ни трага од оваа средба со црните Американци.

На почетокот, кинеската делегација го поддржуваше јапонскиот предлог. Еден од кинеските делегати на еден американски новинар му соопшти дека добива писма од свои сонародници од целиот свет, вклучувајќи ги и оние од големите американски градови, Јава, Јужна Африка и Австралија, во кои го молат да го поддржи јапонскиот амандман13. Односите на овие две делегации целосно пропаѓаат после барањето на Јапонија да го преземе Шандунг. И покрај отфрлањето на амандманот, Јапонија доби мандат од ДН над пацифичките острови одземени од Германија, и ги доби и германските овластувања над кинеските територии. Ширум Кина избија масовни демонстрации против Јапонија, мировната конференција и империјализмот, а кинеската делегација одби да го потпише Версајскиот договор.

Вилијам Едвард Бургарт ду Бојс

Предлогот за „расна еднаквост“ изнесен во Париз не успеа да ги прикрие вистинските намери на Токио кое во Азија спроведуваше политика на дискриминација кон Кинезите и Корејците. За време на конференцијата, во март 1919 година, народот во Кореја протестираше ширум својот полуостров, барајќи независност. Војската насилно ги загуши демонстрациите.

Политичката, дипломатската и интелектуалната елита во Јапонија беше свесна за односот на силите и западните интереси во играта. Новостите за неуспехот на јапонската иницијатива предизвикаа огромен бес кај јапонското население. Тој бес ќе се претвори во длабока омраза кон Западот, особено кон Англосаксонците.

Во текот на дваесеттите и триесеттите, идеолозите на паназијатизмот ќе го користат антизападниот ресантиман за да ја претстават Јапонија како жртва на белечкиот расизам. Тие ќе заговараат ширење на царството и ќе го критикуваат Друштвото на народите, од кое Јапонија најпосле ќе излезе - 1933 година14. Во декември 1948 година, новооснованите Обединети нации во првиот член на Универзалната декларација за човековите права ќе прогласат дека „Сите човечки битија се раѓаат слободни и еднакви во достоинство и права“.

Манцунума Михо е историчарка.

(1) Да се прочита: Кристијан Кеслер, „Le Japon, la Grande Guerre et Beethoven“, Le Monde diplomatique, февруари 2010.
(2) Шимацу Наоко, Japan, Race and Equality: The Racial Equality Proposal of 1919, Nissan Institute - Routledge, Абингдон и Њујорк, 1998.
(3) Држави членки на Британското царство со ограничен суверенитет.
(4) Емили Џозеф Дилон, The Inside Story of The Peace Conference, Harper & Brothers Publishers, Лондон и Њујорк, 1920.
(5) Мерилин Лејк и Хенри Рејнолдс, Drawing the Global Colour Line: White Men's Countries and the International Challengde of Racial Equality, Cambridge University Press, 2008.
(6) Жак Амалрик, „Comment les Etats-Unis sont deveuns la premiere puissance aslatique“, Maniere de voir, бр. 162, „Corees. Enfin la paix?“, на киосци.
(7) Наведено според: Мерилин Лејк и Хенри Рејндолс, Drawing the Global Colour Line.
(8) Мануцума Михо, „Casse-tete japonais, Conflicts diplomatiques en Indochine francaise au debut du XXe siecle“, Мonde(s), бр. 7, Presses universitaires de Rennes, 2015.
(9) В. Е. Б ду Бојс, The Crisis, vol. 9, бр. 1, Балтимор, ноември 1914.
(10) Cf. Ерез Манела, The Wilsonian Moment: Self-Determination and the International Origins of Anticolonial Nationalism, Oxford University Press, Њујорк, 2007.
(11) Cf. Марк Галикио, The African American Encounter with Japan and China: Black Internationalism in Asaia, 1895-1945, The University of North Carolina Press, Чепл Хил и Лондон, 2000; Реџиналд Кирни, African American Views of the Japanese: Solidarity or Sedition?, State University of New York Press, Албани, 1998.
(12) Шимомура Хиронори, Nippon gaiko hirouki, Asahi shimbunsha, Токио, 1934.
(13) Патрик Галагер, America's Aims and Asia's Aspirations, The Century Co., Њујорк, 1920.
(14) Cf. Семил Ајдин, The Politics of Anti-Westernism in Asia: Visions of World Order in Pan-Islamic and Pan-Asian Thought, Columbia University Press, Њујорк, 2007; Фредерик Дикинсон, World War I and the Triumph of a New Japan, 1919-1930, Cambridge University Press, Њујорк, 2013.

Извор: Le Monde diplomatique

ОкоБоли главаВицФото