Доверби

25.05.2019 12:19

седнува на масата и пишува
„со оваа песна нема да ја заземеш власта“ вели
„со овие стихови нема да ја кренеш Револуцијата“ вели

и освен тоа: овие стихови нема да му служат за
да живеат подобро да јадат подобро аргатите учителите
дрвосечачите или тој самиот да јаде живее подобро
нема да му служат да освои нечија љубов

нема да заработи пари со нив
нема да влезе во кино бесплатно со нив
нема да му дадат облека за нив
нема да добие тутун или вино за нив

ни папагали ни шалови ни чамци
ни бикови ни чадори нема да добие за нив
што се однесува на нив дождот ќе ги измокри
нема да добие прошка или милост поради нив

„со оваа песна нема да ја заземеш ноќта“ вели
„со овие стихови нема да ја кренеш Револуцијата“ вели
„ниту со илјада стихови нема да ја кренеш Револуцијата“ вели
седнува на маса и пишува

Превод: Марија Петровска

Хуан Хелман (Juan Gelman, 1930-2014) - аргентински поет и писател. Потекнува од семејство на руски емигранти, Евреи. Пишувал на шпански и ладино. Еден е од најценетите и најнаградуваните јужноамерикански писатели. Прогонет од фашистичките аргентински власти морал да живее во Мексико.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото