Американците од каменото доба

27.05.2019 00:25
Американците од каменото доба

Долго се веруваше дека американскиот континент бил населен пред 11.500 години, кога азиските и сибирските племиња, следејќи ги мамутите во лов, го преминале Беринговиот теснец кој станал прооден во леденото доба.

Според генетските анализи денешните индијански племиња навистина претставуваат директни потомци на азиските племиња. Меѓутоа, генетските анализи покажуваат дека денешните Индијанци се потомци и на други народи, односно дека азиските и сибирските племиња, пристигнувајќи на северноамериканскиот континент, таму затекнале постари култури. Ова е приказна за една од нив - Солутренската култура од северозападот на Франција, од каде доаѓаат потомците на Новиот континент.

Солутренската култура

Оваа култура го добила називот според местото Солутре во Франција. Им припаѓа на културите од доцниот палеолит и се смета за најразвиена култура на подрачјето на тогашна Европа. Својот врв го достигнала пред 17.000 до 21.000 години. Од околните култури се разликува по високиот степен на техника за обработка на орудија, а единствени се по изработката на врвови за своите копја во облик на лист од врба и по копјата со издолжена острица на едниот крај. Први ја сфатиле важноста на топлинската обработка на врвовите со која добивале посебна цврстина и без тешкотии ја пробивале мамутската кожа.

Врвовите на своите копја подоцна ги обработувале од двете страни така што добивале копја со две острици. Во тоа време ваква обработка не била забележана на ниедно друго место во светот - освен на американскиот континент кај палеоиндијанската култура Кловис!

Во средниот период од развојот на Солутренската култура наоѓаме и коскени игли со дупка какви што има кај инуитските племиња кои до денешни времиња го зачуваа својот традиционален начин на живот.

Бидејќи азиските племиња не познавале таква техника за обработка на врвовите, индијанските племиња не можеле да ја наследат од нив. Евентуално би можеле тоа да го наследат од Солутренската култура. Згора на тоа, изработката на врвовите толку се совпаѓа што дури е можно да се помешаат! Првиот кој го забележал тоа бил д-р Брус Бредли, археолог кој специјализирал оружја и орудија од каменото доба.

Староста на американските култури

И покрај оваа необична совпадливост долго постоел отпор за поврзување на овие две култури. Имено, заради недвосмисленото верување во исклучиво азиското потекло на Индијанците, повеќето научници не се обидувале да бараат докази за постоење човечка култура на американскиот континент пред тоа време. Сите ископувања прекинувале пред воопшто да се допре до подлабоките слоеви, сѐ додека Џим Адовасио од колеџот Мерсихрст во Пенсилванија не продолжил да копа во слоевите кои ѝ претходеле на културата Кловис и дошол до богатство наоди кои виле постари од периодот од 16 000 години пред Христос.

Првите знаци на оваа идеја се појавуваат уште 1933 година кога во Њу Мексико е пронајдено копје од културата Кловис покрај мамутски фосил кој бил постар од 11 500 години! Меѓутоа, научната јавност тогаш сѐ уште не била подготвена да го објасни овој феномен.

Наоѓалиштата на културите пред Кловис во најголем дел се наоѓаат на подрачјето на Северна Америка. Најпознати се Кактус Хил во Вирџинија и Мидоукрофт Рокшелтер во Пенсилванија, каде копал Џим Адовасио. Наоѓалиштето во Кактус Хил е значајно и затоа што таму се пронајдени примероци на врвови од копја стари 16 000 години, кои претставуваат алка помеѓу солутренската изработка и подоцна изработката во културата Кловис, заклучил Брус Бредли.

Во Јужна Америка истражувал Тим Дилехај од Универзитетот Кентаки и утврдил дека наоѓалиштето Монте Верде во Чиле било населено пред 12 500 години, што е далеку пред азиското населување.

Културата Кловис

Културата Кловис се појавува со доаѓањето на првите азиски племиња 9 500 години пред Христос и усвојува знаења од културите кои пред нив го населиле американскиот континент. Едно од тие знаења е и изработката на врвови за копја со мошне напредна технологија која влече потекло од подрачјето на денешна Франција. Културата Кловис ги опфаќала подрачјата на денешните САД, северно Мексико и југот од Канада, а од неа се развиле индијанските племиња во Северна Америка.

Уште една карактеристика јасно ги поврзува Солутренската култура и културата Кловис, а тоа се пронајдените засолништа со колекции врвно изработени врвови на копја кои често биле обоени со црвена земјена боја, што е единствено за овие две култури, иако значењето не е сосема разјаснето.

Сиве овие се показатели кои директно упатуваат на сосема поинаква историја од онаа која долго време беше општоприфатена. Овие нови сознанија го загрозија угледот на етаблираните археолози и ја разнишаа модерната индијанска заедница која исто така не ги прифати лесно. Том Дилехај и Џим Адовасио долго се обвинувани за подметнување резултати или барем за непрофесионалност, сѐ додека не се појавија нови докази од областа на генетиката за кои е заслужен Даглас К. Волис, раководител на Центарот за молекуларна и митохондриска медицина и генетика од Универзитетот во Калифорнија.

Последните генетски истражувања на индијанското племе Ичигуа од подрачјето на Северна Америка покажаа директна врска со типично европскиот генотип и тоа токму од времето на Солутренската култура. Исто така покажаа поврзаност со низа култури кои во бранови пред 30 000 до пред 15 000 години пристигнувале на американскиот континент, а Солутренската е само една од нив!

Шерон Бегли и Ендру Мур проучувале сочувани черепи од палеоиндијански племиња и се соочиле со сосема различни раси кои живееле непосредно една до друга.

Патот преку Атлантикот?

Како една европска палеолитска култура можела да изврши влијание на американските култури, кога, колку што е познато, ниедна развиена античка цивилизација не успеала да го премине Атлантикот?

Научниците го понудиле следното објаснување за овој феномен: периодот на процветот на Солутренската култура е време кога леденото доба било на својот врв. Во тоа време снегот ги потиснувал племињата во низините и подрачјето за лов станувало сѐ помало. Повеќето животни побегнале во потрага по храна. Истовремено поларната ледена капа се спуштила преку северниот Атлантик, а нивото на светските мориња било многу пониско зашто голем дел од водата се претворил во мраз. Истражувањата покажале дека племињата се насочиле кон риболовот пред заканата за изразен недостиг од храна, зашто тоа е начин на живот кој е ризичен и бара поврзување со одредено место на престој. Соочени со заканата од изумирање, дел од припадниците на Солутренската култура се впуштиле по ледениот и непознат Атлантик.

Атлантида

Можно објаснување на врската помеѓу американските и европските палеолитски култури би можела да биде легендарната Атлантида. Митовите и легендите за народите од двете страни на Атлантикот се преполни со приказни за моќната цивилизација на континентот помеѓу Европа и Америка. Тој континент по низа катаклизми исчезнал под морето. Преданијата зборуваат за стотици илјади години кои поминале од првата катаклизма до потонувањето на последниот остаток од Атлантида кој Платон го споменува во Тимај и Критја. Ако постоела Атлантида, тогаш врската помеѓу американските и европските култури би можела да биде со заедничко потекло на оние кои пред катаклизмите бегале на запад во Америка, односно на исток во Европа.

Нивната технологија и нивните орудија овозможувале изработка на мали отворени чамци. Врвната технологија за изработка на копја им овозможила да ги пренаменат во харпуни. Изумот на иглата ја овозможил изработката на непропустлива облека. Воедно, тоа се сите карактеристики кои се заеднички со Инуитите кои и денес живеат на овој начин и успеваат да преминат големи морски растојанија.

Во малите, дрвени чамци, со само неколку луѓе, се превезувале долг временски период, следејќи ја линијата на мразот на северниот Атлантик. По рибарењето излегувале на најблиската санта мраз. Чамецот можел да се заврти и да се претвори во засолниште од поларните ветрови и честите бури. По неколку месеци патување, мал дел од преживеаните доаѓал до североисточниот американски брег и оттука тргнувале во освојување на целиот континент.

Со нивното доаѓање и употребата на новото оружје кое го донеле се поврзува рапидното истребување на големите цицачи кои ги затекнале таму, на пример, мамутот, големиот мрзливец, големата црна мечка итн. Претпоставената реконструкција на нивното патување ја поставил Денис Стенфорд од Smithsonian Institution, проучувајќи слични потфати кај денешните Инуити кои не го промениле својот начин на живот со векови.

Да му се оспори на човек дека е способен да создаде сопствен пат преку пречките кои неминовно мора да ги пречекори, како што на Солутрените долго им беше оспоруван таквиот потфат, би значело да му се оспори храброста, издржливоста и иновативноста и на самиот човек.

Извор: https://nova-akropola.com