Замина Душица Жегарац, антихероината на југословенскиот филм

27.05.2019 01:53
Замина Душица Жегарац, антихероината на југословенскиот филм

Сè почна како невина детска игра. А заврши на бодликавата жица која остро ги повлекува границите, разделувајќи ја темнината на насилството и деструкцијата од светлоста на љубовта, човештината, создавањето и простувањето. Душица Жегарац, иконата на српскиот и југословенскиот филм, нè напушти во 75-тата година од животот. И со своето заминување остави голема празнина. Беше една од последните хероини со судбина речиси на работ.

Не знам поинаку да се изразам за човечкиот и творечкиот случај на Душица Жегарац, отколку со неспретни споредби со стварноста: да стигнеше до Холивуд, ќе зрачеше со енигматичност како Грета Гарбо, Ингрид Бергман, Марлен Дитрих... На балканскиот Црн бран беше предодредена да му вдахне душа и душичка на пролетерките со антички инстинкти, губитничките, десператните хероини на малата историја. Со експресијата на Душица Жегарац, дури и дното на соцреалистичките сламови (како во првото ремек дело на Живојин Павловиќ „Будење на стаорците“ од 1967 година) беше озрачено со жилава надеж.

Сопственичка на живи широко отворени и длабоки темни очи што трескавично ја впиваат камерата поголема од животот. Носителка на нежно тело со чудесна жилавост и пулсирачка, некако пригушена сензуалност. Беше припадничка на новиот бран пред францускиот нов бран, која во своите очи како да ги измислила Годар или Трифо.

Во 1960 година, како 16–годишна белградска тинејџерка ја забележал словенечкиот режисер Франце Штиглиц и се одважил да ѝ ја довери улогата на Рут, прогонета Еврејка за време на усташкиот режим во воениот Загреб. Станува збор за ремек делото „Деветтиот круг“ (номиниран за Оскар, во Пула освои Златни арени за најдобар филм, сценарио, главна женска улога, споредна машка улога, камера и музика, како и наградата од публиката „Јелен“), филм кој Штиглиц го работел како феноменална симбиоза на мелодрама и ноар, според сценарио на Зора Дирнбах.

Со ренесансно, старозаветно лице, а сепак некако со дадаистички израз, Душица Жегарац беше идеална антихероина за светогледот на „прашките ученици“, па очекувано, некои од своите најдобри улоги ги оствари во филмовите на Лордан Зафрановиќ („Окупација во 26 слики“), Горан Марковиќ („Вариола вера“) и Горан Паскаљевиќ („Посебен третман“, награда за споредна женска улога во Пула).

Беше неверојатно сензибилна душа, чувствителна на социјалните неправди, бунтовна, и не се помири со продолжувачите на експлоатацијата и теророт врз луѓето. Во животот и во своите ликови поголеми од животот трагаше по вистинско сочувство со ближните. „Постојат луѓе, навистина ретки, кои со самото свое постоење и начинот на кој постојат ја враќаат вербата во можноста за некој подобар и попаметен свет. Тие и такви луѓе, а Ранко беше еден од нив, ми помогнаа да се чувствувам помалку осамена и да ги преживеам оние другите што, за жал, ги има многу повеќе. Затоа тие луѓе се уште поскапоцени и повредни. Бисери во пустина. Блескаат во ѓубриштето во кое ријат свињи, не знаејќи дека нив нема да ги има, а бисерите ќе траат засекогаш и ќе зрачат со најчистата и најубавата светлина на светот – светлината на ѕвездите“, рече Душица Жегарац за Ранко Мунитиќ, кој ја напиша исклучителната монографија за неа „Душица Жегарац или црната дама со ѕвездена сенка“.

Овие нејзини зборови слободно можеме да ги употребиме и кога говориме за неа. Иконата Душица Жегарац нè остави во бескрајни долгови кон нејзината нежна и титанска уметност. Нејзини сме вечни должници.

Извор: Telegram.hr