In-your-face концептуална уметност

27.05.2019 09:06
In-your-face концептуална уметност

 

  Концептуалната мултимедијална млада уметница Марија Ангеловска е изразито храбра и детерминирана личност способна да ги препознае потенцијалите на секоја интернет платформа (конкретно користејќи ги можностите понудени од социјалната мрежа Инстаграм) и да ги употреби нивните непресушни извори на материјали за работа. Станува збор за авторка која ја „закачува“ својата уметност во виртуелниот простор, каде прави симултана културна апропријација на знаењата од минатото и сегашноста, во сижејно врзан темат од фотографии кои раскажуваат за дијалогот меѓу телото и невидливите гранки на системот. Нејзината прва самостојна изложба „Ова објективизирано тело“ беше вистинскиот шок бран потребен за да отпочне еден фестивал за феминистичка култура и акција како што е Прво па женско и да се размрда Скопје.

Зборувајќи општо, за целокупниот уметнички профил на Марија, треба да се каже дека таа црпи инспирација буквално од сè и е отворена кон постојани технички промени, менување на сцената, реквизитите и постапките за очудување на сопственото тело. Нејзината уметност е во постојан тек со новите (интернет) трендови. 



 По серијал фотографии од телото во бањата, од личниот простор, можеби и најискреното место во домот, во последните триптиси таа го префрла субјектот во непознатото и заматено опкружување. Од конкретно, затворено место во домот, телото е преместено во географски непостоечки регион кој допринесува во креирањето на илузијата на (општествено) посакуваниот и совршен телесен изглед. Во таа смисла, општата трансформација на поставеноста на жената (од извиткана или собрана положба) до исправена (со раширени раце) позиција, е постепено, естетско обликување на женските – тело и хроно-тело-топ.

Оперирајќи со политичкото секојдневие и секојдневното политизирано, уметницата ја проучува современата комуникација меѓу двајца или повеќе непознати, од каде го извлекува она коешто многумина не можат, не смеат или не сакаат (јавно) да го кажат (Want me to lick your pussy for art? /You are already doing more than enough for art.).

Признавајќи ја сопствената привилегија да се образува и смело да се искажува, таа ги мапира озаконетите цензури и злоупотреби, кои се однесуваат на (не само женското) тело, во и вон електронскиот свет, за да пронајде слободен начин за општо изразување на сензуалноста и сексуалноста. За да го порази шизофрениот систем на (дневно нови и нови) забрани, уметницата флуоресцентно го осветлува или пренагласува она што филтрите го детектираат како Друго, ексцентрично, опасно или срамно, притоа преземајќи ја моќта во свои раце, не дозволувајќи му на гледачот или пак, на системот, да се обиде да го објективизира нејзиното тело (I think I’ve never seen such gorgeous facing features in my life… My god! What are you? / -Photoshopped.).

Така, врзувајќи ги „сомнителните“ точки во парови, таа создава констелација од елементи кои внимателно ги проблематизираат родовите нееднаквости, привилигиите, (не)удобноста во сопственото тело и неговивиот статус, и кои конечно го опоменуваат пореметениот, а навидум сезнаечки, онлајн свет, за неговата неспособност да ја препознае однатре воспоставената полова сегрегација. Со умисла или не, делата на Марија се непокајни и дрски, in-your-face отсечоци од нашето секојдневие, кои се провокативни и кои шокираат, непоколебливо зборувајќи за канџите на регулаторниот виртуелен свет, за чие ослободување треба да се бориме.

 



 „Нема да зборувам. Доколку сум присутна, ќе настапам со перформанс.“ – одлучно реши Ангеловска уште пред почетокот на изложбата, одбивајќи ја идејата за стандарно отворање на настанот. Продолжувајќи во истиот манир од претходно, со провокативната енергија од нејзините фотографии, таа не им дозволи на гледачите да останат пасивни. Користејќи ги ресурсите на располагање (како во директната комуникација со корисниците на електронските платформи), уметницата не ја пропушти шансата да ги предизвика посетителите на нејзината прва самостојна изложба со зборовите „покажи колку ти пречи“, соблекувајќи се и седнувајќи пред нив за тие јавно да ја депилираат.

Изложбата насловена „Ова објективизирано тело“ во секоја смисла претставуваше земање на моќта назад во рацете на уметницата, со тоа што, покрај перформансот и фотографиите, беа поставени и две инсталации (одвоени со ѕид) исто така наменети за комуникација со посетителите. Поставени на средина од галеријата, во која одекнуваа типични звуци од една бања или тоалет, инсталациите беа одвоени од останатиот простор со транспарентна завеса за туширање, која овозможуваше постојана видливост на она што субјектите го правеа внатре, зад неа. Заградениот простор беше единственото место кое дозволуваше фотографирање или правење селфи (со тоа што во едната преграда имаше огледало за посетителите, додека во другата течеше документарен краток филмуван запис од уметницата).

 



 Овој простор во простор доби ефект на постепено просторно воведување на гледачите во изложбата (како и во нејзиниот интимен свет) кое таа го координираше, од аудитивната атмосфера до местото каде тие можеа да (се) фотографираат и да набљудуваат, како и ефект на временско пресекување на отворањето на изложбата со ненадеен перформанс кој го прекина „нормалниот“ след на активности и гледање на делата.

Од друга страна, оградите или слоевите во галерискиот простор беа практично олицетворение и пародирање на општествените надзор и казна, така што целата изложба започна и остана да биде под активно набљудување на самата телопоседничка која ги создаде и насочи каналите за негова перцепција, симултано освестувајќи ги присутните за нејзиното телоспознание и телопоседништво. Преземајќи ги средствата за спознавање, Марија ја презеде и моќта за објектифицирање назад кај себе.

Конечно, случајно или не – отворањето на изложбата на Марија се случи на 9 мај, на денот на победата над национал-социјализмот, односно радикалниот национализам, ксенофобијата, родовата репресија итн., на кој таа ги претстави влезовите за различни идни стратегии за активно дејствување на уметниците, и културните работници, во виртуелниот свет и воопшто – секаде.

До нејзината следна изложба, Марија Ангеловска може да ја следите на нејзиниот Инстаграм профил @marijangelovska и на нејзината веб-страница.

 

Извор: Тиииит!Инк.

Фотографии: Александра Костадиновска, Драгица Николовска.

Слични содржини

Активизам / Фотографија / Уметност

ОкоБоли главаВицФото