Европа уште не пропаднала

27.05.2019 12:20
Европа уште не пропаднала

Ако сте Стив Бенон и склони да учите, поуката од штотуку одржаните избори за Европскиот парламент би морала да биде дека не знаете многу за Европа. Да, Славини добро помина во Италија, но демократите се зацврстија. Ле Пен освои повеќе гласови и пратеници од Макрон, но помалку отколку пред пет години. И секако не може да победи ниту на парламентарните, ниту на претседателските избори. Слично е со Фараж во Велика Британија, затоа што не ја зголеми поддршката и покрај малата излезност. И тоа е тоа. Се разбира, тука се Орбан и Кучињски и ниската излезност во поранешните социјалистички држави, но тие секако нема да ја променат Европската унија.

Изгубија конзервативците и социјалистите, а посилни станаа зелените и либералите. Со значително поголема излезност што веројатно е најзначајниот резултат од овие избори. Тоа ќе предизвика тешкотии при изборот на членовите на Комисијата и сите останати клучни позиции во Унијата. Но, поважно од тоа е што резултатите од изборите треба да поттикнат реформи од кои, всушност, зависи и опстанокот на Европската унија.

Првичните коментари укажуваат на расцепканост на Парламентот. Но тоа всушност би требало да е очекувано, бидејќи станува збор за пропорционален изборен систем. Во него, коалициите се склопуваат по изборите, а не пред нив, како во случајот на мнозинскиот изборен систем. Ова понекогаш ги збунува набљудувачите на британските избори, зашто Брегзит партијата, да беше мнозински изборен систем, кој се користи во Британија, би освоила убедливо мнозинство, да речеме во Вестминстер. А всушност резултатите, особено ако се земе предвид ниската излезност, говорат за поддршка на мнозинството од членството за Обединетото кралство во Европска унија.

Конечно, оставајќи ги деталите за подоцна, релативниот неуспех на социјалистите и конзервативците укажува на проблемите со кои се соочуваат партиите со класни и национални програми. Социјалистите не се доследни интернационалисти, додека националистите, умерени или не, меѓусебно тешко соработуваат. Така, социјалната Европа и Еврропа на нациите, или двете заедно, нема што да понудат за европските реформи. Веројатно може да ги стопираат – што е клучен предизвик за целото проевропско движење.

Извор: Peščanik