Добри вести за Македонија

27.05.2019 12:58
Добри вести за Македонија

Изминативе пет-шест дена се важни за македонската внатрешна политика. Вестите се добри.

На пример, Павле Богоевски, за еден контроверзен и релативно наивен инцидент, доблесно си поднесе оставка пред колегите од опозицијата во кои збирно лежи, по слободна проценка, меѓу 50 и 100 години затвор за сомневањата за кои двоцифрен број од нив поединечно се обвинети за тешки кривични дела – иако нив мува не ги лази! Ликуваат за Павле, седнати со поднаполнети морално-политички памперси во своите одамна дискредитирани пратенички мандати.

Понатаму, Северна Македонија, откако се заврши постапката во тамошниот Конгрес, и официјално го доби новиот американски амбасадор во земјава, г-ѓа Кејт Мери Брнс, чија биографија ветува дека добиваме вистински експерт за нашата внатрешна и регионална политика – меѓу другото, жената течно зборува и унгарски и турски јазик, што значи дека ги има совладано рецептите и за гулаш и за турли-тава во овдешнава политика. Па сега вие видете.

А во Европскиот парламент, пак, со сите поместувања и раситнувања и на лево и на десно по изборите во 28 земји (со голема излезност од над 50% од гласачите, како потврда за европската демократија), според првите пост-изборни проценки, про-европските сили задржаа огромно мнозинство со над две третини од членовите на Парламентот, и тоа со најголема поддршка од младите Европејци. Се чини дека „распадот на ЕУ“ ќе си остане фејсбук-забава за овдешниве национал-популисти конзервирани во своите заговорнички канта-тропај теории. Европските популисти и крајните десничари се реалност, во некои земји (како Унгарија, Франција и Италија) поголема, во некои помала, но нивните гласни и агресивни пораки потфрлија наспроти јасната мобилизација на оние кои Европа ја гледаат како заеднички дом, желни за поголема стабилност во прогресивните промени, со свест за климатските промени и за еднаквост на сите нејзини граѓани. Да, да, и со Брегзит се претера, бидејќи и таму, вкупно пресметано, победија гласовите на оние кои се за останување на Британија во ЕУ.

Конечно, „чистката во СДСМ“! … Ако сум добро информиран, сите потпретседатели и секретари на партијата самите им ги понудиле своите оставки на Заев и Шеќеринска, неколку дена пред заседанието на партискиот Централен комитет, паралелно со менувањето на сите општински партиски претседатели. Тоа ја „затворило“ дебатата за единството во партијата уште пред таа и да се отвори. Најдобрата потврда за тоа е – што таа вест не „протече“ во јавноста до моментот на верификацијата на нивните оставки. Чудо невидено!

Оваа радикална и малку задоцнета внатрешно-политичка операција на Заев му остава сосема „одврзани раце“, нешто како тениски „адвентиџ“ за брејк во последниот гем од петтиот сет, во преговорите за реконструкцијата на Владата, од министрите па надолу. Колку што слушам, добро е што тие преговори, пред сè со ДУИ, се водат и со помошен превод на англиски јазик, претпоставувам за конечниот „записник“ од реконструкцијата да биде мазно усвоен од сите засегнати страни.

Но, Заев и Шекеринска ја дигнаа прилично високо општата политичка „летвичка“ со масивната операција за кадровска реанимација на СДСМ. Што се случува кај другите?

Необична е можноста која со реформата на Владата му се укажува на Али Ахмети да спаси нешто и од својот нарушен углед во јавноста, кога веќе нема сила која може да го мрдне од неговата претседателска партиска функција. ДУИ и Ахмети се како Либија и Гадафи – се помести ли Али од челото на партијата, се распадна Либија на меѓусебно завојувани племиња кои никој повторно не може без примена на сила да ги состави. СДСМ, на своја политичка штета и поради собраниската мнозинска математика, му ја овозможува платформата на Ахмети и тој да фати некаков „последен воз“ за да ја подзамете и сопствената кадровска структура. Дали тоа ќе се случи? Одговорот не го знаеме, но тоа прашање за ДУИ е релевантно можеби само уште до наредните избори идната година. Потоа ќе им биде сеедно.

За среќа на СДСМ, најголемата опозициска партија, заглушена од вревата на својата не-се-знае-зошто триумфалистичка пропаганда, спие на двете уши по низот изборно-референдумски разочарувања и порази, без да мрдне со малиот прст за некаква сопствена внатрешна реформа. Неверојатно! Напротив, упатствата од Будимпешта се за обединување на сите прислушувани партиски функционери – кои, патем, поради тоа што ТОКМУ ГРУЈО со години ги прислушувал додека беспоговорно му ги извршувале криминалите, ќе си одат в затвор. Доследни во глупоста на сопствената лојалност, не се трудат ни своите кожи да си ги спасат во судските постапки во кои се заглавени. Дал’ да ги жалиш, ил’ да ги плачеш?!

Човек навистина да се посомнева дека овие од СДСМ намерно испраќаат некомплетни документи за да не се објави меѓународната потерница за Груевски преку Интерпол… Клевер.

Како што реков, таква недела се погоди, добри се ова вести за Македонија…

Слики: Pawel KUCZYNSKI
Извор:
Цивил медиа