Креативни нарушувања во здравството и образованието

27.05.2019 23:33
Креативни нарушувања во здравството и образованието

Често се случува владите повеќе да сакаат да инвестираат во физичката инфраструктура, како што се патиштата, мостовите и аеродромите, отколку во човечкиот капитал, преку канали како здравствената заштита, образованието, доквалификациите и преквалификациите. Ова може да биде добра политика, затоа што им овозможува на лидерите да достават конкретни, видливи резултати во текот на неколку години. Но, најдобриот начин да се осигури дека економиите растат и напредуваат долгорочно е преку обезбедување добро здравство и образование за граѓаните.

Со континуираното напредување на технологијата, на владите им станува сè полесно да ја остварат оваа цел. Додека Четвртата индустриска револуција трансформира некои сектори (особено производството) и создава нови области (како што се роботиката, 3Д печатењето и автономните возила), таа истовремено овозможува нови пристапи кон здравствената заштита и образованието.

Технологијата веќе се покажа како ефикасна за намалување на трошоците, проширување на пристапот и подобрување на квалитетот во областа на образованието и во здравствената грижа. Интернетот и мобилните комуникациски технологи им овозможија на малубројните медицински специјалисти да се посветат и на пациентите во оддалечени места со помош на теле-медицина и го олеснија подемот на универзитетските кампуси за учење на далечина, овозможувајќи им на учениците од целиот свет пристап до професори кои претходно биле достапни само на оние во поголемите градови или на универзитетските кампуси.

Многу поединци во развиените земји почнаа да носат часовници и белезици кои ја мерат нивната активност, срцевиот пулс и квалитетот на спиењето. Со стекнување поголема свесност за нивната физичка состојба, ваквите помагала ги поттикнуваат луѓето да стекнат поздрави навики, со што потенцијално може да го намалат ризикот од хронични заболувања, за кои заболувања се одделува најголемиот дел од трошоците за здравствена грижа ширум светот.

Но, овие уреди имаат уште поголем потенцијал за подобрување на здравјето, а денешните иноватори користат најсовремена технологија за да ги надградат овие успеси. За разлика од традиционалната евиденција за пациентите, што се чуваше во посебни лекарски ординации, податоците што ги собираат ваквите „уреди што се носат“ се собираат на едно место и се анализираат. Ова може да ја подобри дијагностиката, истовремено помагајќи да се компензира недостатокот на вештини на медицинските пазари на трудот.

Компанијата „Трајког“ од Сингапур, на пример, има развиено алгоритми за читање на електрокардиограми, означувајќи ги проблематичните случаи за лекарите. Оваа технологија за зголемување на ефикасноста која им овозможува на лекарите да започнат со третман за неколку минути, наместо за неколку часови, веќе се покажа корисна во Индија, каде што болниците често страдаат од недостаток на обучени кардиолози.

Анализата на големи податочни множества и машинското учење, исто така, овозможуваат поголема персонализација на здравствените услуги. Меѓу другото, овие технологии можат да помогнат во лекувањето на непреносливи болести како што се дијабетес и рак, кои брзо стануваат најголем предизвик во здравствената грижа со кои се соочуваат новите економии.

Слично на тоа, иноваторите во онлајн учењето, што претставува сектор од 165 милијарди долари кој се зголемува за 5% годишно, користат нарушувачки технологии како на пример вештачката интелигенција, за да развијат напредни алатки за подучување и да ја подобрат персонализацијата. На пример, “BYJU’S”, што е апликација за учење и клиент на Меѓународната финансиска корпорација (IFC), ги искористи новите технологии за да овозможи високо-квалитетно подучување по математика и природни науки за учениците од предучилишна возраст, основно и средно училиште, кои на друг начин не би имале можност за вакво подучување, бидејќи живеат во оддалечени области или имаат ограничена подвижност.

Во високото образование, платформите за отворени онлајн курсеви кои овозможуваат масовен пристап (МООC) ја нудат флексибилноста која им е потребна на работниците за да продолжат со доживотното учење кое се бара од пазарот на труд во дваесет и првиот век. Една таква платформа е “Coursera” (исто така клиент на IFC), која соработува со универзитети и други организации и онлајн курсеви.

Откако започна со работа во 2012 година, “Coursera” работеше напорно за да се прошири и во земјите во развој. До 2015 година, речиси половина од претплатниците на платформата доаѓаа од пазарите во развој. Како и другите MOOC платформи, бизнис моделот на “Coursera” продолжува да се развива; неодамна додадоа и услуги за доквалификација и преквалификација за претпријатија, а на тој начин се зајакнува партнерството со традиционалните институции кои се базираат на кампуси, со цел да се развијат онлајн дипломи.

Пред шест години, кога IFC, со цел да мобилизира рана финансиска поддршка за стартап компании, нудејќи производи релевантни за пазарите во развој, ги направи првите чекори во светот на EdTech (едукативна технологија), патот кон комерцијална одржливост не беше воопшто лесен. Сега, сепак, EdTech компаниите успешно развиваат профитабилни, бизнис модели соодветни за бизниси од различни големини кои можат да се применат и на други места.

На пример, од своето основање во 2011 година, “BYJU’S” стана главен глобален играч со повеќе од два милионa претплатници, 30 милиони преземања на апликации и вредност од над 5 милијарди долари. Додека соработуваме со приватниот сектор за затворање на празнините во пристапот до квалитетна здравствена заштита и образование во економиите во развој, ваквите успешни приказни нудат корисни модели.

Се разбира, користењето технологија за трансформирање на образованието и здравствената грижа носи одредени ризици. Заштитата на приватноста на евиденцијата на пациентите и резултатите од тестовите на учениците мора да бидат главен приоритет. И никој не треба да мисли дека дијагностичките алатки кои работат со помош на вештачка интелигенција ќе ги заменат лекарите, или дека oнлајн платформите за учење ќе ги заменат наставниците, особено кога станува збор за развивање на социо-емоционални вештини кои во иднина ќе бидат потребни на пазарот на труд.

Сепак, потенцијалните придобивки од нарушувачките технологии за раст на економијата, за одржливост и благосостојба на човекот едноставно се преголеми за да се пропушти оваа прилика. Мислејќи на придобивките од денешните инвестиции во овие области, особено за новите економии, несомнено е дека е исплатливо да се преземат ризиците.

Стефани фон Фридебург е главен оперативен директор на Меѓународната финансиска корпорација, членка на Светската банка.

Извор: Project Syndicate