Соларната еклипса на Талес или за денот кога се роди науката

28.05.2019 01:43
Соларната еклипса на Талес или за денот кога се роди науката

28 мај, 585 година пред нашата ера. На западниот брег на Мала Азија, во градот Милет, мудрецот Талес втренчено зјапа во небото. Нервозен е. Го облева студена пот. Сепак не губи надеж. И натаму без престан гледа кон небото. Одеднаш, иако е сè уште ден, градот како да почнува да тоне во морничава темнина. Талес се смешка. Паѓа целосен мрак. Шест минути и четири секунди не се гледа прст пред око. Знаеше! Знаеше дека сонцето ќе се помрачи! Точно предвиде дека среде бел ден ќе стане ноќ! Го предвиде помрачувањето на сонцето и беше во право!

Во исто време, во источна Мала Азија, некаде покрај реката Халис, војските на лидискиот крал Алијат бијат жестока битка со војските на Кијаксар, кралот на Медија. На Лидијците и Медијците оваа битка им е којзнае која по ред. Веќе петта година војуваат со променлива среќа. Истоштени се. Одеднаш, иако е сè уште ден, бојното поле го покрива целосен мрак. Шест минути и четири секунди не се гледа прст пред око. Војниците се вомјазени и престрашени. Ова мора да е некој знак од боговите! Ако не им излеат жртва и ако не престанат да војуваат, уште којзнае што ќе ги снајде! Веднаш ја прекинуваат битката, им излеваат жртва на боговите и склучуваат мир. Каков што е обичајот кај овие народи, за да го запечатат мирот, Алијат и Кијаксар си ја засекуваат кожата на рацете и еден од друг си лизнуваат од крвта што им протекува. Свесни дека дури ни најцврстите договори не опстојуваат без блиско сродство, Алијат му ја дава на Астијаг, синот Кијаксаров, ќерка си Ариенида за жена.

***
Прекинот на војната меѓу Лидијците и Медијците до кој дошло поради помрачувањето на сонцето е посведочен од Херодот, таткото на историјата (Херодотова историја, I, 74). Во современата историографија битката што била прекината поради соларната еклипса е позната како „битка на еклипсата“ или „битка кај Халис“. Самата соларна еклипса, пак, која, според Херодот и според други антички автори, била претскажана од старогрчкиот философ Талес од Милет, едниот од седумте мудреци, во астрономијата е позната како „Талесова еклипса“. Се смета дека се случила на 28 мај 585 година пр. н.е. Како Талес предвидел дека ќе дојде до помрачување на сонцето никому не му е јасно.

Битката на еклипсата, според Исак Асимов, е првиот историски настан што може прецизно да се датира; денот, пак, на кој Талес претскажал дека ќе дојде до помрачување на сонцето, според Асимов, е денот на којшто се родила науката.

Vivat et floreat scientia!

Слика: Овој постер со Талес од Милет можете да си го купите на Амазон за 16 долари. Уште подобро е да си прочитате нешто од Талес. Дел од фрагментите што сведочат за неговата философска мисла се преведени уште пред дваесетина години од академик Витомир Митевски во книгата Почетоци на западната философија: претсократовци. Книгата чини многу помалку од 16 долари.

Слични содржини

Книжевност / Историја
Историја
Историја
Книжевност / Наука
Историја
Спорт / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото