Интересно време на 58. Венециско биенале

28.05.2019 13:59
Интересно време на 58. Венециско биенале

Од покривот на меѓународниот павилјон во Џардини, каде е поставена главната изложба на кураторот Ралф Ругоф, се издига бел чад па изгледа како зградата да гори. Врвулицата луѓе подзастанува прашувајќи се дали е вистински или се работи за некое уметничко дело. Оттаму излегува една бремена жена со нагласена шминка и драматично застанува пред влезот на павилјонот. Сепак не е пожар. Уметност е. Малку понатаму, војници вооружени до заби со кучиња го обезбедуваат отворањето на израелскиот павилјон, над градината ниско кружат хеликоптери.. Идиличните венециски Џардини каде се распоредени 22 национални уметнички павилјони во првите три дена на отворањето на 58. ликовно биенале не се мирно и безбедно место, исто како и светот.

Војни, страшни последици од климатски промени, бегалците, сиромаштијата, кршењето на човековите права се дел од преокупациите и на главните изложби во Арсенале и во Интернационалниот павилјон во Џардини, но и на некои од националните претставувања, сосема соодветно на главната тема на Биеналето: „Да живееш во интересни времиња“. Оваа најголема и најстара ликовна манифестација во светот, годинава, е уште поголема бидејќи учествуваат најмногу досега – 90 национални павилјони и се случуваат 21 придружен настан.

Македонскиот павилјон е сместен во прекрасната венециска палата Тота Иванович, во близина на познатиот плоштад Сан Марко. На денот на отворањето, 8 мај и на македонскиот павилјон и на целото биенале, врне непријатен дожд. Но во палатата е раздвижено и едвај можеш да се разминеш со многубројните гости, повеќе од 400 на број. Дел од возбудата на отворањето е и најавената дискусија на која учествуваат некои од најеминетните теоритичари на денешницата како Шантал Муф, Маурицио Лазарато, Чарлс Еш, потоа Лаура Рајкович, модераторот Влад Морариу, како и нашиот Артан Садику. Насловот на целиот проект на годинешната македонска претставничка на Венециското биенале, Нада Прља е „Субверзија во црвено“. Нејзините дела се распоредени во неколку простории на палатата, а посетителите можат да видат и снимка од двоиполчасовната дискусија што се одржа вечерта на отворањето.

„Се потврди како правилна мојата цел да организирам посуштинско и поесенцијално отворање, кое ќе биде спротивно од вообичаената пракса на отворање на павилјоните со безбројни испиени чаши „Просеко“ и изедени канелони. Мојата идеја беше на посетителите да им понудам дискусија помеѓу врвни мислители во светот на уметноста и теоријата на политиката, кои зборуваа за иднината на светот, иднина што е инспирирана од теории кои веќе беа подзаборавени, неупотребливи, но кои во себе носат голема моќ. Интересот беше огромен, во просторијата кадешто се одржуваше дискусијата не не ги собираше сите посетители. Дел од публиката беше и во останатите простории на изложбата, каде се презентирани делата инспирирани од нашите големи автори - Грабуловски, Лазески, Николоски“, вели Прља.

На отворањето говорат Мира Гаќина, директорката на Музејот на современа уметност кој е носител на македонското претставување во Венеција, кураторката Јованка Поповска, Роберт Алаѓозовски, национален координатор за култура во владата и министерот за надворешни работи, Никола Димитров кој, отворајќи го македонскиот павилјон, го резимираше значењето на македонското учество на оваа манифестација: „Посебно сум горд што Република Северна Македонија е меѓу 90-те национални учесници на овој светски уметнички настан од највисок ранг. Низ годините, уметниците се покажаа како едни од нашите најдобри амбасадори. Сигурен сум дека тоа ќе биде потврдено и годинава“.

Но, за што всушност се работи во проектот на Нада Прља? Освен што изложбата се отвори со дискусија на познатите теоретичари за левичарските политички опции, па и за марксизмот. Дискусијата всушност ги мапираше проблемите на денешницата како што е постколонијализмот, односот кон мигрантите, можноста за револуција, левицата, како и на уметноста (улогата на музеите, „кои, исто така, создааат антагонизми во јавната сфера“ – Шантал Муф). А учесниците низ жестока дебата зборуваа за можните излезни стратегии од сегашните услови на социјална несигурност и експлоатација, преку дефинирање на алтернативни услови за „интересното време“ во кое живееме. (Иако Артан Садику истакна дека да се наслови така оваа гломазна и скапа венециска манифестација е навредливо за луѓето во Газа, Сирија и слични места).

„Проектот ја редефинира идејата за комунизам, разбран како алтернативна колективна организација и нови еманципаторски политики кои ќе се спротивстават на сегашната пазарна логика мотивирана од профит. Лојалноста кон идејата за социјалистичко минато значи малку доколку не го поврземе со ситуацијата на антагонизмите со кои денес се соочуваме“, вели Јованка Попова, куратор на проектот. Исто така, делото е инспирирано од колекцијата и културното наследство на Музејот на современата уметност во Скопје. Прља во него пронаоѓа сведоштва за понаков однос меѓу уметноста и политиката, не помалку комплексен од денешниот и реконструира форми и односи кои би требало да ни отворат потиснати сеќавања, за да се препознаеме и себеси во нашето време.

Дали целта е постигната со „Црвеното“ на Венециското биенале да се предизвика субверзија и да се влијае врз погледот на иднината? Според првичните реакции – да. Онлајн скандинавското списание за уметност „Kunstkritikk“, поставувајќи теза дека делата на главните изложби во Арсенале и Џардини страдаат од недостаток на критичност: „Ова е повеќе посткритичка отколку постконцептуална изложба“, ликовната критичарка Ким Вест го истакнува токму македонскиот павилјон и делото на Прља како „храна за интелектуално гладните посетители“. Проектот „Субверзија во црвено“, е распореден во 6 простории во палатата од 17-от век, Рота Иванчич и вклучува слики, скулптури, видео и објекти, меѓу кои и црвената маса на која се одржа „Црвената дискусија“ и на која се напишани клучните зборови на учесниците.

„Во импресивниот павиљон на Република Северна Македонија, Нада Прља директно се занимава со прашањето на современите предизвици и можности на критичката традиција, низ изложбата „ Субверзија во црвено“, која се обидува да ја обнови политичката историја на ѕидното сликарство, од доцната социјалистичка ера во Скопје. Низ просториите на палатата Рота Иванчич во Венеција, Прља, меѓу другото поставува слики, преку кои се пресоздадени и реставрирани детали од муралите на Борко Лазески, од 1981 година, од тогашната главна Пошта во Скопје“, пишува во текстот во „Kunstkritikk“ . И точно делото на Прља, не само што е разговор со минатото, туку и поставува прашања за тешките теми на Европа и на светот.

Но, изложбата не завршува во првите три дена пред официјалното отворање, наменети за стручната јавност ( годинава биле издадени повеќе од 5000 акредитации само за новинари и критичари) тнр.вернисаж. Биеналето всушност почнува од 11 мај и трае до крајот на ноември. Венеција е тежок град, а целата логистика на националните павилјони, кои треба да функционираат шест месеци е на товар на државите.

Министерството за култура на МСУ, за проектот на Нада Прља му одобри околу 60 илјади евра, од нив речиси половината ќе отидат за кирија во следните шест месеци колку што трае биеналето. Со останатите пари, тимот на Музејот и уметницата Нада Прља успееја да направат отворање Колку за споредба буџетот на хрватскиот павилјон (сместен во два стари магацини) е 120 000 евра, а буџетот на претставувањето на Косово на Венециското биенале, годинава изнесува 300 000 долари.

На прашањето зошто е важно да се учествува на оваа сè уште најзначајна ликовна манифестација, директорката на МСУ, Мира Гаќина одговара: „ Венеција и Италија се трудат (и успеваат) Биеналето да продолжи да биде референтен настан за она што се случува во светот на современата уметност. Тоа не е лесно, особено кога очекувањата се преголеми и кај уметниците и кај критичката публика. Поради тоа дури некои значајни критичари сметаат дека периодот од две години е прекраток, па предлагаат триенале, значи на секои три години.

МСУ Скопје не е тука прв пат, овој стар музеј ја има претставувано СФРЈ во 70-те години, но тогаш во Југословенски павилјон, значи во Џардини. Денес, на прагот на дваесетитте години, во 21 век, манифестацијата има и богата оф сцена, многу паралелни случувања што треба да ја илустрираат поканата од главниот куратор Ралф Ругоф да се мисли нашето сопствено време како интересно време.

Што треба да се смени во пристапот? Подготовките треба да почнат многу порано, две години се мала пауза така што е потрeбна континуирана работа. Тоа значи дека сега треба да почнеме да се подготвуваме за 2021 година. Кога велам сега, не мислам задутре да распишеме оглас, но во буџетот за следната 2020 година би било паметно да се предвидат средствата за претставување во Венеција, така сите би имале повеќе време. Инаку генерална проценка е дека малите држави, како нашата имаат интерес да ја искористат можноста, ревијална и ретка, да се претстават на светско ниво. Во Венеција националниот павилјон е витрина, прозорец кон внатрешноста на уметничката сцена во различни делови на светот“.

Се разбира, ветер во грб за поголемо значење на учеството на Венециското биенале би дала некоја награда (за што многумина од големиот број посетители од Македонија и се надеваа со оглед на повеќеслојноста и комплексноста на делото на Нада Прља).

Една од карактеристиките на годинашново биенале е тоа што организаторите воделе сметка за подеднаква застапеност на жените и навистина тие оставија силен печат, почнувајќи од наградениот павилјон на Литванија каде авторки се Rugilė Barzdžiukaitė, Vaiva Grainytė и Lina Lapelytė.

На отворањето на павилјнот на Австрија, пак, каде прв пат самостојно изложува жена – феминистката Renate Bertlman, група гости изведоа симболичен протест против министерот за култура во Австрија кој доаѓа од десничарска партија. На фасадата на павилјот е испишано „Discordo Ergo Sum“ (Не се согласувам, значи постојам) на уметничката Рената Бертлман.

Во францускиот павилјон за кој се чекаше неколку часови, во редица долга стотина метри, во фокусот на авторката Лора Прово (Laure Prouvost), добитничка на наградата „Тарнер“, е односот на реалното и фиктивното и прашањата кои сме и каде идеме. Утописко и надреално патување.

Во павилјонот на Велика Британија изложува Кети Вилкс (Cathy Wilkes), авторка од Ирска се занимава со ритуалите на секојдневието и со поимите на дематеријализација и отсуство.

Наташа Садр Хагиган (Natascha Sadr Haghighian) германскиот павилјон го претвори во метафора на европската политика на изолација, присвојувајќи псевдоним – компјутерски генерирана комбинација на погрешно напишани варијанти на нејзиното име и презиме, која го „брише“ нејзиното иранско потекло.

Миграцисите политики, сегрегацијата и колективната одговрност ја тематизира и швајцарско – исландскиот уметник Кристоф Бухел, кој во просторот на Арсенале го изложи рибарскиот брод Barca Nostra (Наш брод) во кој, во 2015 година, страдаа околу 1000 мигранти помеѓу Либија и островот Лампедуза. Стариот брод е изложен без никаков натпис и се наоѓа во просторот на некогашното бродоградилиште, во близина на ресторан, посетителите без никаква идеја за трагедијата, се сликаат и уживаат во храната пред симболот на масовната гробница, што веројатно и била целта на авторот.

Авторките Pauline Boudry и Renate Lorenz во швајцарскиот павилјон со делото „Движејќи се наназад“ кое вклучува урбан танц и елементи на квир андерграунд културата всушност ја рефлектираат актуелната политичка ситуација која е регресивна и затворена кон другите.

А еден павилјон беше поинтересен од другите иако сосема празен и неисчистен, тоа беше просторот на Венецуела, кој поради ситуацијата во земјата ќе чека некои подобри времиња.

Втора карактеристика на делата што може да се видат на Биеналето се суптилните референци на политичката состојба на Америка, кои се насекаде. Уметничката Тереза Марголес изложи бетонски ѕид со бодликава жица од родното Мексико.

Видео инсталацијата на Халил Џозеф го истражува поимот на лажните вести, со хаотичните снимки од Јутјуб, телевизиите и социјалните мрежи, уметникот сугерира дека денес сè може да смета за вест.

Инаку, насловот на Биеналето, годинава, е фразата или клетвата „Да живееш во интересни времиња“ (May you live in interesting times), наводно „стара кинеска клетва“. Но, се појавија изјави дека се работи за лажен податок, бидејќи таква изрека не постои во кинескиот јазик, освен онаа што гласи: „Подобро е да се живее како куче во мир и хармонија, отколку како човек во хаотични, воени времиња“, бидејќи суштината на источната филозофија е балансот, а секоја промена претставува негово нарушување „интересните времиња“ се причина за нашата тегобност. А оваа наводна клетва укажува на проклетството на немирот; личниот, природниот, политичкиот, културниот или како што вели Ругоф: „Уметноста не може да го сопре подемот на националистичките движења и авторитативните влади во различните делови на светот, не може да ја подобри трагичната судбина на раселените народи, но на индиректен начин може да биде некој вид водич како да се живее и размислува во тие „интересни времмиња“.

Фотографии: А. Бубевска, Ана Лазаревска, Ѓ. Јовановиќ