Ибицагејт: Дебакл на идејата на Себастијан Курц

29.05.2019 00:50
Ибицагејт: Дебакл на идејата на Себастијан Курц

Себастијан Курц

Најголем губитник од „Ибицагејт“ е австрискиот канцелар Себастијан Курц. На кариерата на Хајнц Кристијан Штрахе е ставена точна, но не и на неговата политичка филозофија и неговиот дух ќе лебди над Слободарската партија на Австрија (ФПО). Курц се движи кон својата завршна станица, без шанса да заврти уште еден круг зашто неговиот проект доживеа тотално фијаско: со суверенистите и популистите нема иднина.

Курц го инвестираше сиот свој капитал за да покаже, не само во Австрија туку и во Европа, дека е можно да се владее со националпопулистите. Меѓу другото, дека најдобар начин за „нормализација“ на суверенистите е нивно кооптирање во извршната власт. Австрискиот канцелар ја акредитираше екстремната десница како политичка сила која може да биде одговорна и да биде носител на извршната власт, и покрај нејзиното кокетирање со ксенофобијата, неонацизмот и опскурните врски со Русија.

Би било најлесно на младоста и надежноста на лидерот на австриските народњаци (ОВП) да им се припише самоувереноста дека може да ги контролира и корегира Штрахе и неговите слободари. Меѓутоа, проблемот е многу подлабок и покапиларен и затоа крахот на коалицијата на ОВП и ФПО е многу повеќе од личен пораз. Станува збор за дебакл на идејата врз чија основа Курц ја градеше својата кариера.

Мослкавичната кариера на австрискиот народен вундеркинд се движи кон уште помолскавичен крај. Само за неколку години, за да изгради мост кон слободарите на Штрахе, Курц ги сруши сите врски со социјалдемократите, зелените, либералите. Голем дел од Австрија нема да му прости што ја отвори вратата на владата и клучните министерства, како одбраната, внатрешните и надворешните работи, за луѓе како што се Штрахе или Херберт Кикл, довчерашниот министер за внатрешни работи.

Трансформацијата на ОВП која смислено ја изведе Курц за да дојде до канцеларската фотелја сега му се враќа како бумеранг. Чувствувајќи го пулсот на просечните австриски граѓани кои сѐ помалку се толерантни кон странците, критични се кон ЕУ, исплашени за благосостојбата во која пливаат со децении, Курц ја претвори демохристијанско-конзервативната партија во класична партија од десницата. Премногу блиска и слична со ФПО за да не ги плати последиците од откривањето на вистинското лице на Штрахе и неговите соработници.

Практично, Курц презема голем дел од ставовите на ФПО, ги испегла, ги нашминка и им го даде своето лице, сѐ уште номинално, демохристијанско. Не е случајно што Курц со голема гордост се претставуваше себеси како посредник во односите со Вишеградската група. За време на двегодишното искуство во коалициската влада, Курц и Штрахе покажуваа висок степен на заедништво и идентични погледи за бројни прашања. Беа еден вид антитеза на италијанската националпопулистичка коалиција на Лигата и Движењето со пет ѕвезди, односно позитивен пример дека коалицијата од таканаречената умерена десница и екстремната десница е функционална и успешна. Токму австрискиот пример би требало да биде показна вежба дека сојузот на демохристијанските-народни партии е можен со суверенистите и популистите на ниво на ЕУ.

Кристијан Штрахе

Курц во изминатиот период беше премногу согласен со Штрахе за да би можел да ги измие рацете со неколку изјави и барање за предвремени парламентарни избори. Помина повеќе од една година од скандалозниот упад на полициските сили во седиштето на Австриската разузнавачка служба (БВТ) по наредба на министерот за внатрешни работи Кикл. Со изговор дека бараат докази за соработка со наводно девијантни делови од БВТ со шпиони на севернокорејскиот диктатор Ким Џонг Ун, полицијата го однесе целиот материјал кој се однесуваше на истрагата поврзана со ксенофобните и неонацистичките движења поврзани со ФПО и Кикл.

На австрискиот канцелар не му беше доволен мотив да ја растури коалицијата со Штрахе ни кога, една по една, разузнавачките служби од државите членки на ЕУ, направија санитарен кордон околу австриските колеги заради основано сомнение дека проследуваат информации до Москва. Шефот на германските разузнавачи Томас Халденванг во Бундестагот јавно изнесе сомнеж дека австриските колеги му оддаваат доверливи податоци и информации на Кремљ.

И покрај испитувањата на јавното мислење кои покажуваат дека поддршката за ОВП пораснала пред изборите за Европскиот парламент, Курц се наоѓа во политичка пат-позиција. Единствен начин да го преживее „Ибицагејт“ е на предвремените избори да освои апсолутно мнозинство во парламентот, што е можно само во теорија. Практично, Курц нема да има со кој да формира коалиција дури и ако освои најголем број гласови на на септемвриското изјаснување на граѓаните. Не е тешко да се замисли социјалдемократите, неолибералите од Неос или Зелените, ако се вратат во парламентот, како залог за формирање владејачко мнозинство, да побараат изоставање на Курц од составот на новата влада.

Кога станува збор за Штрахе, кога и да слушнете политичар кој се тупа во патриотските гради, заговара вистинска таканаречена демократија, има убави зборови за Владимир Путин, Доналд Трамп и Виктор Орбан, да се претставува себеси како морална грамада, мудар и далекувиден политичар, сетете се на довчерашниот лидер на австриските слободари и не се сомневајте, во ниту еден момент, дека кој било друг суверенист, популист или турбопатриот би постапил поинаку кога би бил на местото на Штрахе.

Извор: Nedeljnik