Промоција на книгата „Набилдана месечина“ на Јовица Ивановски

29.05.2019 12:23
Промоција на книгата „Набилдана месечина“ на Јовица Ивановски

Во МКЦ Клуб ресторан на 30 мај (четврток) во 20 часот ќе биде промовирана поетската книга „Набилдана месечина“ од Јовица Ивановски. За книгата ќе говори Елизабета Баковска.

Станува збор за книга избрани песни што опфаќа период од петнаесет години од неговото творештво (1994 - 2009).

Набилдана месечина е избор од 135 песни на авторот Јовица Ивановски, роден во 1961 година, а поетски активен веќе дваесет и пет години, со четиринаесет издадени збирки поезија и препеан на петнаесетина јазици.

Речиси сите досегашни критички осврти за поезијата на Јовица се насочени кон две нејзини карактеристики. Првата е токму оваа нејзина урбаност, или тематска ситуираност во градот (сегашно Скопје) како хронотоп во кој поетот домува. Така, Богомил Ѓузел кажува дека овие стихови имаат „автентично урбан сензибилитет“, а Елизабета Шелева заклучува дека „поезијата на Јовица Ивановски е плод на една континуирана урбана прељуба со еден простор“. Оливера Ќорвезироска за оваа скопска вдоменост вели дека „песните на Јовица Ивановски... се одамнешни жители на Скопје“, а Влатко Галевски вели дека „поезијата на Јовица е како првиот стихуван музеј на поразите на еден град, на неговите жители“. Втората одлика на оваа поезија, која се чини дека им запнува в очи на критичарите е она што Душко Крстевски го нарекува „метонимиски“ стил на пишување, т.е. наративен, раскажувачки, дури и епски, наспроти „метафоричниот“, т.е. лирскиот, во голем дел апстрактен стил). Сите критичари овие две работи ги дефинираат не само како констатирани одлики на севкупниот опус на Јовица, туку (или пред сè) и како суштински квалитети кои оваа поезија ја одделуваат од голем дел на современата македонска поетска продукција.

Овој избор е значаен затоа што излегува токму во годината која за авторот е јубилејна – четврт век од неговото творештво.