Изложба на Зорица Зафировска - „Простори на бездомност" во Мобилна галерија

29.05.2019 12:03
Изложба на  Зорица Зафировска - „Простори на бездомност" во Мобилна галерија

Во Мобилна/монтажна галерија " на 30 мај (четврток) во ќе биде отворена изложбата „Простори на бездомност на Зорица Зафировска.

Проектот е куриран од Елена Велјановска и бил реализиран во галеријата o.T. & Projektraum во Берлин. Овој проект е продолжение на изложбата „Преминување на границите“ составена од видео и инсталиции организирана од Наташа Прљевиќ. Оваа изложба беше остварена во 2016 во галеријата „Idio“ за време на резиденцијалниот престој во Residency Unlimited во Бруклин, Њу Јорк.

„Во минатите години, миграцијата сече низ ткаенината на нашите општества, со што полека ги растрошува идеите за слободно движење, и повеќе од кога било досега, ги прави видливи односите на моќ и ранливоста на мигрантите. Во "Простори на бездомност" Зафировска, и самата мигрирачки патник, разоткрива еден многу интимен поглед на мигрантската криза којашто во моментов ја преструктурира социо-политичката ткаенина на Европа.

Нејзиниот пристап се карактеризира со специфична наклонетост кон работа со ранливи групи. Дополнително, со нејзиниот многу чувствителен радар за човечкото страдање, таа поседува способност да се приближи и да воспостави сочувствителен контакт со различни субјективитети и ситуации. На овој начин, таа создава различни наративи и теми, коишто се распространуваат од кршење на човековите права, трговија со деца и жени, родово насилство и нееднаквост, социјална и политичка неправда, па сè до миграција и раселување.

Сегашната изложба е градена врз идеите за бездомност, создавање простор и мобилност, или попрецизно, околу невидливата сила што понекогаш може да ги придвижи масите кон истребување. Притоа, делата се однесуваат на различноста на причините коишто придвижуваат кон спасение. Следствено, таа прикажува неколку различни стратегии за бегство, од кои некои завршуваат со смрт на вклучените лица. Во обидот да ги открие овие стратегии, таа истовремено ги открива и факторите на ризик, манипулацијата и корупцијата како неизбежен аспект од функционирањето во сивите зони на размена на стоки и човечки животи“, пишува кураторката Елена Велјановска.

Изложбата е финасиски поддржана од: Општина Центар, Град Скопје и Министерство за култура.