Пратеникот Никола Груевски, сепак, е бегалец и неоправдано отсутен

30.05.2019 02:31
Пратеникот Никола Груевски, сепак, е бегалец и неоправдано отсутен

На седницата на Мандатно-имунитетната комисија, на која се расправаше за одземање на мандатот на Никола Груевски, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска го изрече следниот став кој го оценуваме како невистина:

Пратеникот Никола Груевски не е бегалец, како што милувате да го наречете, тоа е лице кое има добиено политички азил од страна земја членка на ЕУ во земја во која многу повеќе се почитуваат човековите права отколку во РМ.

Деловникот во Собранието дозволува пријавување отсуство на секој пратеник, кој е спречен од било какви причини да дојде на работа. Вие и вашите репресивни мерки не дозволивте пратеникот Никола Груевски да се пријавува за оправдано отсутно лице.

[Извор: Фокус/веб + 21 ТВ снимка – датум: 29.05.2019]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ставот изразен од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска, е невистинит од фактичка природа, а оваа оценка не го засега нејзиното уставно и законско право таа како пратеник да изразува политички ставови.

Пратеникот Никола Груевски, сепак, е бегалец и е неоправдано отсутен, а еве и зошто.

Согласно правата и должностите на пратениците кои се добро опишани и во Уставот и во Законот за Собрание и во Деловникот за работата на Собранието, пратеникот може да биде засегнат од одземање на мандатот ако неоправдано е отсутен повеќе од 6 месеци.

Членовите 29 и 30 од Деловникот се следните:

Пратеникот има право и должност да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето.

Пратеникот кој е спречен да присуствува на седницата на Собранието, е должен за тоа да го извести претседателот на Собранието до почетокот на седницата.

Наредниот член 31 ја регулира постапката што ја презема Претседателот на Собранието доколку еден пратеник не е присутен трипати едно по друго и за секое натамошно неоправдано отсуство отсуство ја информира матичната комисија, а таа обврска за отуство од 6 месеци е регулирана и во членот 59, по што Комисијата заседава и носи предлог до Собранието.

Се наметнуваат две дилеми од ставот на Стаменковска. Дали Груевски е оправдано или неоправдано отсутен и дали за своето отсуство бил спречен да го пријави од СДСМ.

Секако дека не. Груевски можел и требало, ако смета дека е оправдано отсутен, своето отсуство да го пријави кај претседателот на Сообранието, а тоа можел да го стори и писмено преку пошта или електронска порака. Тој, како што тврди Претседателот на Собранието до пратениците, тоа не го сторил од минатогодишниот ноември, кога практично и избега.

Тоа значи оти е невистина дека СДСМ го спречувал Груевски да го пријавува своето отсуство кај надлежните во Собранието.

УНИВЕРЗАЛНАТА ДЕКЛАРАЦИЈА НЕ СЕ ОДНЕСУВА НА НЕПОЛИТИЧКИ ПРОГОН

Останува дилемата дали Груевски е оправдано отсутен затоа што добил политички азил од Унгарија, земја членка на ЕУ. Стаменковска се обиде ова да го протолкува со Член 14 од Универзалната декларација за човекови права, додавајќи дека во земјата таа е кооптирана и во Уставот преку Член 8, како едно универзално човеково право на секој граѓанин од РСМ.

Но, Стаменковска не го цитираше членот од Декларацијата кој го спомена, кој не говори баш во прилог на нејзиното тврдење:

Член 14 од Универзалната декларација

1.Секој прогонет има право да бара и да ужива азил во други земји.

2.На ова право никој не може да се повика во случај прогонот да е заснован врз кривично дело од неполитичка природа или постапка спротивна на целите и начелата на Обединетите нации.

Дали азилот доделен на Груевски е доволен доказ дека тој е политички прогонет? Се разбира дека не, затоа што тој е осуден за неполитичко дело, злоупотреба на службена должност и овластување при набавката на Мерцедесот, а обвинет е и му се суди и во други дела од неполитичка природа како што се перење пари, нарачување насилство, корупција, итн, итн.

Тоа, пак, што Унгарија мисли така, не значи дека има право. Покрај аргументите на барањето на РСМ за екстрадиција, можеме да ги наведеме и аргументите на добар дел на Европа, претставена преку нејзините пратенци. Зашто токму Европскиот парламент со мнозинство гласови на крајот од 2018 година побара од Унгарија до ѝ го предаде Груевски на Македонија, оценувајќи дека не станува збор за политички прогон.

Според тоа, имајќи ја предвид правосилната пресуда, имајќи ги предвид Уставот и Деловникот во врска со мандатот на пратениците, имајќи ги предвид и другите факти наведени во текстот, може да се оцени дека ставот на пратеничката искажан во матичната комисија за тоа дека Груевски не е бегалец и за тоа дека бил спречен да го оправда своето отсуство од СДСМ, е невистинит.

Груевски е бегалец од правдата и Груевски е неоправдано отсутен повеќе од 6 месеци од Собранието.


ИЗВОРИ:
Деловник за работата на Собранието на РМ

Универзална Декларација за правата на човекот на ООН


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер