Што се за нас, срце...

30.05.2019 16:43

Што се за нас, срце, тие пластови од крвје
и жарје, тие убиства и збесната врева,
тој липот на пеколот против редот врвен,
тој северен ветар што врз останки се крева,

и таа одмазда? Ништо!... Но да - ако сепак
ја сакаме. Смрт за кнезот и за сите газди!
Долу минато, правда, врз моќ што се крепат!
Сакаме крв, пожар што врз палатите јазди!

На војната, духу, треба сиот да се ветиш!
Да гриземе! Републики, нема да ви простам!
Императори, народи, бојни регименти,
робовладетели - бесно ви довикувам: Доста!

Кој ќе ги заврти витлите на пламот
ако не ние и оние што браќа се наши?
Напред, пријатели, нека радоста нè вџаси!
Не, нема да работиме, ќе палиме само!

Европо, Азијо, Америко - за вас крај е!
Налетот наш - о, полиња, о, градови мудри -
ве столчил! Одмазда! - Но пред нас бездна зјае!
Ќе избувнат вулканите! И океанот ќе удри...

Браќа се тоа, срце, што секаде го барав!
Црни незнајници, дружно в јуриш жесток!
Но еве несреќа! Треперам, а земјата стара
врз мене, врз братот ваш, се руши со трескот!

Нејсе! И натаму останувам на истово место.

Препев: Влада Урошевиќ

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото