Приватизација на моралноста

30.05.2019 23:55
Приватизација на моралноста

Добротворните донации во САД главно го достигнуваат врвот во текот на празниците. Како што напоменува Меган Деј, оваа традиција на сезонско подарување претставува своевиден парадокс: привремена суспензија на широко заземениот став - мошне распространет меѓу богатите - дека сиромаштијата е резултат на личен или морален неуспех. За само неколку недели секоја година, во привилегираните слоеви на американското општество како да доаѓа до имплицитно признавање на неправедната распределба на богатството, а со тоа и на идејата дека сиромашните навистина заслужуваат повеќе.

Во своето подарување оваа празнична сезона (но и во текот на годината), на богатите донатори поткрепа ќе им пружи федералното даночно олеснување за добродетелството. Наводно осмислено да го поттикне милосрдието (особено меѓу богатите - мерката е воведена во 1917 година по големото зголемување на даночната стапка за лица со најголеми приходи), за оние кои ќе уплатат донација олеснувањето овозможува во даночната пријава да се намали приходот кој го пријавува за износот на донацијата.

Институционалиризање и поттикнување на великодушноста како модел на јавна политика - на прв поглед - кој би приговарал на тоа? Меѓутоа, како и официјално да се објаснува неговата цел во теоријата, ова олеснување е мошне поподложно на критика кога ќе се разгледа како функционира во практиката.

За почеток, тоа го чини јавниот буџет. Според ИРС (Internal Revenue Service - институција задолжена за собирање даноци во САД), благодарение на мерката наводно осмислена да ги поттикнува благородните цели и да го ублажи страдањето, даноците годишно претрпуваат загуба од над 60 милијарди долари кои би можеле да завршат во федералната благајна. Не е тешко да се замисли многу подобра употреба на оваа количина пари; на пример, сумата е осум пати поголема од она што во моментов се вложува во програмата Head Start, која обезбедува цела низа услуги за деца од семејства со низок приход.

Понатаму, олеснувањето примарно го користат имотните слоеви од населението. Податоците на Центарот за даночна политика покажуваат дека приближно 74 проценти од оние кои го користат даночното олеснување на добродетелството според своите приходи спаѓаат во горните 20 проценти. И покрај тоа, регресивната природа на оваа мерка за оние што ја користат значи дека лицата од пониските приходни категории ќе добијат помали бенефиции: најпосле, колку даночниот обврзник е во повисока приходна категорија, толку е поголемо и даночното олеснување од секоја донација. Последично, 76 проценти од сите бенефиции кои станале приход со ова даночно олеснување одат кај оние кои заработуваат 100 000 долари годишно или повеќе.

Исто така, не е неважно и колку широко го дефинираме добродетелството. Навистина, многумина под добротворни организации подразбираат донации од банките за храна, народни кујни или други важни иницијативи. Меѓутоа, ако подетално анализираме некои самонаречени добротворни проекти, ќе откриеме дека често помалку се работи за великодушно подарување, а повеќе за мотивираност од сопствени интереси - сетете се на огромните донации на најпрестижните универзитети или другите елитни институции. Би било тешко отворено да се аргументира дека овој вид блатантна репродукција на привилегираноста треба да ги ужива истите даночни стимулации како и, на пример, донациите за сиромашните деца да имаат здрав појадок или за помош на жртвите на семејно насилство.

Во одредени случаи добротворните донации, онака како што се дефинирани во американскиот даночен кодекс, се граничат со апсурдност, и претставуваат само плутократска суета под покровителство на јавната ризница. На пример, пред неколку години милијардерот Мичел Рејлс оствари големо олеснување, донирајќи ја својата скапоцена збирка со модерни уметнички дела на приватен музеј, изграден веднаш до неговата куќа. Секако, добротворните организации можат да претставуваат израз на емпатија - особено кога подразбираат автентична лична жртва. Во согласност со тоа, изгледа дека импулсот спрема добродетелството е посилен меѓу оние со помала и средна платежна моќ, отколку кај богатите(ЛИНК), ако ги споредиме нивните донации имајќи го предвид уделот во вкупните приходи.

Но главниот проблем со добротворниот бизнис е тоа што луѓето кои веќе имаат најмногу корист од длабоко хиерархизираното општество во САД, се наградуваат затоа што повремено влијаат на ублажување токму на некои од проблемите кои активно ги перпетуираат.

Кога моќните луѓе, чии постапки ги одржуваат или јакнат општествените проблеми, се занимаваат со приватна моралност, тоа не е само неадекватно решение на самите проблеми; туку е и мошне реален израз на истите. Капиталистот-трговец донира пари за школскиот округ, под услов истиот со јавен трошок да ја обучува неговата идна работна сила. Директорот на компанијата уплатува донација за локалната болница пред да испрати армија крвожедни лобисти во Вашингтон во борбата против експанзијата на Медикеид. Индустријалецот на јавен начин со паричен прилог ја поддржува локалната банка на Бадник, пред нова година со свежа рунда откази и намалување на надниците. Тајкунот со недвижности донира пари за засолништето за бездомници, но истовремено ги зголемува цените за жителите на некоја четврт за да ги збогати инвеститорите.

Да го наведеме особено фрапантниот пример на браќата Кох, кои веќе неколку децении активно ги поткопуваат мерките осмислени за борба против сиромаштијата и повторно им нудат милостина на сиромашните - ако, додека јадат малку супа, се подготвени да ги слушаат проповедите за чудата на слободното претприемништво. Главен донатор на болниците во Канада со години беше покојниот Питер Мунк - милијардер и рударски магнат, кој насочи огромни суми пари во кампањата поврзана со здравјето, истовремено давајќи им пари на десничарските организации кои работат на приватизацијата на државниот систем за здравствена заштита.

Во најлош случај, овој вид филантропија не е само лицемерна, туку тежнее активно да ги перпетуира токму оние неправди за чие ублажување наводно постои институтот добродетелство - притоа често наградувајќи ги нивните творци со плакети, покровителства и јавен престиж.

Празниците можеби се период на поголема индивидуална великодушност, особено меѓу богатите и добро ситуираните. Меѓутоа, сѐ додека дозволуваме овој вид приватизирана моралност да биде замена за побогатиот колективен етос на хуманоста и солидарноста, духот на подарувањето кој божем е присутен во овој период од годината ќе остане жално ослабен во своите практични резултати.

Илустрации: Tim Foley

Извор: https://www.jacobinmag.com

ОкоБоли главаВицФото