Светски ден против пушењето, цигарите годишно убиваат 8 милиони луѓе

31.05.2019 10:27
Светски ден против пушењето, цигарите годишно убиваат 8 милиони луѓе

Под мотото „Не дозволувајте цигарите да ви го одземат здивот“ годинава се одбележува 31 мај, Светскиот ден против пушењето. Од Светската здравствена организација предупредуваат дека повеќе од 40 проценти од пушачите низ светот умираат поради проблеми поврзани со дишните патишта, меѓу кои и рак на белите дробови.

Според податоците на СЗО, употребата на цигарите на годишно ниво убива најмалку осум милиони луѓе. Во годишниот извештај на Агенцијата се вели дека 3.3 милиони лица, пак, ќе починат од болести поврзани со белите дробови. Во оваа бројка влегуваат и пасивните пушачи, во кои спаѓаат и повеќе од 60.000 деца помлади од пет години. Смртните случаи настануваат поради компликации на респираторниот систем што, пак, е последица од изложеноста на чадот од цигарите.

Од Организацијата велат дека годишно трошоците што се појавуваат како последица од пушењето изнесуваат 1,4 трилиони долари. Оваа сума опфаќа здравствени трошоци, како и намалена продуктивност поради болести поврзани со пушењето. Од СЗО истакнуваат дека откажувањето од пушењето ќе спаси и животи и трошоци.

Податоците на Светската организација покажуваат дека стапката на активни пушачи од 27 проценти во 2000 година, се спуштила на 20 проценти во 2016 година. Но, бројката и натаму останала стабилна на 1,1 милијарда луѓе, поради глобалниот раст на населението.

​Од Организацијата забележуваат и дека откажувањето од пушењето е поголемо во развиените земји, додека кај средно развиените и неразвиените бројката на пушачи и се зголемува.

„Тоа се земјите кон кои сега се движи тутунската индустрија. Знаат дека го губат теренот во Северна Америка и во Европа, па се фокусираат на земјите со понизок развој, каде се таргетираат и жените и децата“, вели Керстин Шот од СЗО.

Од Светската организација препорачуваат бројни, ефикасни и евтини мерки со кои земјите би можеле да ја намалат употребата на тутунот. Така, се препорачува создавање области во кои пушењето, промоцијата и продажбата на цигари ќе биде целосно забранета. Во дел од препораките е зголемување и на даноците на цигарите и другите тутунски производи, а со цел да се отежни достапноста до нив од страна на децата.

 Извор: voanews.com