АРТивистички акции: Скопје е град на солидарноста

31.05.2019 11:27
АРТивистички акции: Скопје е град на солидарноста

Поттикнати од последните анализи и истражувања дека во поголем дел од Шведска воопшто нема ѓубре и затоа го увезува од странство за да ги продолжи процесите на рециклирање со кои произведува огромни количества електрична енергија и гориво, Единицата за брзи артивистички акции на повеќе локации во главниот град постави канти за ѓубре или таканаречени солидарни пунктови со цел да ѝ помогне на оваа скандинавска земја.

Со оваа акција би сакале да ги мотивираме нашите граѓани да бидат солидарни со пријателската Шведска и воедно да размислиме за нашата повеќедецениска традиција на фрлање и трупање ѓубре насекаде.

За потсетување, уште од почетокот на 90-тите години, Шведска применува сеопфатен систем за селектирање и рециклирање на отпадот. Низ ревидирање на законската рамка и во тесна соработка со стопанството и граѓаните, Шведска направи еколошки свесно општество.

Затоа пак, кај нас мака мачиме со собирање на ѓубрето, појавувањето на бројни диви депонии, ѓубре низ природата и насекаде каде што поминало неговото височество Човекот.

Оттаму, апелираме до локалната и централната власт да обезбедат:

- ефективен систем за рециклирање и заштита на животната средина;

- почитување на законите;

- постојана едукација и подигање на свеста;

- оптимален број на канти за ѓубре за селекција на отпадот;

- редовно празнење и сервисирање на веќе поставените, оштетени канти за ѓубре и контејнери (од користење или негрижа).-

До граѓаните апелираме – на ѓубрето местото му е во канта!

Скопје не заборава дека е град на солидарноста!

Драги сограѓани, сега е моментот да се обединиме и да му помогнеме на братскиот шведски народ!!!


Акцијата е дел од проектот на Единицата за брзи артивистички акции, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 Извор: Артивистички акции

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото