Петте столба на нашиот идентитет

01.06.2019 15:43
Петте столба на нашиот идентитет

Кој сум јас? Ова е истовремено наједноставното и најкомплексното прашање на кое човек може да одговори.

Сексуално битие кое има потреба од телесно поврзување, животен партнер на друга личност, родител на своите деца, човек кој има знаење и искуство во одредена професија, дете на своите родители, пријател на своите пријатели...
Сите овие улоги се делови во една комплексна целина на личноста, збир на повеќе себства (англ. self) во едно ЈАС.

Eсејот “Шопенхауер како учител” Фридрих Ниче го почнува со тезата дека луѓето главно се плашат од индивидуализмот, дека се мрзеливи да се согледаат и се “кријат зад манирите на однесување и зад мислењата”. Во основа секој човек знае дека е единствена креација која не би можела да се повтори, но се плаши од своето автентично јас и претпочита да се однесува според “потребите” на стадото, вели Ниче.

Она за кое Ниче пишува дека е недостиг на храброст за себеприфаќање и постоење тенденција да се “моделира” однесувањето, во психологијата се објаснува како базична потреба на човекот за прифаќање. Секоја улога што го сочинува нашиот идентитет (родител, партнер, пријател, професионалец) потсвесно или свесно ја има предвид и сликата за нас кај другите и сопствената потреба за прифаќање. Оттука, идентитетот не е едноставна целина, туку комплексен збир на улоги во разни системи во кои “јас” и “другите” се во динамична релација.

Првото разграничување на “јас” и “останатите” се случува во најраната возраст, но со влезот на детето во повеќе системи - семејство, градинка, маало, училиште - тоа почнува да станува свесно за динамичната релација меѓу “давањето” и “земањето”, од која зависи и задоволувањето на потребата за прифаќање и потврда од околината.

На пример, првиот одговор на дете кога ќе го прашање “кој си ти?” е името, па припадноста на првиот систем во кој делува. Понатаму, одговорите се збогатуваат со “епитети”: “Јас сум добар ученик”, што значи дека веќе детето почнува да ги “снима” потребните реакции и модели на однесување кои обезбедуваат добар прием во системот на делување (сликата на другите за нас).
Со натамошниот развој на личноста, прашањето на идентитетот станува уште покомплексно, бидејќи се мултиплицираат системите каде таа делува.

Германскиот психолог Хиларион Готфрид Пецолд развил модел во интегративната психотерапија кој се нарекува “Пет столба на идентитетот”. Илустративно, моделот е кров со пет столба што го држат: тело, социјален круг, работа, материјална сигурност и вредности.

1. Телото е биолошки систем кој е почеток и крај на нашиот живот. Систем кој ги “содржи” нашите мисли, здравје, физичките потенцијали, слабости и предности. Нашите вештини зависат во голема мера од нашето тело и здравје.
Оттука, повредите на телото, неговото пропаѓање или промените кои како последица имаат загуба на вештините, секако водат кон криза врзана со идентитетот.
2. Социјалниот круг е вториот столб на идентитетот каде влегуваат луѓето важни во нашето опкружување. Тоа е социјалниот контекст во кој се опишуваат нашите улоги (како партнер, пријател, сопружник, родител, дете...). Загубата на близок човек или нарушените односи со некоја нам важна личност, лесно доведуваат до криза која може да го да го разниша идентитетот.

3. Работа, постигнувања, слободно време - тоа е третиот столб на идентитетот. Ако се земе периодот на работоспособност, нашето професионално јас често трае две третини од животот. Загубата на работно место или на вештините за работа не само што го засегаат идентитетот, туку можат да доведат и до сериозна егзистенцијална криза.

4. Материјалната сигурност, каде влегуваат домот и добрата кои ги поседуваме, е четврти столб на идентитетот. Промените во тој дел исто така доведуваат до кризни ситуации кои лесно можат да добијат димензии на егзистенцијална криза.

5. Вредностите најчесто се најстабилниот столб. Тоа е многу важен столб бидејќи интернализираните вредности се прилично стабилни и имаат тенденција да траат. Кога останатите столбови ќе “попуштат”, овој столб е “интегративната” состојка која може да ја “зачува” личноста. Во многу случаи, вредностите ја компензираат загубата од другите „столбови“. Но, иако вредностите го оджуваат интегритетот кога се разнишани одредени делови, тие често имаат и регресивно дејство, кога потребите и нагоните се потиснати поради општествено прифатените морални норми. Тоаш се јавуваат психосоматски нарушувања, опасност од суицид итн.

Човек во различни животни периоди вложува различна енергија во секој од “столбовите”. Тие имаат индивудуално значење кај секоја личност. На пример, ако некој вложува најголема енергија во работата (на пример, 70% од енергијата), а нема постојан партнер, загубата на работно место, пензионирањето или губењето на вештина потребна за работата, ќе доведе до криза соодветно голема на потрошената енергија и недостигот на елементи за компензација.

Интервенцијата, со самоанализа или со помош од друг, би била да се увидат можностите за компензација (каков е социјалниот круг на личноста, материјалната сигурност, останатите ресурси). На пример, ако некој човек го загуби работното место и поради тоа во голема мера е загрозена и неговата материјална сигурност, стресот од таа ситуација ги нарушува релациите со партнерот и тој го напушта, кај таа личност во кратко време се уриваат три столба и целата конструкција е силно разнишана. Во тој случај работата на себе или со помош е да се направи обид да се зацврстат другите столбови кои би ја презеле тежината за да се одржи интегритетот, социјалниот круг на пријатели и поддржувачи, вредностите и слично.

Колку е е поголем балансот во распределба на енергијата, толку се поголеми можностите за побрза компензација.

Се разбира, хармонијата и балансот меѓу одделните наши “селфови” и “столбови” на идентитетот е огромен предизвик. Ние не живееме во лабораториски контролирани услови туку животот е многу динамичен и непредвидлив процес. Но, важно е да се знае дека сите имаме ресурси со кои можат да се надминат стресните ситуации, а ги имаме и сопственоста врз личната енергија и слободата на избор каде и колку ја вложуваме таа енергија.

Слики: Gérard DuBois

Извор: https://idaprotuger.com

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото