Нескротливиот Џулијан Асанж

03.06.2019 00:53
Нескротливиот Џулијан Асанж

Изутрината на 9 ноември во Лондон, 45 годишниот Австралиец висок 1,88 м веќе беше пред својот компјутер. Провлекувајќи ги прстите низ брадата и седата коса знаеше дека, како и секој ден во изминатите четири години на приземјето во зградата од цигли, го опкружуваат педесетина полицајци и којзнае уште колку разузнавачи кои го набљудуваат подготвени да интервенираат и при најмало движење. Тоа утро Доналд Трамп беше избран за 45-иот претседател на САД. Изгледаше како целиот свет да беше зафатен од блага неизвесност. Предградието на амбасадата на Еквадор го потресе непроменетото секојдневие.

Неколку месеци претходно, летото, Џулијан Асанж успеа да го избегне надзорот на своите чувари и пред носот и брадата на водечката светска сила успеа да објави илјадници мејлови кои открија како раководството на Демократската партија манипулирало на прелиминарните избори фаворизирајќи ја Хилари Клинтон на штета на нејзиниот левичарски конкурент Берни Сандерс. Најнадзираниот човек на светот, кој изморено чекореше по тесните ходници на дотраениот стан благодарение на дипломатскиот потег на Република Еквадор, успеа да ја залаже подготвеноста на сите свои непријатели. Моментално се најде во средиштето на глобалната геополитичка игра.

Најпознатиот политички бегалец на планетата, обвинет заради објавување поткрепени информации, покажа дека нема да се покори. Обединетите нации преку својата ад хок работна група во февруари 2016 година ги осудија Обединетото кралство и Шведска (која издаде европски налог за апсење) за арбитрарното затворање на Асанж, барајќи негово пуштање на слобода. Се чиниеше дека најпосле сѐ добро ќе се заврши. Меѓутоа, откривањето на мејловите на Џон Подеста, шефот на кампањата на Хилари Клинтон, предизвика бран медиумски шок кој секој разумен збор го направи нечуен, почнувајќи од заклучоците на Обама кои одеа во прилог на Викиликс1.

Балтазар Гарзон, шефот на тимот за одбрана на Асанж, предлагаше понатаму да се оди внимателно. Шведска штотуку ги отфрли жалбите на својот клиент осомничен за сексуално злоставување. Но човекот кој во минатото бараше апсење на Августо Пиноче, кој се бореше против Ал Каеда и против Џорџ Буш, знаеше дека најтешкото е пред него. Ситуацијата во државата Еквадор - чиј годишен приход не достигнува ни една седмина од американскиот воен буџет - е несигурна. Годините отпор против притисоците од Вашингтон ја прекинаа борбеноста на администрацијата. Ленин Морено, кој се подготвуваше да го наследи Рафаел Кореа, одби да се сретне со Асанж. Викиликс штотуку го објави дигиталниот арсенал на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), де факто деактивирајќи ги сите оружја кои ги користи агенцијата за хакирање на своите мети. Бесната администрација на Трамп најпосле сфати дека се соочува со радикален противник, а не со сојузник за кого мислеше дека може да го припитоми.

Кога во 2006 година Асанж го создаде радикалното дело кое го нарече Викилис, тој веќе беше позната личност во светот на хакерите. Но никој од овој човек со младешко лице не очекуваше дека ќе биде дел од најмасовното протекување информации во историјата, континуирано нурнувајќи ги своите читателки и читатели во марифетлуците на биотоксичните амбасади, во тајните режими на Башар ал Асад или во олигархиските игри на африканските престолнини, не заборавајќи ја ендогамната корупција од високото американско општество или односите на Сојузната служба за безбедност на Руската федерација (ФСБ) со нејзините кооперанти. Од прирачникот на Саентолошката црква, преку интерните прописи во затворот Гвантанамо, до функционирањето на влијателните швајцарски банки, првите објави на Викиликс предизвикаа сериозни немири. И доведоа до тоа американското Министерство за одбрана да спроведе истрага за организацијата, која Викиликс успеа да ја објави. Откриени се големи злоупотреби на Исланд; пропаднаа претседателските избори во 2007 во Кенија после објавувањето на тајниот извештај за фаворизираниот кандидат. Но, на оваа организација сѐ уште ѝ недостасуваше слава која би овозможила потрајно воспоставување репутација.

Видео-снимката со наслов „Колатерално убиство“ од април 2010 година ќе ја има таа улога. Соочени со бесмислени коментари, црно на бело присуствуваме на убиства на цивили и новинар на Ројтерс кои ги извршија американските сили во Ирак. Масакарот снимен како видео игра, со смеење на убијците во позадина, предизвика шок во западните редакции. Откривајќи дека се мети, тие почнаа да влијаат на откривањето на вистинското лице на „чистата војна“ која ја водат САД на Блискиот исток од 2001 година, односно конфликт кој дотогаш во голема мера го поддржуваа. Следните месеци Викиликс објавува докази за илјадници воени злосторства и злосторства против човештвото во рамки на „Воените записи во Авганистан“ и „Воените записи во Ирак“, во соработка со најпрестижните западни редакции, што Асанж го сместува во самиот врв на медиумскиот простор кој е во криза.

„Крв на рацете“

Додека група организации му доделуваат награди, од Амнести интернешенел до Тајм, преку Економист и Ле Монд, Викиликс почнува со објавување десетици илјади воени извештаи, потоа 243 270 американски дипломатски депеши. Тие ги откриваат размерите на корупцијата на арапските режими блиски до Вашингтон, а неколку дена пред падот на Зин ел Абидин Алија во 2011 година, се разбрануваат туниските демонстранти и демонстрантки. Тогашната државна секретарка на претседателот Обама, Хилари Клинтон мораше да направи турнеја на која им се извинуваше на американските сојузници.

Академиците и медиумите ширум светот поитаа по овие архиви за ретроактивно да објаснат некои од најважните настани во изминатите години. Пред судовите се одвиваа илјадници процедури кои се поткрепени со објавите на Викиликс. Потоа, партнерските организации на сајтот почнаа да се загрижуваат. Беа преплавени од начинот на работа кој ги игнорира крвните сродства на новинарите со нивните извори. Ако требаше да се следи оној го претставуваше новиот бог Хемрес, ќе се впуштеа во сѐ поголема напнатост која на крајот ќе доведе до траен прекин.

Од 30 јули 2010 година се појавуваат првите статии кои обвинуваат дека Асанж има „крв на рацете“, вклучувајќи ги и оние весници кои му беа сојузнички организации2. Додека американскиот Стејт департмент составуваше тим со над 200 дипломати за да го загушат Викиликс, од Шведска стигна обвинение за Асанж за сексуално злоставување. Тоа отвара пат за правниот заплет кој трае повеќе од шест години и во кој печатот ќе понира сѐ подлабоко. Прекинот се случи кога Викиликс се огради од методите на цензура која медиумите настојуваат да ја применат во поглед на дипломатските депеши. Учесниците во дискусиите на американските канали за вести еден по друг повикуваа на апсење на Асанж „по секоја цена“, а во 2010 година Трамп повикуваше Асанж да биде егзекутиран3. Кога во декември 2010 година Асанж беше уапсен во Лондон, повеќе не можеше да смета на поддршката на оние кои го прославија.

Седум и пол години подоцна, на 28 јули 2018 година, потпретседателот на САД, Мајкл Пенс се сретна со еквадорскиот претседател Морено во главниот град Кито. Тајм отпочна прекинување на соработката помеѓу Асанж и Еквадор. Наспроти овие очекувања, наследникот на Кореа се впушти во предавство на политиката која ја наследи4 и бараше финансиска поддршка од САД. Пенс задоволно ги триеше рацете. Неколку месеци претходно, американскиот министер за правосудство Џеферсон (Џеф) Сешнс го постави апсењето на Асанж како приоритет. Уште во април 2017 година идниот државен секретар Мајкл Помпео, тогаш директор на ЦИА, ја окарактеризира Викиликс како „државно непријателска разузнавачка агенција“. Асанж го презема ризикот на директен конфликт со Трамп, како што направи и со Хилари Клинтон додека таа беше содржина на клучни информации.

И додека изолационизмот на американскиот претседател често им се спротивставува на дипломатските и воените администрации кои стравуваат за своите прерогативи и буџети, Асанж му изгледа како поволно средство за размена во војната за истоштување наспроти „длабоката држава“. Дали и Морено, кој е загрижен заради откритијата на Викиликс кои укажуваат на незаконски збогатувања, е подготвен на отстапки? За трговските, економските и воените договори се преговараше брзо, а судбината на Асанж веќе беше запечатена. Еквадор ќе добие заем од 10,2 милијарди евра од финансиските институции под американско влијание (Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд). Асанж тогаш сфаќа дека неговите денови во амбасадата се избројани. Елисејската палата пак одбива да интервенира, иако го барав тоа, и да му пружи добредојде на оној кој има дете на наша територија, и кој ѝ направи важни услуги на нашата земја, особено во 2015 година кога беше откриено дека американските разузнавачки служби систематски го шпионираат францускиот претседател и националните компании кои учествуваат на тендерите кои надминуваат 200 милиони долари.

Кога на 11 април 2019 година се случи апсењето на Асанж во амбасадата на Еквадор, со кршење на сите меѓународни конвенции за правото на азил, западните новинарски редакции, од Вашингтон пост, преку Гардијан и Њујорк Тајмс, до Ле Монд, се однесуваа непријатно, па дури и беа непријателски настроени. Судбината на новинарот кој беше затворен речиси седум години во 20 метри квадратни - без пристап до чист воздух и сонце на отворено, со месеци изложен на потполна изолација во услови за живот блиски до мачење, и сето тоа само затоа што ја работеше својата работа - изгледа дека не ги потресе. Асанж можеше да изгледа исцрпено, неговото лице нагризано од осаменоста, но тој не беше еден од нив.

Наивната душа би можела да помисли дека е чудно оној што објави некои од најважните злосторства на 21 век да остане толку осамен кога му беше потребна солидарност. Оној кој чекор по чекор, во есктремна оскудица, беше дел од најважната библиотека на апаратот на моќта во историјата, го оствари она за што никој од неговите конкуренти не може да претендира: додека во период од 13 години откриваше милиони документи, никогаш не објави ни најмалку погрешна информација! Тоа не го спречи Ле Монд да процени дека „Џулијан Асанж е непријател на човековите права“5, Медиапарт во наслов на статија да ја истакне неговата „пропаст“6 или Економист да се радува што основачот на Викиликс е затворен7.

За да се разбере ова раскинување со медиумскиот свет, потребно е да се евалуира како модерното новинарство дејствува во буржоаско окружување, во рамки на пазарот на информации каде блискоста со инстанците на моќта е услов за преживување во конкурентскиот простор. Различните модели коегзистираат. Органите како Медиапарт во Франција, навидум непослушни, практикуваат „новинарство на откровение“ кое рециклира валкани трикови и измами без доведување во прашање на системот во кој се вклопуваат тие медиуми. Во тоа тие не се разликуваат од системот на наклонувачко новинарство кој го инкарнираат институциите како Ле Монд, Гардијан или Њујорк Тајмс.

Асанж раскина со двата модели. Како автор на теоријата за „научно новинарство“, ја отфрли практиката на она што се смета за тајна работа и откривајќи ги најважните информации научи да се држи подалеку од секој апарат на моќта. Се задоволуваше со објавување строго собрани, сортирани и анализирани податоци после филтрирање преку платформата за анонимизација, чии клучеви се во неговите раце. Секоја информација на неговата платформа ја следи извор кој овозможува секому да ја присвои и провери и ги отстранува привилегиите кои себеси си ги доделува новинарската каста.

Таквото обложување на колективната интелигенција прави пресврт кај начелата на нашето време. Покрај ефектот за непосредно откривање, ова овозможува појава на заеднички критички поглед, оддалечен од секаква форма на тајни договори. Станувајќи еден вид мета-медиум, Викиликс ја руши секоја конкуренција и поттикнува интензивна љубомора.

Радикалноста на пристапот на Асанж не дозволува никаков облик на компромис со постоечките институции, на тој начин што го загрозува медиумскиот простор кој се задоволува со удобноста која ја нуди близината со оние кои доминираат. Таа ги загрижува традиционалните апарати на моќта кои во секој момент се плашат дека нивните злосторства ќе бидат откриени. Станувајќи одметник во западниот простор, австралискиот аутсајдер логично се прикажува преку обвиненијата за силување, антисемитизам, заговор дури и за поткопување на руските тајни служби. Осум години по неговиот пробив, оној кој беше херој во моментот на апсењето се појави како „апсолутист на транспарентноста“8 за едни и „непријател на слободата“9 за други.

Хуан Бранко е адвокат и член на правничката екипа на Џулијан Асанж.

Тринаесет години упорност

Декември 2006. Џулијан Асанж и десетина активисти го основаат Викиликс.

5 април 2010. Првиот подвиг на Викиликс кој објавува видео-снимка од 17 минути, со наслов „Колатерално убиство“, прикажува убиства на цивили и новинари од страна на американската војска во Ирак.

25 јули 2010. Сајтот објавува над 90 000 доверливи документи во врска со војната во Авганистан.

Октомври-ноември 2010. Во соработка со неколку големи весници, Викиликс објавува 400 000 службени белешки за војната во Ирак и 250 000 американски дипломатски депеши, од кои најстарата датира од 1966 година. Обвинет дека стои зад ова протекување информации, американскиот аналитичар Чарли Менинг во 2013 година беше осуден на 35 години затвор заради шпионажа. Ослободен е во мај 2017 година, па повторно вратен во затвор во март 2019 година, зашто одби да сведочи против Викиликс.

18 ноември 2010. Шведска издава европски налог за апсење на основачот на Викиликс, обвинет за силување и сексуално злоставување.

7 декември 2010. Асанж оди кај британската полиција која го апси. Најпосле е ослободен со кауција и обврска да носи електронска ракавица.

19 јуни 2012. Асанж наоѓа засолниште во Лондон во амбасадата на Еквадор, држава која тогаш ја предводи Рафаел Кореа кој во август му одобрува азил.

Февруари 2016. Работната група на Обединетите нации го осудува арбитрарното затворање на Асанж.

22 јули 2016 година. Викиликс објавува речиси 20 000 мејлови кои откриваат дека раководството на Демократската партија манипулирало со примарните избори фаворизирајќи ја Хилари Клинтон на штета на нејзиниот конкурент Берни Сандерс.

Октомври 2016. Неколку недели од претседателските избори, Викиликс објавува мејлови на неколку членови од тимот на кампањата на Хилари Клинтон.

21 април 2017. Џеферсон (Џеф) Сешнс, тогаш американски министер за правда, бара апсење на Асанж како „приоритет“ за САД.

19 мај 2017. Шведска ја отфрли жалбата но предметот може повторно да се отвори до изрекување на пресудата за случајот (август 2020).

11 април 2019. Ленин Морено, претседател на Еквадор од мај 2017 година, му го укинува политичкиот азил на Асанж и британската полиција го апси во амбасадата. САД бараат негово испорачување заради „информатичка пиратерија“.

________________________________________

(1) Последната конференција за печат на Обама во Белата куќа, 18 јануари 2017.
(2) David Leigh, „WikiLieaks <has blood on its hands> over Aghan war logs, claim US officials“, The Guardian, Лондон, 30 јули 2010. Спореди: „The Guardian's war on Assange“, https://theguardian.fivefilters.org. Британските дневни весници исто така настојуваат да го дотолчат Асанж тврдејќи, без докази, дека во Лондон се сретнал со шефот на кампањата на Трамп, што е неточна информација која никогаш не е доведена во прашање.
(3) Nick Collins, „WikiLeaks: Guilty parties <should face death penalty>“, The Telegraph, Лондон, 1 декември 2010.
(4) Види: Franklin Ramirez Gallegos, „En Equateur, le neoliberalisme par surprise“, Le Monde diplomatique, декември 2018.
(5) „La trajectoire ambivalente de Julian Assange“, Le Monde, 14-15 април 2019.
(6) Jerome Hourdeaux, „Julian Assange, l'histoire d'une decheance“, Mediapart, 11 април 2019, www.mediapart.fr.
(7) „Julian Assange: journalistic hero or enemy agent?“, The Economist, Лондон 12 април 2019. „La trajectoire ambivalente de Julian Assange“, нав. дел.
(9) „Profession journaliste“, интервју со Фабрис Арфи, Bibliotheque publique d'information, Париз, 17 април 2019.

Извор: Le Monde diplomatique