За дистопискиот роман „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља

03.06.2019 00:27
За дистопискиот роман „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља

Бранко Прља е автор кој е присутен на македонската книжевна сцена веќе 15 години, од неговите скромни почетоци со објавувањето на збирката куси раскази За секого по нешто, за некого ништо до поамбициозните книги како романот Апокалипса.мк (со кој влезе во финале за наградата Роман на годината 2017 на Фондацијата Славко Јаневски). Самиот автор го дели своето творештво во т.н. циклуси, најчесто трилогии од дела, во кои спаѓаат неговите книги со куси раскази, потоа измислените вести, делата со едукативна проза, делата кои ги потпишува со псевдонимот Берт Стајн, т.н. фактопедии и делата од дистопискиот и научно-фантастичен жанр.

Романот Апокалипса.мк е типичен претставник на дистописка литература. Како жанр дистопијата е алатка за критика на општеството и општествен активизам на авторите уште од времето на Сер Томас Мор кој го измислил овој термин, кованица од грчките зборови „лошо“ и „место“, со значење на анти-утопија како што го искористил во своето дело Утопија од 1516 година. Во Енциклопедијата на научна фантастика стои дека „дистописките дела претставуваат негативно гледиште за насоката во која светот наводно оди, со цел да обезбедат итна пропаганда за промена на насоката“. (Стејблфорд, Брајан (1993). „Дистопии“ во делото „Енциклопедија на научната фантастика“, Орбит, Лондон, стр. 360-362)

Некои од изворите го наведуваат делото Ние на рускиот автор на научна фантастика и политичка сатира Евгениј Замјатин како прво оригинално и вистинско дистописко дело, но други појаснуваат дека дистописката литература оди подалеку, до Гуливеровите патувања на Џонатан Свифт од 1726 година. Но, независно од тоа кој став го заземате за потеклото на овој жанр, тој неоспорно отсекогаш бил популарен, независно од тоа дали се работи за конкретна критика на општеството во кое се живее или предвидување на иднината мотивирано од стравот кон каде се движи тоа општество. Овој жанр е популарен не само во литературата, туку и во уметноста општо, а особено во филмот.

Голем дел од класичните дела на дистописка литература се филмувани, како Илјада деветстотини осумдесет и четврта на Џорџ Орвел (1984), Прекрасен нов свет на Олдос Хаксли, Пеколен портокал на Ентони Берџиз (1971), Фаренхајт 451 на Реј Бредбери (1966), Приказната на слугинката на Маргарет Атвуд (2017), а бројот на филмовите засновани на други дела од овој жанр брои повеќе од двесте. Овој жанр доживува особен бум во новиот милениум со дистописка литература за младата популација и делата на кои се засновани филмовите како Игрите на гладните (2012), Играта на Ендер (2013), Лавиринт: Невозможно бегство (2014), Играч број 1 (2018) и слично. Секако, би биле неправедни да не го споменеме и едниот од првите дистописки филмови, ремек-делото Метрополис (1927) на Фриц Ланг.

Но, каде се вклопува Бранко Прља во оваа слика на дистописката литература? Како прво, кога сме веќе на темата на филмовите, неговото дело Апокалипса.мк е пишувано во модерен, динамичен и филмски стил, кој лесно би можел да биде филмуван. Приказната е возбудлива и ве држи во исчекување на тоа што ќе се случи следно, а дејствието постојано се пренесува од еден на друг лик. Самите ликови се добро изградени и ја имаме сликата за нив пред очите додека го следиме дејствието. Ликот на научникот, кој сонува да го смени светот и да го направи подобро место за живеење за сите, го следи својот сон за бесплатна енергија. Научникот, веројатно намерно е наречен Никола Слејт, како асоцијација на Никола Тесла, кој исто така теоретизирал за таков тип на енергија, но по случка на околности бил вплеткан во игри кои оделе подалеку од науката во сферата на политиката и интересите на моќните. Така и ликот од романот на Бранко Прља ќе биде заплеткан во една игра на државата во која живее.

Таа држава секако наликува на тоталитаристичката Орвелова Океанија или како во случајот на Фаренхајт 451, забранети се книгите, уметноста и науката, дозволено е само она што е прагматично и во служба на државата. Во една таква атмосфера се одделува друг лик, писателот Тома, кој сонува за издавање книга која ќе ги отвори очите на светот за состојбата во својата земја и наивно верува дека сите ќе потрчаат да им помогнат на неговите сограѓани во изградбата на еден поправилен и подобар свет. На тој начин овие два лика кои не се познаваат делат заеднички сон кој ќе ги испреплете нивните животи на непредвидлив начин.

Елементите на нарацијата кои ги користи Прља, како што кажавме, се динамичен стил, со употреба на хумористични метафори кој на моменти потсетува на детективската проза на Рејмонд Чендлер, но од друга страна со користење на куси реченици и не премногу накитен и директен исказ потсетува на стилот на Чак Полоник, автор на уште еден популарен роман кој особено во филмската верзија има дистописки квалитети, истоимениот Боречки клуб. Оваа сличност со овој модерен автор се насетува и во претходното дело на Бранко, потпишано со псевдонимот Берт Стајн, 1 час и 30 минути, каде авторот користи еден сличен филмски израз, дури и со елементи на сценарио.

Приказната на Апокалипса.мк е комплексна и се одвива на неколку паралелни нивоа. Иако во романот се препознаваат елементи од реалноста на Македонија која била поттик за авторот да напише едно вакво дело, што е јасно наведено во поговорот, сепак се работи за паралелна реалност во која модерната историја грубо се дели на период пред 1970-та година, т.н. Стара Македонија кога таа била во социјализмот, од 1970-1990 кога постоела Панамериканизирана Македонија и Ерата на Нова Македонија, од 1990-2020, со неочекуван расплет на настаните.

Прочитајте извадок од „Апокалипса.мк“ тука.