Моја Европа: Популизмот и смртта на експертите

04.06.2019 00:12
Моја Европа: Популизмот и смртта на експертите

Француската револуција ja собори аристократијата, кадифената го стори тоа со комунистичката номенклатура. Во денешно време дигиталните маси се креваат против последните рецидиви на нееднаквоста: моќта на експертот.

Како што светот станува се повеќе комплексен, тиранијата на специјализираното знаење се потешко добива поддршка. Земете ја ЕУ за пример. Малку граѓани можат да го разберат суптилниот начин на функционирање на својата машинерија, вклучително и релациите на национално и политичко ниво, лобирање и афинитети. Збунетост и гнев предизвикува фантастичната фигура на еден евро-бирократ кој е зафатен со мерење на степенот на искривување на краставиците.

Не му поднесува сметка никому, тој/таа ги компликува нештата, ги извртува законите, ги прекршува термините за да ги збуни искрените граѓани. Решението на популистите е секогаш наједноставното: ослободи се од оние паразитски посредници. Се чини дека „Европа на здравиот разум" на Салвини е токму такво ветување дека ќе ја намали комплексноста на модерното живеење до ниво на секојдневна мудрост.

Секако демократски избраните политичари треба да бидат нормални луѓе како нас, а потоа би требало да ангажираат специјалисти кои ќе им помагаат во работата. Но границата меѓу политиката и експертизата се чини е нејасна. Тие одат во исти училишта, зборуваат ист јазик, имаат ист привилегиран живот. Пред 50 години во националните парламенти имаше поголем социјален микс, додека денешните парламентарци имаат тенденција да имаат дипломи од престижни универзитети. Исто како врвните експерти.

Постепено и политичарите и експертите почнуваат да бидат перцепирани како дел од истата арогантна група. Од друга страна се појавуваат уште неколку сврзници кои го поврзуваат обичниот човек и политичарот популист: искрени, топли, автентични.

Подемот на аматерот започна во медумското кралство, каде што дигиталниот пресврт им овозможи на обичните корисници да коментираат, да имаат свои блогови, да оценуваат, да шират информации, да прикачуваат видеа. Технологијата Веб 2.0 која овозможува директна интеракција со професионалното новинарство, неочекувано отвори нов свет во кој корисниците почнаа да произведуваат содржини, без уредници кои би ги контролирале или би ја провериле веродостојноста. Довербата се префрли од традиционалните медуми на социјалните мрежи каде вашиот „пријател“ се појавува како извор на информација рамо до рамо со „Гардијан."

Нели бевме инспирирани од „свиркачи“ на кои им успеа да ја заобиколат цензурата во Кина или Египет? Се покажа дека нивната деструктивна активност не запира на границите на диктатурата. Така се најдовме во свет во кој Унгарците веруваат дека Сорос им испраќа мигранти, Бугарите дека „родот“ е демонски и ќе им го смени полот на нивните деца и Французи кои палат автомобили во знак на протест против планот на Макрон да им го продаде Алзас на Германците.

Револтот против експертите (Стивен Хокинг) оди подалеку од новинарството. Аматери истражувачи „вооружени“ со соодветни апликации прават спектрални анализи за огновите на кулите близначки за да докажат дека владата од претходно поставила експлозив во зградите. Други пак ја проучуваат африканската демографија или читаат извадоци од медицински написи за да го демистифицираат опасниот ефект од вакцините. На Балканот омиленото минато се бори против професионалните историчари, кои намерно занемаруваат тајни факти (достапни онлајн во секое време) со кои се докажува славата на нацијата.

Дубравка Угљешиќ го нарекува ова „караоке култура": култура на гости кои фалшираат, придружена со музичка подлога само за 15 минутна слава. Но ова актуелново караоке не е толку спонтано како што се чини. Популистичките политичари ја нарачуваат музиката, нивната цел е да ги насочат (дигиталните) маси против омразените елити. Секако интелектуалци нема да бидат испраќани во концентрациони кампови, како што тоа своевремено го правеа комунистите. Тие едноставно ќе станат застарени и пречка за револуционерниот здрав разум обединувајќи го лидерот и неговите следбеници.

„На луѓето во земјава им е преку глава од експерти", вели познатиот Мајкл Гоув, самоук министер за правда и водечки брегзитер. Трамп, Орбан, Ердоган постојано ги напаѓаат професионалните медиуми. Омраза кон здодевното судство. Прескокнувајќи советници, одбори, независни агенции, невладини организации, со неговото неконтролирано твитање, популарниот Трамп директно комуницира со душата на нацијата.

Враќањето на идеолошките позиции обично критикувано од експерти, создава емоционална врска со обичниот човек бидејќи конзистентноста не е нужно присутна во секојдневниот живот. Се сеќава ли некој дека Лега Норд беше сецесионистичка партија, и дека Боси изјави оти му се повраќа од италијанското знаме? Или дека Ле Пен сакаше да излезе од европската монетарна унија и НАТО? Новите популисти сакаат да ги освојат луѓето со вулгарен речник, наивна едноставност и непристоен хумор. Она што ме погодува во клипчето „Ибица“ , каде Штрахе е подготвен да си ја продаде земјата, е грубиот и невнимателен начин на кој сака да го стори тоа. Крајниот десничар од Бугарија, Сидеров го коментираше изборот на својот противник Џамбаски со тоа што обзнани дека е хомосексуалец. За неговата публика ова беше забавно.

Наместо да се обидат да се спротивстават на нов револт на масите, се чини популистите го предводат истиот и го поттикнуваат, засилувајќи го класното незадоволство против супериорните елити на универзалните принципи на знаење и правда, при што се спротивставуваат на локалната гордост и самостојност. Тие се свесни дека оној момент кога ќе се ослободат од експертите, ќе има многу помала контрола врз нивните сомнителни активности. И да, граѓаните се уште може да ги контролираат, но за жал се чини дека се повеќе се забавуваат со нивното караоке пеење.

Слики: Nate Kitch

Извор: DW