Љубовта и сексот во времето на интернетот

04.06.2019 11:24
Љубовта и сексот во времето на интернетот

 

  Компанијата Facebook во есента 2018 г. ја пушти во употреба апликацијата Dating, додавајќи ја на долгиот список апликации наменети за спојување на љубовни и сексуални партнери. „Facebook: Како ќе изгледа неговиот сервис за запознавање„ (Le Monde, 2 мај 2018); „Ете го, Dating конечно започна со работа!“(20 Minutes, 22 септември, 2018); печатот внимателно ги следеше сите новости врзани за оваа апликација, како што тоа го прави во случајот на која било слична иновација. После првобитните сајтови: Match, Meetic, или AdopteUnMec, сега активните мобилни апликации се засновани на принципот на геолокација: Grindr, Tinder, Happn или Bumble.

Овие платформи, кои во средината на 1990-тите се појавија во САД, набрзо се проширија и во другите земји, вклучувајќи ја и Франција. Првите сајтови наменети за француските корисници беа Netclub.fr (1997) и Amoureux (1998). По нив набрзо започнале и други: според пописот во 2008 постојат најмалку 1045 франкофони сервиси за запознавање. Според истражување од 2013 г. 18% од луѓето на возраст помеѓу 18 и 65 години веќе користеле еден од овие сајтови, што значи отприлика третина од вкупниот број неоженети, разведени или вдовци/вдовици. Овие броеви во меѓувреме сигурно се зголемиле со порастот на популарноста на мобилните апликации. Истото истражување покажало дека помеѓу оние (на возраст помеѓу 26 и 65 години) кои својот партнер го запознале помеѓу 2005 и 2013 г. нешто помалку од 9% го направиле тоа преку сајтови за запознавање. Тоа ги поставува овие сервиси на петто место на списокот на простори за запознавање, зад работното место и местото на студирање (24%), дружењето со пријатели (15%), јавните места (13%) и домаќинствата (9%). Иако не станаа главен начин на запознавање, овие платформи претставуваат современ начин на стапување во односи.


Од „Францускиот ловец“ до Тиндер

Нивната појава беше пропратена со бурни реакции. Беа обвинети дека поттикнуваат „скокање од врска во врска“ како и дека ја зголемуваат „фобијата од посветување“. Корисниците изложени на значајна понуда на потенцијални партнери стануваат склони кон тоа да развиваат потрошувачки однос кон партнерите и се во константно искушение да бараат „подобри“ партнери наместо да градат врска. Онлајн запознавањето исто така роди вистински сексуален и љубовен пазар.

Овие критики не се новост за историчарите. На крајот од19 век, појавата на стројничките агенции и личните огласи предизивикала слична загриженост. Тогашните коментатори обвинувале дека овие го претворале бракот во профитабилна работа и дека ја доведувале во прашање „колку морлноста толку и легалноста на „стројништвото од племенити намери“. Le Chasseur Français (Француски ловец) во 1892 го објавил првиот личен оглас. Тоа месечно списание наменето за руралното население со тоа станало еден од првите печатени медиуми кои своите страници ги отвориле за огласи на самците кои барале сродна душа. Поради осудата на која наишол тој нов начин на запознавање, тој сепак останал маргинален. Во средината на 1980-тите, помалку од 1% Французи и Французинки го запознале својот партнер преку оглас, а огромно мнозинство тврдело дека никогаш не ги ни користеле.

Денес, пазар на сличен вид услуги е во полн замав. Како и во бројните други сектори во развој, доминантните групи брзо ги преземаат нови актери. Тоа е случајот со Meetic и Tinder, двата во сопственост на Match, кој припаѓа на големиот конгломерат на претпријатија на Interactive Corp – IAC на чија листа на сопственост се наоѓаат голем број, наводно конкурентски, брендови. Рангирана на берзата, оваа група во 2018 забележала промет од 800 милиони евра, од кои 400 милиони само за филијалата на Match, што претставува зголемување од 36% во однос на претходната година.

Новодојдените актери на пазарот главно ги презеле првобитните технички решенија без навистина да ги осовременат. На пример, може да се забележи огромна сличност помеѓу мобилните аплиакции: повеќето прикажуваат големи профилни фотографии кои корисникот треба да ги повлече налево (за да ги одбие) или надесно (за потенцијално да стапи во контакт). Match или Crush го известуваат дали интересот е обостран. 


Во крајна линија, овој пазар е многу сегментиран, со целни групи како пензионери, ВИП-личности (читај: богаташи), Магрепчани и Евреи. Се тврди дека овој феномен е последица на желбата за контакт со слични на себе и пораст на чувството на заедница. Всушнот, тоа е пред сѐ одраз на испробана претприемничка стратегија која се заснова на напад на доминантните актери преку латерална (со заземање на сегмент од пазарот) повеќе отколку фронтална (целење на широкиот пазар) конкуренција. Според објаснувањата на администраторите на еден северноамерикански веб-сајт, „тоа е економско прашање кое треба да се набљудува од гледна точка на претприемачот: полесно ќе успееш ако избереш конкретна цел“. Резултатот е умножување на понудата до, понекогаш изненадувачки размери (за гикови, еколошки освестени, за симпатизери и симпатизерки на левицата или десницата...). Повеќето од овие со време ќе исчезнат. Само малцинството кое се заснова на веќе постоечка логика на групни интеракции успева да допре до значајна публика; тоа е случај со сајтовите кои целат на одредена вероисповед или оние насочени кон високите класи. 

Дали овој сеприсутен капитализам во кој живееме и кој непрестано ги шири своите замки го менува нашето однесување? Тоа е помалку извесно. Додека творците на услугите нудат понекогаш многу насочени критериуми на избор кои можат да ја олеснат хомогамијата и, и покрај очигледното мешање на интернет кое, од друга страна, може да го ублажи овој тренд, паровите кои се запознаваат преку интернет се, ceteris paribus, во иста мера хомогамни, како и оние кои се запознаваат другде. Со други зборови, кај нив е утврдена иста мера на веројатност за спојување со партнер од сличен социјален статус. Значи, востановената логика на спарување не е поткопана.

Постои уште еден знак на стабилност. Наспроти паниката која печатот ја шири со насловите како: „Како сајтовите за запознавање ја убија љубовта“ (Huffington Post Québec, 13 јануари, 2015), брачната норма и понатаму е силна. Младите сѐ уште го сметаат животот во пар за идеален, иако во првиот брак стапуваат подоцна отколку во минатото. Исто така, иако разводите станале почести, истото важи и за стапувањето во втори и подоцнежни бракови. Љубовта не умрела. Единственото што се случило е што развојните патишта на врските станале пократки и посклони кон прекинувања. Факт е дека луѓето до 25 години биле во две или повеќе љубовни врски; 36% од жените и 29% од мажите родени помеѓу 1978 и 1982 велат дека тоа во нивниот случај е вистина, додека оваа појава била многу ретка помеѓу генерациите родени во педесеттите години од минатиот век (од 6 до 9 проценти).

Новостите се јавуваат на други места. Вниманието посветено на најспектакуларните аспекти на сајтовите и апликациите за запознавање - како огромниот број корисници, стандардизацијата на профилите, или рамката на избор на партнери – нѐ наведува да занемариме една нивна далеку позначајна карактеристика: изолираноста на корисниците. Онлајн запознавањето се случува надвор од и често без знаење на друштвените кругови. Во таа смисла, тоа претставува прекин на досегашните пракси. Традиционално, интимните односи започнуваат во општествениот простор како работното место, местото на студирање, излегување или бавење со хобија. Со појавата на сајтовите и апликациите за запознавање, потрагата по партнерите станала приватна работа која се води дискретно, лице во лице со сопствениот смартфон, скриено од погледите на околината.


Бегство од општествената контрола

Оваа приватизација на средбите е важен фактор на успех на сајтовите и апликациите кој е ретко разгледуван. Пред сѐ помеѓу најмладите, на кои овие услуги има пружаат можност да флертуваат, да експериментираат и пронајдат партнери скриени од погледите на своите врсници и родители. Наспроти запознавањата кои се случуваат преку дружење, на пример на излегувања или на студии, оние кои се воспоставуваат онлајн не создааваат „багаж“. Така, дваесетгодишната студентка Аликс објаснува дека не би сакала да „излезе со некој од факултет“ затоа што не сака „да го гледа секој ден доколку нештата тргнат на лошо“: „Затоа повеќе сакам тоа да биде надвор од сѐ“, вели.

Односите кои започнуваат на ваков начин побрзо стануваат сексуални од оние кои се јавуваат во поинакви контексти и често се краткотрајни. Дискрецијата суштински го олеснува пристапот до сексуалноста – најчесто вонбрачната. Бидејќи надворешната општествена контрола е послаба и бидејќи односите носат помали последици, партнерите полесно стапуваат во нив. Тоа е особено вистинито за жените, чии тела се сѐ уште под поголема општествена контрола во однос на машките.

Ова раздвојување на пријателските и професионалните односи од една, и сексуалните партнери од друга страна е привлечно и за оние постарите, но од делумно поинакви причини. Како што човек старее така се јавуваат сѐ помалку прилики за запознвање. Не само што општествените кругови се празнат од сингл луѓе (повеќето контакти се веќе во врски), туку и дружењето се спроведува во потесни кругови – излегувањата на журки ги заменуваат вечерите со пријатели. Како што објаснува 44-годишниот заварувач Бруно, „кога имаш одреден број години, кариера (...) не е лесно да запознаеш некого откако сите свои пријатели веќе добро си ги запознал“. Поради тоа сајтовите се главно фокусирани на запознавање на разведени луѓе: љубовните односи кои настануваат преку нив најчесто се втори бракови.

Колку и да е неодамнешен, овој начин на запознавање се впишува во долг еволутивен процес. Од втората половина на 20 век востановена е миграција на праксата на дружење од јавните места кон приватните простори и тесните кругови. Некогашните балови, на пример, отстапиле место на приватните забави. Истото важи и за пошироките народни маси, како и за младите од сите класи, со јасен премин од „култура на улицата“ кон „култура на собата“. Онлајн запознавањата всушност ја нагласуват таа трансформација, а не создаваат некакви „дигитални балови“.


 

Извор: Nedeljnik

Слики: Florica Prevenda