Австриската десница и разузнувачките служби

06.06.2019 00:42
Австриската десница и разузнувачките служби

Сибила Гајслер добро ја познава екстремната десница во Австрија, која изминатите недели повторно предизвиква немир со споредбата на мигрантите со стаорци и со правдањето на плакатот кој е на трагата на нацистичката пропаганда. Гајслер повеќе од 12 години ја води антиекстремистичката единица на внатрешната разузнувачка служба, а неодамна сведочеше пред парламентарната комисија која истражува дали крајната десница се обидува да ја поткопа нејзината агенција. Денес, нејзин најголем предизвик е тоа што крајната десница е составен дел од владата.

Не долго откако пред 17 месеци, Слободарската партија влезе во владата и го презеде министерството за внатрешни работи, висок службеник од министерството барал од Сибила Гајслер и од нејзиниот шеф да му ги дадат имињата на доушниците кои се инфилтрирале во десничарската сцена. Тие одбиле. Неколку недели подоцна, вооружена полиција упаднала во нејзината канцеларија и ја однела документацијата која со години била собирана од домашните разузнувачи и сојузничките држави.

Последиците на оваа рација и натаму се чувствуваат и се шират во внатрешната политика, додека Австрија станува значаен пример на држава во која крајната десница преминала од политичките маргини во центарот на моќта.

Ширум Европа се зајакнуваат националистите и тврдата десница. Управуваат со владите во Унгарија и Полска, а малцинските партнери се во владејачките коалиции во Австрија, Италија и од неодамна и во Естонија. Во Данска, крајната десница влијае преку малцинската конзервативна влада, а зајакна дури и во Германија кадешто иако не успеа да стигне до власта, стана главна опозициска партија во парламентот и има свои пратеници во собранијата на сите сојузни држави.

Таму кадешто националистите влегле во владите, презеле клучни ресори од кои влијаат врз прашањата за редот и законот и имиграцијата, како министерствата за внатрешни работи. Во случајот на Австрија тоа подразбира контрола врз безбедносниот апарат, чиј значаен дел од работата, долго време било да се надгледуваат заканите за државниот систем од страна на неонацистите. Назнаки на слична борба се гледаат и во Германија, каде минатата година бил сменет шефот на внатрешната разузнувачка агенција заради сомневање дека претераната наклоност кон крајната десница го попречува да извршува коректен надзор на нејзините врски со неонацистичките групи.

„Тоа што се случува во Австрија, веќе сме го виделе во други европски држави – удар врз независните институции, врз одвоеноста на власта и владеењето на правото“, вели Јаша Мунк, експерт за популизам и автор на книгата Народот против демократијата. „Слободарската партија едноставно мисли дека безбедносниот апарат треба да служи на нивниот поглед на свет, а тоа е опасно. Тоа е сеиозен предизвик за владеењето на правото во Австрија“, вели тој.

Членовите на Генерација на идентитетот во нивното седиште во Виена

Во круговите на крајната десница се фантазира за „Денот Икс“, кога неонацистите со пуч ја преземаат власта. За Сибила Гајслер тој ден не е толку незамислив. Опишувајќи ја полициската рација во разузнувачката агенција, Гајслер на сведочењето пред парламентарната комисија, минатата година кажала: „Да бидам искрена, бидејќи долго време работам во областа на екстремизмот на на крајната десница и имам прилично информации, мојата прва помисла беше: тоа е тоа, ова е Денот Икс“.

***

Виена, славниот центар на меѓународната шпионска интрига во времето на Студената војна, повторно е центарот на битката помеѓу либералните западни идеи и екстремистичките сили кои прават сојузи ширум Европа. Австриските разузнувачи велат дека последиците веќе се чувствуваат. Постарите оперативци на службата велат дека ги штитат доушниците и информациите не само од непријателските држави, туку и од членовите на сопствената влада.

Дури и европските сојузници и Соединетите држави почнале да ја исклучуваат Австрија од одредени разузнувачки размени, вознемирени заради широката меѓународна мрежа на екстремната десница, а особено заради нејзините симпатии за Русија. „Многу внимателно разгледуваме што ќе споделиме со нашите австриски партнери, затоа што не сме сигурни во чии раце може да дојдат тие информации“, наведува еден европски разузнувач. Во таа смисла, посебно внимание привлече информацијата дека екстремистот што е обвинет за убиства на 51 Муслимани во две џамии во Крајтчерч во Нов Зеланд, донирал пари за австрискиот претставник на десничарското младинско движење Генерација на идентитетот.

Младиот австриски канцелар Себастијан Курц (32) вети темелна истрага на сите евентуални врски, финансиски или организицаиски. Меѓутоа, веќе се појавуваат сомнежи во способноста или подготвеноста на неговата влада за таква задача.

Курц ја водеше својата конзервативна Народна партија на Австрија кон изборната победа во 2017 година, давајќи ѝ младешки и елегантен имиџ на агендата сродна со екстремната Слободарска партија, која потоа ја покани во коалиционата влада. Функцијата му зависи од нивната поддршка.

Врските на Слободарската партија со десните екстремисти се добро документирани, вклучувајќи ја и Генерација на идентитетот, која е предмет на истрага на повеќе европски разузнувачки служби. Минатата година, разузнувачите составиле список од 374 луѓе кои уплаќаат донации за ова движење, меѓу кои се и неколку активни членови на Слободарската партија. Во неодамнешна истрага биле идентификувани 48 политичари или вработени во Слободарската партија кои имаат врски со Генерација на идентитетот. Според истражувањата на една непрофитна организација, најмалку четири министерства која ги држи Слободарската партија, вклучувајќи ги ресорите одбрана, надворешни и внатрешни работи, вработиле екстремисти. Нивните идеи влијаат врз политиките: минатата есен, канцеларот Курц одеднаш ја повлекол поддршката на Австрија за пактот на ОН за миграциите, после контракампањата на активистите на Генерација на идентитетот.

„Изгледа дека тој марш кон институциите е прилично пресметан, што не го очекувавме“, вели Кристијан Штрохал, поранешен австриски амбасадор. Опозицискиот пратеник и член на парламентарната комисија Питер Пилц верува дека тоа свесно се планира. „Систематски поставуваат свои луѓе на стратешки места“, вели Пилц. Обожавателите на канцеларот тврдат дека крајната десница се припитоми откако учествува во владата. Критичарите, дури и од неговите редови, тврдат дека тој ги поттикнува и оправдува. „Крајната десница, Себастијан Курц ја направи општествено прифатлива“, објаснува Рајнхолд Митерленер, поранешен заменик на канцеларот и конзервативец.

Во разговорот што се одржува во неговата величенствена виенска канцеларија обложена со дрво, Курц вели дека не го променил ставот за учеството на Слободарската партија во владата. Ја одбива идејата дека полициската рација била политички мотивирана иако барал да ги добива извештаите непосредно од директорот на разузнувачката служба, заобиколувајќи го својот министер за внатрешни работи. „Верувам во нашето правосудство“, изјави канцеларот. Тој додава дека приказните за врските на Слободарската партија со Русија се претерани и дека е задоволен од наводите на оваа партија дека прекинува со Генерацијата на идентитетот. „Јасно ги поставив границите“, рече Курц.

Австрискиот заменик канцелар е лидер на Слободарската партија и некогашен неонацист

Меѓутоа, на прашањето за границите на канцеларот, еден постар разузнувач на масата со раката прави цик-цак линија за да опише на што личи таа граница.
Само во текот на последните неколку недели, еден претставник на Слободарската партија објавил песна во која мигрантите ги споредува со стаорци. Друг бараше австриската јавна телевизија да го отпушти водителот што го прозиваше заради постер кој многу потсетуваше на нацистичката порпаганда. Заменикот канцелар Хајнц – Кристијан Штрахе, инаку лидер на Слободарската партија и некогашен неонацист, идејата за „големата замена“ на Европјаните со мигранти ја нарече „реалност“ што е централната теорија на заговор, која ја промовира Генерацијата на идентитетот – а има значајно место во манифестот на убиецот од Нов Зеланд.

Рацијата на полицијата во разузнувачката агенција на сопствената држава, во февруари 2018 година се случила откако се дознало дека едно екстремно десно братство, предводено од ѕвездата во подем на Слободарската партија, користи песни со брутално антисемитски стихови.

Инветарот на материјалот конфискуван во рацијата бил прилчно долг. Полицајците од единицата за уличен криминал, кој ја води сојузникот на Слободарската партија, однеле сè: од личните телефони до ДВД-то со порнографски филм. Ги копирале хард дисковите на кои се наоѓаат доверливи информиации, собирани со години и добиени од странски разузнувачки служби, као и софтверот Нептун кој се користи за доверлива комуникација.

Шефицата на единицата за екстремизам, Сибила Гајслер брзо ги увидела првите знаци на дистанца на сојузничките служби. Во мај, минатата година, два часа пред поаѓањето на аеродром на еден колега му беше откажана поканата за европскиот состанок за Генерацијата на идентитетот. Минатиот септември Гајслер учествувала на состанок кога сфатила дека неколку сесии биле одржани без нејзино присуство. „Прашав зошто не ме известиле“, раскажа на комисијата во парламентот. „Отворено ми беше кажано дека не им е дозволено да контактираат со мене“.

Во јули, Австрија беше исклучена од паневропскиот налог за следење на еден руски дипломат осомничен за шпионажа. Финските разузнувачи пратиле информација на членовиот на Бернскиот клуб, неофицијалниот форум на европските разузнувачки служби, со директна напомена: „Освен Австрија“. Слободарската партија потпишала договор за соработка со партијата на рускиот претседател Владимир Путин, додека минатото лето, министерката за надворешни работи, која ја има поддршката од Слободарската партија, го поканила Путин на својата свадба.

Прашан на затворената сесија на парламентарната комисија, кои странски служби изразиле загриженост заради ризикот од протекување информации во Русија, шевот на разузнувачката агенција, Питер Гридлинг ги наброил по ред: „САД, Британија, Холандија, Германија“. За да го избегне официјалното исклучување, Гридлинг ја повлекол својата служба од сите работни групи. Протокот на важни информација речиси сосема пресушил.

„Слободарската партија го загрозува интегритетот на службите за национална безбедност, а со тоа и безбедноста на републиката“, вели Штефани Криспер, пратеничка на Либералната партија Неос и членка на комисијата за истрага на рацијата.

Десничарски марш во Виена

На Сибила Гајслер ѝ било сугерирано да замине во предвремена пензија или да се префрли во друг сектор, на пример во „спорт“, но таа одбила. Не прифатиле ниту да зборува во медиумите. Во телефонска изјава, нејзиниот адвокат вели дека Гајслер не може да ризикува да се „изложи на обвиненија од страна на власта“.

Австриските судови веќе пресудија дека девет од десет рации кои биле спроведени тој февруарски ден, минатата година, биле незаконски. На работа биле вратени тројца од четворицата суспендирани службеници, вклучувајќи го и директорот Гридлинг.

Во меѓувреме, во централата на разузнувачката агенција е заведен строг протокол за случај на нова рација. Обезбедувањето на влезот добило инструкции да не се повлече пред заканите на полицијата и да спречи влегување на инспекторите сè додека не ги извести извесен број повисоки службеници на агенцијата. „Следниот пат ќе бидеме подготвени“, велат од агенцијата.

Фотографии: Gordon Welters, Lena Mucha

Извор: The New York Times