Потеклото на еволуцијата

07.06.2019 01:46
Потеклото на еволуцијата

Чарлс Дарвин

„За оние што ќе ги проучуваат симболите од нашата ера“, пишува англискиот биолог и мислител Томас Хаксли (1825-1895), „појавата на филозофијата на еволуцијата, во однос на нејзината позиција на тронот на човековата мисла, каде успеала да стигне од лимбот на презрените и, како што се надевале многумина, заборавени нешта, ќе претставува најголема знаменитост на 19 век.

Нејзиниот креатор, авторот на теоријата на еволуцијата, англискиот природонаучник Чарлс Дарвин (1809-1882) се родил на 12 февруари, пред точно 210 години. Во текот на поголемиот дел од животот кој се сместил во 19 век, Дарвин ширум Англија бил познат исклучиво како автор на книгата „Патување на бродот Бигл“ која покрај славата му донела материјална сигурност, а содржела бројни егзотични биолошки анализи.

Цели четири децении по враќањето од Бигл, Дарвин постојано престојувал во својата куќа во Даун, без никаква волја повторно да патува некаде. Но, иако во овој период идејата за трансформација на живиот свет го потикнувала да собира и толкува докази од палеонтологијата, ембриологијата, геологијата, ботаниката и зоологијата, Дарвин својата теорија ја држел речиси во тајност сѐ до 1859 година.

Една од причините зошто толку плашливо настапувал со своето „потекло со модификација“ била состојбата во која било затекнатно трансформистичкото учење кон средината на 19 век. Во биологијата од тоа време до толку доминирало фиксистичкото учење на францускиот анатом и татко на палеонтологијата Жорж Кувие (1769-1832), што на Дарвин му се чинело дека во научните кругови на трансформизмот се гледа речиси како на ерес.

Корените на трансформизмот досегнуваат до 17 век, додека како учење за промените во живиот свет посериозно се развива со истражувањата на шведскиот ботаничар Карл Лине (1707-1778). Кон крајот на 18 век, со развојот на математиката и сѐ почестите откритија на фосилни остатоци кон трансформизмот се насочиле голем број природонаучници. Меѓу нив бил и дедото на Чарлс Дарвин, Еразмо (1731-1802), кој во 1974 година ја објавил „Зоономијата или законот на органскиот живот.“

Еразмо Дарвин

Неговото дело не влијаело пресудно на внукот. Како што пишува во „Автобиографијата“, Чарлс Дарвин двапати ја читал „Зоономијата“, но дошол до разочарувачки заклучок за претераниот удел на шпекулациите во однос на фактите. Како што пишува Томас Хаксли „Еразмо Дарвин впрочем ја предвидел појавата на Ламарк, а не на Чарлс Дарвин“.

Првата комплетна теорија на еволуцијата пред Дарвин ја поставил Жан-Батист Ламарк (1744-1829) во книгата „Зоолошка еволуција“ од 1809 година, но впрочем тој е и најодговорен за пропаста на својата теорија. Во долгата дебата со Кувие не успеал да ги одбрани трансформистичките идеи кои потоа ги напуштиле природонаучниците.

Дарвин наместо единките почнал да го посматра однесувањето на популациите, дал објаснување како доаѓа до трансформација во природната селекција. Најголемо влијание врз него, покрај Ламарк, имало делото на англискиот геолог Чарлс Лајел (1797-1875) „Принципи на геологијата“ која ја читал додека патувал на Бигл.

Меѓутоа, се покажало дека тој не е единствениот кој во тишина се занимавал со трансформизмот. Пролетта 1857 година, на Дарвин во Даун му стигнало писмо од Малајскиот архипелаг, кое му го испратил истражувачот Алфред Расел Волас (1823-1913) и во кое го изложил своето согледување на борбата за опстанок, до кое дошол независно и го објавил претходната, 1856 година.

Се смета дека појавата на алтернативната теорија на Волас, впрочем, во голема мера го поттикнала Дарвин со своето учење најпосле да излезе во научната јавност. Ќе се покаже дека меѓу научниците сепак не било непознато со што се занимава Дарвин и тој во текот на следната година ќе одговара на бројни писма кои го поттикнуваат да ја објави својата теорија. Тоа дарвиново првенство го прави несомнен творец на еволуцијата.

Но, Дарвин следната година сепак ќе ја забрза работата на книгата, за во ноември 1859 година, да излезе од печат „Потеклото на народите“. Првото издание на книгата доживеало неверојатен успех за една научна книга, веројатно една од последните кои се пишувани на јазик разбирлив за широката публика и чиј прв тираж се распродал за една недела. Затоа, циниците умеат да кажат дека на Бога му требале седум дена за да го направи светот, а Дарвин во него да ја воведе теоријата на еволуцијата.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Наука / Живот / Историја
Свет / Наука

ОкоБоли главаВицФото