Зошто измислиците се посилни од вистината

08.06.2019 18:00
Зошто измислиците се посилни од вистината

Многумина веруваат дека вистината оди заедно со моќта и дека на крајот, разумноста сепак ќе ги победи разните водачи, религии или идеологии кои ја извртуваат стварноста. Се вели дека вистината е најдобрата стратегија за освојување на моќта, но за жал, тоа е бајка. Вистината и моќта имаат многу покомплициран однос, зашто во човечкото општество моќта подразбира две сосема различни работи.

Од една страна, моќ значи да се има способност за манипулирање со објективната стварност: да се лови дивеч, да се конструираат мостови, да се лечат болести, да се прават атомски бомби. Тој вид моќ е тесно поврзана со вистината. Ако верувате во лажната теорија на физиката, нема да може да направите атомска бомба.

Од друга страна, моќта исто така значи способност за манипулирање со уверувањата на луѓето што овозможува нивна делотворна соработка. Изработката на атомска бомба бара не само добро познавање на физиката, туку и координирана работа на милиони луѓе. Хомо сапиенс ја освоил планетата Земја затоа што ние сме единствени цицачи кои се во состојба да соработуваат во многу и бројни заедници. Кооперацијата на множество поединци зависи од вербата во заеднички приказни. Но тие приказни не мора да бидат вистинити. Милиони луше може да се обединат со верба во сосема измислени приказни за бог, раса или економија.

Од дуалната природа на моќта и вистината произлегува фактот дека ние луѓето знаеме многу повеќе вистини отколку другите животни, но и веруваме во многу повеќе бесмислици. Истовремено сме и најпаметните и најелоквентните жители на планетата. Зајаците не знаат за E=MC² или дека вселената е стара околу 13,8 милијарди години, а ни тоа дека ДНК се состои од цитозин, гуанин и тимин. Од друга страна, зајаците не веруваат во митолошки фантазии и идеолошки апсурди со кои во текот на историјата биле хипнотизирани неброено многу луѓе. Ниеден зајак не би се согласил да се залета со авион во Светскиот трговски центар убеден дека на оној свет го чекаат 72 зајачки девици.

Кога станува збор за обединувањето на луѓето околу заедничка приказна, измислицата всушност има три важни предности во однос на вистината. Прво, додека вистината е универзална, измислиците главно се локални. Ако имаме намера да го разликуваме своето племе од туѓинците, измислената приказна ќе се покаже многу подобар означител на идентитетот, отколку виситината. Да речеме ако своите соплеменици ги учиме да веруваат дека „сонцето се раѓа на исток, а заоѓа на запад“, тоа звучи како многу лош племенски мит. Случајниот минувач во џунглата, кој исто така мисли дека сонцето се раѓа на исток, може да биде верен припадник на истото племе, но може да биде и паметен странец, кој независно од нас дошол до истиот заклучок. Подобро е да се учат соплемениците дека всушност „сонцето низ небото секој ден скока околу една огромна жаба“, зашто малкумина странци, колку и да се паметни, самостојно ќе дојдат до истата идеја.

Втората огромна предност на фикцијата над вистината лежи во принципот на хендикеп, според кој веродостојните сигнали мора да бидат скапи за оној што ги емитува. Во спротивно, измамниците лесно може да ги имитираат. На пример, мажјакот на паунот на женките им ја сигнализира својата физичка кондиција со раскошната опашка. Тоа е сигурен сигнал на кондиција, зашто опашката му е тешка, гломазна и ги привлекува предаторите. Само вистински способен паун може да преживее наспроти таквиот хендикеп. Нешто слично се случува и со приказните.

Ако политичката лојалност се сигнализира со верба во вистината, таквиот сигнал секој може да го имитира. Верувањето во будалести и бизарни приказни наметнува поголем товар, па затоа е подобар сигнал на лојалност. Што докажува тоа што на својот водач му верувате само кога ја зборува вистината? Да му се верува на водачот дури и кога прави кули во воздух, е тоа е лојалност! Итрите водачи понекогаш намерно кажуваат бесмислени работи за да дознаат кои се нивни најверни поклоници и да ги разликуваат од оние што се виткаат како што дува ветерот.

Трето и најважно, вистината честопати боли и воземирува. Оној што не ја разубавува стварноста нема да има многу следбеници. Претседателскиот кандидат, кој на американската јавност би ѝ ја кажувал вистината, само вистината и ништо освен вистината за американската историја, гарантирано ќе ги изгуби изборите. Истото важи за кандидатите во сите други држави. Колку Израелци, Италијани или Индијци би можеле да ја сварат целата вистина за својата нација? Бескомпромисната приврзаност кон вистината е восхитувачка духовна пракса, но не е победничка политичка стратегија.

Некој би кажал дека долгорочните последици од верувањето во измислени приказни сепак се потешки од нивното краткорочно предимство во општествената кохезија. Наводно, кога еднаш луѓето ќе стекнат навика да веруваат во апсурдни фикции и пријатни невистини, таа навика ќе ја пренесат на повеќе области, па последично ќе носат лоши економски одлуки, ќе усвојуваат контрапродуктивни воени стратегии и ќе бидат неуспешни во развојот на делотворни технологии. Иако повремено тоа навистина се случува, далеку е од општо важечко правило. Дури и најекстремните зилоти и фанатици знаат како да ја издвојат својата ирационалност, така што во некои области ќе веруваат во бесмислици, додека во други ќе бидат извонредно рационални.

Да ги земеме за пример нацистите. Нивната расна теорија беше псевдонаука. Иако се труделе да ја потпрат врз научни докази, сепка би морале да ја намалат способноста за рационално размислување за да развијат доволно силно уверување што ќе ги оправда убиствата на милиони луѓе. Меѓутоа, кога требало да се проектираат гасни комори во Аушвиц, нивната рационалност излегла од темнината сосема неначната.

Истото важи и за многу други фанатични групи кои се појавуваат низ историјата. Отрезнува увидот дека Научната револуција потекнала од најфанатичната култура во светот. Во времето на Колумбо, Коперник и Њутн, Европа била густо населена со верски екстремисти со најниско ниво на толеранција.

Самиот Њутн изгледа дека повеќе време поминувал во потрагата по тајните пораки на Библијата, отколку во изучување на физичките закони. Најголемите умови на Научната револуција живееле во општество кое ги прогонувало Евреите и Муслиманите, на големо ги палело еретиците, гледало вештерка во секоја повозрасна жена со мачки и постојано почнувало нови војни.

Да сте отпатувале во Каиро или Истанбул пред 400 години ќе сте затекнале мултикултурни, толерантни метрополи во кои едни покрај други во релативна слога живеат сунити, шиити, православни, католици, Ерменци, Копти, Евреи, па и по некој хиндуист. Иако знаеле за неслога и побуни и иако Отоманското царство рутински ги дискриминирало луѓето по верска основа – тоа бил либерален рај во споредба со западна Европа. Ако потоа сте отпатувале во тогашен Париз или Лондон ќе сте виделе градови преполни со верска нетрпеливост, кадешто опстануваат само припадниците на побројните секти. Во Лондон ги убивале католиците; во Париз ги убивале протестантите; Евреите одамна биле протерани, а на никој на ум не му паѓало да ги пушти муслиманите да живет таму. Сепак, Научната револуција започнала во Лондон и Париз, а не во Каиро и Истанбул.

Способноста за компартментализација на рационалноста веројатно прилично зависи од структурите на мозокот. Различни делови на мозокот се одговорни за различни модуси на мислење. Луѓето се во состојба потсвесно да ги деактивираат и реактивираат оние делови на мозокот кои се пресудни за скептичното размислување. Така Адолф Ајхман можел да го исклучи својот префронтален кортекс додека го слушал распалениот говор на Хитлер, а потоа да го рестартира кога треба да ги организира поаѓањата на возовите за Аушвиц.

Дури и кога деактивирањето на рационалните функции скапо чинат, предностите на зголемената општествена кохезија често се толку важни што измислцата рутински триумфира врз вистината. На научниците тоа им е познато веќе илјадници години зашто и самите мора да одлучат дали ќе ѝ служат на вистината или на општествената хармонија. Дали би требало да тежнеат кон обединувањето на луѓето, трудејќи се секој да поверува во иста измислица, или на луѓето треба да им ја објават вистината дури и по цена на неединство? Сократ ја избрал вистината, па бил погубен. Најмоќните институции во исторјата, без оглед да се составени од христијански свештеници, конфучијански мандарини или комунистички идеолози – единството го ставале пред вистината. Затоа и биле толку моќни.

Јувал Ноа Харари е израелски историчар, најпознат по својата книга „Сапиенс: Кратка историја на човештвото“. Наскоро ќе бидат објавени неговите збирки есеи „Модерна етика во 77 аргументи“ и „Модерна Филозофија во 133 аргументи“, со колумни од рубриката The Stone (The New York Times). Уредници се Питер Катапано и Сајмон Кричли во издание на „Liveright Books“.

Слики: Sophy Hollington

Извор: The New York Times

 

 

ОкоБоли главаВицФото