Митовите за тајните служби во Европа

09.06.2019 23:15
Митовите за тајните служби во Европа

Светот, така се чини понекогаш, како да излетал од колосек, а секогаш и насекаде зад тоа се кријат- тајните служби: во Англија напад со отров, во Црна Гора обид за државен пуч, во Германија сајбер напади врз Министерството за надворешни работи, обид за влијание врз изборите во САД и Франција или поранешни агенти на комунистичката државна безбедност на врвни позиции во политиката, економијата и општеството во Чешка, Русија и на Балкан.

Најнов скандал во оваа неславна листа: видеото со Штрахе, кое го разоткрива австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе во илегални преговори со наводна руска олигархиска внука. Се множат гласовите кои и зад тоа гледаат прсти на тајна служба – кој инаку би имал можности за такво снимање?

Сепак, многу нешта кои им се припишуваат на тајните служби при подетална анализа се покажуваат како митови. Да избегнеме недоразбирање: не станува збор за тоа да се минимизира нивната работа, ниту пак тие да се оцрнат. Но, ретко која државна институција е толку преценета или потценета. Големата тајност која понекаде сѐ уште речиси на култен начин се негува во врска со тајните служби, води до море од митови. А насекаде каде тајните служби, како во поранешниот источен и југоисточен дел од Европа, служеле како дел од државната репресија, овие митови се посебно изразени и тврдокорни.

Митовите не се секогаш неточни. Тие се повеќе, како што истакнува францускиот филозоф Ролан Барт, форма на комуникација и значење. Митовите исполнуваат вакуум настанат од недостиг на јавни и веродостојни информации за овие специјални државни установи. Затоа, нивното демифистицирање е прилог кон демократската контрола. Зашто, неспорно е дека тајните служби спаѓаат и во секојдневието на демократска Европа, а ќе бидат негови придружници и во иднина. Побивањето на митовите е основен предуслов за суверен и дораснат однос кон тајните служби-насекаде низ Европа.

Мит број 1- Само државите имаат тајни служби

Ако се проследат дебатите околу видеото за Штрахе во Австрија и ако подобро се погледне, брзата оценка донесена од одделни експерти, создава сомнеж: целата „операција“ можела да биде изведена само од тајна служба, зашто само таа располага со соодветни средства. Но, тоа е мит! Низ цела Европа, во стариот Запад како и во новиот Исток, со години никнуваат приватни „тајни“ служби. Тие се нарекуваат „економска шпионажа“ или едноставно фирми за безбедност, а нудат „собирање информации“ од секаков вид за бројните муштерии. Меѓу нив спаѓаат многу фирми каде поранешни разузнавачи се или основачи или протежирано вработувани лица.

Во целиот Источен блок приватните безбедносни фирми по падот на комунизмот служеа за собирање и згрижување на поранешните соработници на тајните служби. Во Западот на пример стана позната фирмата „Orbis Business Intelligence“ на поранешниот соработник на МИ6, Кристофер Стил во Велика Британија, зашто од неа очигледно дојдоа информации за т.н. „Досие Трамп“. На дело во овој случај беа разузнавачки комплетни професионалци, кои како приватна фирма ја нудат поволноста за потешко докажување на врски со политички или приватни налогодавци.

Мит број 2- Фејк њуз се новина

Фејк њуз како поим за намерно распространувани невистини кои треба да предизвикаат одредено посебно дејство, се помоден израз од последните пет години. Поимот со секавична брзина се прошири низ цел свет. Во суштина, тој значеше целно проширувани информации од државна служба заради предизвикување некое дејство. Во меѓувреме изразот мутира во поим за политичка борба меѓу држави, партии и мислења. Притоа, тесна е поврзаноста со интернетот и дигитализацијата, зашто фејк њуз посебно се шират во форма на твитови, видеа, постови и кратки пораки. Но, целосен мит е дека лажните вести се производ на дигиталната ера! Дезинформации со државен налог, спроведувани од тајни служби, се стара метода. Посебно тајните служби во Источна Европа со децении имале посебни одделенија со задача да фабрикуваат и шират дезинформации. Всушност, тоа никогаш и не престанало, само што по 1990 година исчезна под површината на поллитичките системи, за денес повторно да избие со целата сила на дневен ред.

Мит број 3 – ЕУ нема тајна служба

ЕУ е комплициран политички механизам. Надворешната и безбедносната политика се сопствени домени на земјите-членки, а не на заедницата. Така е според Лисабонските договори. Со тоа е симнато од маса и прашањето за тајна служба на ЕУ. Но, сепак во Брисел постои служба која добива разузнавачки информации од членките на ЕУ, ги збогатува со јавни информации, прави сопствени анализи и нив ги испраќа до ЕУ-службите: ЕУ-разузнавачко-аналитичкиот центар (INCTEN - EU Intelligence Analysis Centre), вдомен во Службата за надворешни работи на ЕУ. Разликата меѓу него и „вистинска“ тајна служба е што ИНЦТЕН не смее да собира никакви сосптвени информации со разузнавачки средства (значи извори, прислушувања и слично), туку е упатен на јавни информации и информации од членките на ЕУ.

Мит број 4 – Тајните служби не се контролираат

Кај секој нов скандал поврзан со тајни служби, низ медиумите одекнува крикот: тајните служби не се контролирани, неможно е да се контролираат и ионака се туѓо тело во една демократија! Посебно таму, каде општествата имале историски искуства со тајни служби кои од страна на политичкото раководство биле употребувани како тајни полиции за опстојување на диктатури, оваа недоверба е најизразена (и разбирлива). Во Германија тоа важи истовремено за две диктатури, но пред сѐ во посткомунистичките држави на Источна и Југоисточна Европа.

Реформскиот процес таму и по 30 години од соборувањето на комунизот уште не е завршен. А сепак: и во Западна Европа по Втората светска војна беа потребни дури и до 50 години додека да се развијат форми на демократска контрола. Парламентарните контролни тела не беа разбирливи сами по себе. Нивното постојано натамошно развивање и прилагодување на новите предизвици е важна составка на демократијата. Контролата на тајните служби од страна на надзорните тела, парламентарните тела, судови, ополномоштеници за заштита на податоци, медиумите или науката, не е перфектна. Но, таа егзистира!

Мит број 5- Тајните служби и теории на заговор

Најголем мит за тајните служби сигурно е тој за нивната улога во (светски) заговори. Посебно во посткомунистичките држави, во кои тајните служби биле херметички затворени и ширеле клима на страв, која далеку ги надминувала нивните реални можности, уште е распространет митот за сѐмоќните тајни служби. Во центарот тука често се наоѓа Русија. Точно е дека овој мит има реална подлога, имено фактичка вовлеченост на тајните служби во соборувања, атентати, обиди за пуч и други „прикриени акции“. Од Авганистан до Панама, тајните служби биле тие кои по налог на нивните влади, биле вплеткани во нечесни интриги и махинации.

Но, нивната улога како контролори на светските случувања е содржана само во вратоломните идеи на теоретичарите на светски заговори. Тајните служби се служби со ограничени пресонални и финансиски ресурси, зависни од нивните влади и никогаш не можат вистински да ги чуваат во тајност сите нивни тајни. Посебно во дигитално доба, енормно расте бројот на луѓе кои се упатени во нивните тајни. Онаму каде тајните служби навистина прават заговори, тие се инструменти и средства. И тоа ни оддалеку не и најдобрите!

Кристофер Неринг, роден во 1984 година, е раководител на одделот за истражување во Германскиот музеј за шпионажа во Берлин. Тој студирал источноевропска и понова историја во Хајделберг и Санкт Петерберг и во 2016 година докторирал на тема за тајните служби.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото