Пекинг им фрла око на граѓаните на Тајван

10.06.2019 00:59
Пекинг им фрла око на граѓаните на Тајван

На завршната конференција на Тринаесеттиот народен конгрес на 20 март 2018 година, владееше свечена атмосфера. Штотуку реизбраниот претседател на Народна Република Кина (НРК) Си Џинпинг, објавува: „Ние сме подготвени да ги споделиме шансите за развој на континентот со нашите сонародници од Тајван, да придонесеме за нивна благосостојба и да го унапредиме процесот за мирно обединување на Кина“1. Си овие зборови Тајванците се топло повикани да дојдат и да видат што може да им понуди татковината. Помоќен од кога било, кинескиот лидер потсетува на намерите на НРК, чиј устав од 1982 година во својата преамбула предвидува повторно обединување со Тајван.

Овој говор доаѓа во време на голема напнатост. Цај Ингвен2, новоизбраната претседателка на островот, во 2016 година одби да го признае „консензусот од 1992 година“ кој прокламира постоење една единствена Кина, според формулата „Една држава, два системи“ (Пекинг и Тајпеј се слободни да одредат која „Кина“ е легитимна), а која го овозможила развојот на нивните односи. Оттогаш, Пекинг ги зголеми провокациите: само помеѓу јули и декември 2017 година кинеското воздухопловство ја преминало зоната на воздушна одбрана на Тајван 14 пати3. Владата на Си исто така вршеше притисок Тајван да се исклучи од телата како што е Светската здравствена организација (СЗО), во која учествуваше до 2017 година; ги принуди интернет сајтовите на меѓународните авиокомпании да го приклучат островот кон Кина. Најпосле, Кина ја продолжува својата политика на уцени за дипломатски да го изолира Тајван: само 17 земји денес го признаваат Тајван, 5 помалку отколку во 2016 година.

Чао Венчи, директор на Институтот за меѓународни и стратешки работи на универзитетот Чунг Ченг (Тајван), вели дека насоките на Кина не се променети од 1979 година, кога лидерот Денг Сјаопинг го одржа својот прв говор во прилог на обединувањето. „Единствената разлика“, објаснува тој, „е што земјата е многу помоќна од претходно. Значи, таа си дозволува да дејствува еднострано. Пекинг применува тврда политика за институциите на Тајван и мека политика кон неговите граѓани.

Под „мека политика“ подразбира стратегија за привлекување која се користи за да се освојат срцата на населението. Во февруари 2018 година, Канцеларијата за работи со Тајван објави 31 мерка во намерата да привлече повеќе граѓани од островот. Дванаесет мерки се однесуваат на пристапот до кинескиот пазар, вклучувајќи ослободување од данок за претпријатијата; другите мерки имаат цел да промовираат пристап до вработување и културна размена. За портпаролот на канцеларијата, Ан Фенгшан, цитиран во тајванското списание КомонВелт (1 март 2018 година), овие мерки „без преседан“ ги оставаат островјаните ни повеќе ни помалку „на исто ниво со нивните колеги од континентот“.

Впрочем, кинеската влада дури има тенденција да ги фаворизира. Така критериумите за прием на најдобрите универзитети се олеснети за тајванските средношколци, кои исто така можат да користат стипендии и сместување. Сега на младиот Тајванец му е полесно да студира на реномираниот пекиншки универзитет и така на крајот има предност за подобро вклучување во кинескиот пазар на трудот, повеќе од некоја млада личност од континентот, која се соочува со силна конкуренција и плаќа повисока школарина. А тоа важи за целата територија. Така мошне селективниот универзитет во Џеџанг, минатата година прими 600 тајвански апликации, додека во 2017 година прими 150.

Од отворањето на директните летови помеѓу Кина и Тајван во 2008 година, универзитетите и приватните организации го зголемија бројот понуди за размена, летни кампови или стажирање во Средното кралство (од l'empire du Milieu, француски израз за Кина), и тоа по цени кои ја победуваат секоја конкуренција. Невладините организации како што е Асоцијацијата на кинеските елити (АЦЕ) потполно се посветени на останување на кинеско копно. На нивната програма се: посети на историски локации, важни компании, семинари и остварување контакти.

Дипломираните студентки на престижниот Национален универзитет Тајван (НТУ) Кати Лин и Ирис Ченг4 двете учествувале во престој од ваков вид за време на школувањето. „Кина како тема е сеприсутна во Тајван, но ние впрочем не знаеме што се случува таму. Таму отидов зашто сакав самата да видам, но особено затоа што беше евтино“, вели Лин, која летото 2012 година го поминала во Гуангдунг, јужната кинеска провинција. Истото важи за Ченг, која 2014 година била на двомесечна новинарска пракса на Бејдин ТВ Нетворк, главната телевизиска мрежа во Пекинг. Таа го гледа тоа искуство како шанса за љубопитните и оние кои се без пари. „Кинезите ретко имаат прилика да добиваат ваков вид стажирање, но за мене беше многу лесно... Новинарите ме примија мошне топло. Сепак, моите колеги мошне јасно ми ставија до знаење дека Тајван е табу тема. Исто така, главниот уредник составува неделна листа на меѓународни теми кои не би требало да се допираат“.

Ако медиумите и дел од тајванското јавно мислење се вознемирени заради тоа, се чини дека ваквите раздвојувања не ја загрижуваат владата. За Ву Чичинг, претставникот на Тајван во Франција5, стратегијата на Пекинг е неефикасна: „Тајванците се жалат на ниските плати, но куповната моќ останува релативно задоволувачка. Ако Кина се надева дека ќе го окупира Тајван за себе, би требало нејзиниот раст секоја година да се зголемува за 10 проценти. Но растот забавува, а Кинезите исто така имаат проблем со невработеноста. Покрај тоа, давањето привилегии не е секогаш мудро. Да речеме дека Кина им дава добри работни места и добри плати на Тајванците. Какво ќе биде чувството на Кинезите ако тие не можат да го добијат тоа?“

Населението е за статус кво

За да ги наведе и да ги поттикне да го прифатат неговиот систем на размислување, Си смета на економското влијание на својата земја. Но таа формула не е нужно победничка. „Во Тајван се смета за дрско ако ја оставите својата работа за да ги зголемите приходите за 25 проценти. Во Кина, ако кандидатот не преговара за својата плата, се проценува дека му недостасува самодоверба и дека не е стручен“, уверува Бони Ченг, која веќе десет месеци живее во Шангај. После студијата, оваа 25 годишна Тајванка повеќе сакала таму да си ја проба среќата; нашла работа за помалку од две недели. Меѓутоа, таа се колеба дали да остане на подолг период, човечки тврдејќи дека донекаде ги цени „навиките и обичаите на Кинезите“, кои инаку ги смета за премногу „материјалисти“.

За Танги Лепесан, истражувач специјализиран за тајванската младина и член на Центарот за француски студии за современа Кина (ЦЕФЦ), она што ги привлекува Тајванците на другата страна од преминот е перспективата дека ќе имаат кариера во која ќе можат да напредуваат: „Младите луѓе ја зграпчуваат оваа прилика зашто работат во тешки услови, со ниски надници и високи станарини во Тајван. Но, оние што ќе одлучат да заминат, трпат заради падот на квалитетот на животот. Тешкотии заради пристапот до медицинските услуги, потоа заради цензурата, загадувањето... Многумина порадо се враќаат, дури и за помала заработка.“

Значи, нема место за загриженост. Дотолку повеќе што, според Ву, „одливот на мозоци не е нова појава, а првиот избор никогаш не е Кина“. Една анкета која ја спроведе тајванскиот медиум Бизнис викли (4 април 2016 година) ја потврдува неговата изјава: Ако младите би можеле да изберат, за нив Јапонија би била омилена дестинација, а потоа далеку под Јапонија, западните земји (САД и Европа) и Сингапур. Континентална Кина доаѓа дури на четвртото место.

Иако, сѐ уште е прерано да се мери влијанието на 31-от поттик на Си, Лепесан смета дека малку е веројатно дека со нив ќе се освојат срцата на Тајванците: „Студиите покажуваат благ пад за поддршката на независноста. Во 2016 година, 22,9 проценти од испитаниците изјавиле дека сакаат независност веднаш или во иднина, во споредба со 20,3 проценти во 20186. Кинескиот печат го поздравува тоа. Меѓутоа, овој пад не е резултат на политиката на привлекување на Си. Желбата за независност порасна како реакција на прокинеската политика на поранешниот претседател Ма Кингјуе.“

Зголемувањето на трговската размена помеѓу Кина и Тајван во 2016 година предизвика оживување на антикинеското расположение и моќно движење со протести, познато како „движење на сончогледот“7. Но, според Лепесан, ова лудило за независност опадна по изборот на Цај Ингвен, која е помалку помирлива во односот кон Пекинг. Повеќето Тајванци не го поддржуваат ни обединувањето ни независноста, туку мирното одржување статус кво. „Тие се сметаат себеси за Кинези и Тајванци; ’Кинези во смисла дека не ѝ припаѓаат на кинеската нација, туку на просторот на кинеската цивилизација. Оние 3 проценти кои тврдат дека ѝ припаѓаат на кинеската нација обично се постари луѓе, кои го негуваат чувството на носталгија.“

Искуството на Кина со младите луѓе, кои традиционално повеќе се чувствуваат како Тајванци од своите постари, изгледа дека има спротивен ефект од она што го бараше претседателот Си: „Јас не се чувствувам како Кинезинка повеќе од претходно“, вели Џени Ванг, 24 годишна девојка која студира во Пекинг веќе две години. „Приврзана сум за демократијата која владее во Тајван. Тука, кога си Тајванец, постојано те тераат да велиш дека си Кинез. Корисниците на интернет се фрлаат на сѐ што изгледа дека не е патриотско. Парадоксално, тоа уште повеќе ме оддалечува од помислата дека сум Кинезинка.“

Алис Ере е новинарка

(1) Speech delivered by Xi Jinping at the first session of the 13th NPC, Sinhua, 21 март 2018.
(2) Види: Tanguy Lepesant, Taiwan en quete de souverainete economique, Le Monde diplomatique, мај 2016.
(3) China-Taiwan tensions drive military exercises, Jane's Intelligence Review, Лондон, 2018.
(4) Имињата на луѓето кои сведочат се променети по нивно барање.
(5) Франција ја признава политиката „Една Кина“; Тајпеј нема амбасада, туку претставништво.
(6) Changes in the Taiwanese/Chinese identity of Taiwanese, Universite nationale Chengchi, Тајпеј, 30 јануари 2019.
(7) Cf. Taiwan en quete de souverainete economique

Извор: Le Monde diplomatique