Светот е соба за тортура

11.06.2019 00:40
Светот е соба за тортура

Џулијан Асанж, основач на Викиликс, новинар и борец за слобода на информациите, од 11 април оваа година е затворен во лондонскиот затвор Белмарш. До моментот кога беше уапсен дојде откако по седум години тој помина во азил во амбасадата на Еквадор во Лондон. Асанж бараше азил од Еквадор бидејќи се сомневаше дека британската власт ќе го предаде на САД. Многу светски медиуми овој негов потег го нарекоа параноичен, но се покажа дека Асанж имал право. Во среда на 12 јуни, по сослушувањето, британскиот суд ќе одлучи дали тој ќе биде предаден на САД, каде што го чека обвинение за шпионажа. Адмнистрацијата на САД со инсистирањето на проблематичното обвинение го крши првиот Амандман на својот Устав со која се гарантира слободата на говорот. Речиси е сосема игнориран повикот на лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, до британската влада, да се спротивстави на предавањето на Асанж, кој на светот му ги откри злосторствата на американските воени одреди направени во Ирак и Авганистан.

А потоа, дури месец и половина по апсењето, од светските медиуми дознавме дека Асанж е во тешка здравствена состојба и дека нема да може на соодветен начин да се брани пред британскиот суд. Нилс Мелзер, специјален известувач на Обединетите нации за измачување, сурови, нечовечки или понижувачки постапки или казни, по посетата на Асанж во затворската болница, изјавил: „Никогаш не сум видел група демократски држави што се здружила за намерно да го изолира, демонизира и злоставува некој поединец, во текот на толку долг временски период и со толку малку обѕир за човечкото достоинство и владеењето на законот“.

Винстон Смит на 21. век

Стариот афоризам: „Можеби сум параноичен, но тоа не значи дека не ме следат“, во случајот на Асанж може да се парафразира со: „Рекоа дека сум параноичен, цело време ме следеа и дури сега, кога се наоѓам во затвор како жртва на психофизичка тортура, новинарите почнуваат да се прашшуваат дали можеби и тие не се следени“. Судбината на Асанж, како што изјавил австралискиот новинар Џон Пилџер, е иста како судбината на Винстон Смит, главниот јунак на „1984“ на Џорџ Орвел. Заради давањето отпор на тоталитарната држава, Смит е затворен во собата 101 во која му била вршена тортура што подеднакво ги уништува телото и мозокот. Замислете дека сте откриле голема ужасна тајна и бесплатно сте ја споделиле со светот. Заради тоа што верувате дека луѓето мора да бидат информирани. Притоа замислете дека мора да се криете, постојано да го менувате местото на престој и дека кога конечно ќе најдете уточиште, бидете принудени да бидете во една соба што припаѓа на амбасада на странска држава. Страдате од клаустрофобија, недостиг на витамин Д, со години не сте го виделе сонцето.

Да, може да излезете надвор, но тогаш повторно ќе бидете во затворен простор во затвор во кој се сместени терористи. Или ќе ве ликвидира припадник на тајна служба. При тоа знаете дека не се работи за приказна од некој трилер на Џон Ле Каре, туку реалност на светот во кој живеете, светот во кој, да го цитирам Дејвид Боуви: „ѕидовите имаат очи, а вратите имаат уши“. Ве прогонува светската супер сила, САД, а нејзе ѝ помага Велика Британија, нејзината крстарица, а како приврзок во играта на моќните се наоѓа Еквадор, чијашто нова проамериканска власт одлучува да се ослободат од вас. Но, тоа ќе го направат постепено. Ќе ви забранат да се движите по амбасадата. Ќе ви го исклучат греењето. Ќе ви го одземат мобилниот телефон. А потоа по вас ќе дојдат полицајци и ќе ве фрлат во зандана. Безумни, безработни луѓе, програмирани потрошувачи и гласачи по социјалните мрежи ќе истураат коментари како оној дека личите на вујкото Алберт од популарната британска телевизиска серија „Only fools and horses“, иако имате 47 години.

Во тој информативен дух, овие денови, пишуваат и „демократските“ медиуми туркајќи го слонот под тепих. А тој слон е директен атак на новинарската професија. Истражувачкото новинарство, како такво, со апсењето на Асанж и потенцијалното негово предавање на САД, престанува да постои. Новинарите не смеат да имаат неофицијални извори, не смеат да ја земат информацијата ако од некаде „истече“, не смеат да ги слушаат свиркачите зашто од нивното свиркање ќе полудат како древните морнари од песните на сирените. Доволно е власта секое злосторство што ќе го направи да го означи како врвна тајна и готово. Новинарот на иднината нема да биде некој што бара и намирисува, туку некој што собира изјави од оние што ќе платат повеќе. Game over.

И токму заради тоа обврска на сите луѓе што работат во медиумите, а кои ја ценат својата слобода да веруваат во истражувачкото новинарство и професионалниот кодекс, да станат и да се побунат против оние што го пратија Асанж на обвинителна клупа и да бараат негово ослободување. Но, обврската не е само нивна, туку и на сите нас, зашто случајот Асанж не е тесно еснафска работа, туку најстарата приказна што постои откога човекот ја направил првата држава. Тоа е приказна за освојувањето на слободата, за нашето право, како човечки битија, да ги имаме вистинските информации за светот околу нас. Без тоа ќе бидеме држени во незнаење, а човек да се држи во незнаење, како што напиша Асанж, е исто како да се држи во кафез.

Извор: Danas