Славенка Дракулиќ: Пишувањето за староста го сфатив како потреба

11.06.2019 11:38
Верувам дека книжевноста нема обврска за репрезентација нема обврска за репрезентација на жените во смисла на класа, раса, нација и пол

 

  Книгата раскази Невидлива жена и други приказни, се фокусира на темата стареење. Вашите раскажувачки главно се млади или постари жени, а во приказните го тематизирате искуството на стареење, влегувањето во третото доба, невидливоста на постарата женска популација во општеството. Зошто ви беше важна оваа тема?

Темата и инаку е психолошки и социјално важна а мене ми беше интересна од две причини: како што и самата стареам, сакам да читам за искуството на стареење на другите. Барајќи литература, на свое изненадување, не наидов на интересни книги кои би го артикулирале женското стареење. Главно се тоа прирачници за самопомош од типот како себе да си помогнете да изгледате и да се чувствувате млада, потоа хумористични книги и оптимистични книги од авторки кои тврдат дека староста е баш супер бидејќи жените конечно се слободни па можат да си се посветат самите на себе. Уште повеќе, забележав дека за стареењето повеќе пишуваат – мажите. Филип Рот и Џ.М. Куци, на пример, пишуваат за осаменоста и понижувањето, за исклученоста од општеството и извесен вид „невидливост“. Иако стареењето е очигледно заедничко и за мажите и за жените, нивните искуства делумно се разликуваат. Мажите во тие романи се преокупирани со губењето на сексуалната способност – и Рот и Куци на тоа посветуваат доста место. Судејќи по прочитаната женска литература за стареењето, главно мемоари, опаѓањето на сексуалните моќи на жените не е толку важна преокупација. За тоа пред неколку години пишував за Еурозина и прилогот може а се прочита овде.

 

Помеѓу современите хрватски и регионални писателки, можеби Вие највеќе сте пишувале за женското тело и телесноста, искуството на бол и болест, трпењето, болот и уметноста/пишувањто... Овде од сите споменати теми одите неколку чекори подалеку: во темите за пропаѓањето и стареењето на телото, односот на околината кон постарите и старите личности... Најголемиот број приказни раскажани се во прво лице или нивниот тек на свеста. Зошто е важно оваа тема да се направи видлива во книжевноста и уметноста?

Морам да кажам дека пишувањето за староста не го сфатив како задача, туку како потреба. Значи, пишувањето немаше за цел освестување ниту подобрување на ситуацијата. Меѓу другото калсичните феминситички авторки, од Симон де Бувоар и нејзината Старост па натаму, пишуваат за староста и тоа главно за историската условеност на женската положба во патријархалното општество. Во таа смисла за мојата генерација беше важна книгата Промена од Гермен Грир од 1991 година. Сепак, и оваа книга застана кај менопаузата па останува прашањео: што се случува после тоа? Дали жените зад менопазуата се мртви, потполно невидливи? Што им се случува? Се обидов на тоа да одговорам. Меѓутоа, не очекувам каков било општествено влијание на мојата книга, само индивидуално доживување. Можеби моите раскази ќе ги освестат читателките за нивното сопствено искуство.

 

Во расказите од оваа книга доминираат гласовите на добростоечките протагонистки и протагонисти од високите класи. Зошто недостига гласот на оние кои се наоѓаат на границата или под границата на сиромаштијата?

Тоа е како да ме прашувате зошо сум напишала љубовен а не крими роман! Сакате ли можеби да кажете дека сиромашните жени не се бават со емоции и психолошки проблеми бидејќи се на работ на гладот па тоа им е луксуз? Да, тоа веројатно е точно и можеби некој друг ќе напише книга за тоа. Јас својата книга воопшто не ја гледам на тој начин, како некој вид манифест на соц-реализмот, што вашето прашање очигледно го претпоставува. Од една страна феминизмот денес е поделен на милион оддели, групи, подгрупи и мини-групи кои се бават со разноразни важни и помалку важни аспекти на женската егзистенција, а од друга бара репрезентативност во литературата? Тоа ми е некако нелогичо... Верувам дека литературата и уметноста воошто немаат обврска за репрезентација во смисла на класа, раса, нација, пол итн. Уметноста е или би требало да биде подрачје на слобода. Меѓу другото, во Невидлива жена воопшто не се бавев со општествените прашања во врска со староста, туку првенствено со психолошките и емоционалните состојби. Иако ова е една од ретките книги на таа тема, не значи дека поради тоа мора да се застапуваат односно да се претставуваат сите аспекти на староста. Се сложувам со тоа дека треба да се раскажуваат женски приказни, да се проговори за разни видови специфични женски искуства, но гледам многу голема опасност во тоа да се бара од литературата да биде политички коректна, ми се чини дека тоа води во еден вид цензура и калкулирање, тоа во уметноста не би требало да го има.

 

Се обидувам и самата да се се сетам кој од нашите современи автори и авторки пишува за староста и старееето. Први на ум ми паѓаат: Дубравка Угрешиќ во Баба Јага снесе јајце, Даша Дрндиќ во Беладон, Марина Шур Пухловски во Несоница дава глас на 57-годишна раскажувачка... Зошто, според Вас, темата на стареењето така ретко е книжевно обработувана во Хрватска и регионот?

Не е во прашање Хрватска ниту регионот, туку доминантнте вредности во Западното општество. За жените, па ниту за оние еманципираните и свесните за притисоците во општеството, не е тешко да подлегнат на уверувањата на индустријата на убавината дека ниту една не треба да изгледа старо во денешново време на безбројни можности кои нудат тоа да го спречат. Годините лесно е да се сокријат, всушност може да се каже дека за жената станало некултурно да се препушти на годините. Непристојно е да се покаже дека си стара, како што е непристојно да се плука или пцуе на јавно место. Прашањето е само – зошто тие години воопшто да се кријат?
Можеби е интересно прашањето зошто во случајот на старењето приватното искуство низ литературата сепак не станало јавно? За врсничките на Филип Рот или Џ.М. Куци искуството на стареењето како да не е интересно, не се наметнува како тема. Што, всушност е чудно, речиси неверојатно па и загрижувачки. Би можеле можеби да речеме дека таа тема во литературата ја замениле мемоарите. Но самата мемоаристика е недоволна и всушност се добива впечаток како со староста да завршува животот па не е вредно и натаму да биде опишуван. Мемоарите, биографиите и дневниците се „природни“ литерарни форми во кои спаѓа и описот на процесот на стареење, но во нив стареењето на телото е некако изоставено, било сопственото било стареењето на ликовите.

 

Во времето кога остваривте поширока афирмација полемизиравте со Веселка Тенжер и бројни други – како што тогаш ги нарековте „мудолози“, денес јас и моите колешки полемизираме со некои од музичките и книжевните критичари несвесни за сопствената мизогинија и/или сексизам. По што денешните полемики на тема сексизам, мачоизам и мизогинија се разликуваат од тогашните? Освен по фактот дека поради развиените општествени мрежи и електронски медиуми се повидливи во јавниот простор.

Заблудата е да се верува во еднаш досегнатата свест и состојба на женските права изборени засекогаш, дека тоа е просто цивилизациско ниво. Тоа најдобро е покажано во случајот на Полска, каде веќе првата демократска влада после падот на социјализмот во 1989 се обидела да го ограничи правото на избор на жените да не родат. Имено, женското тело не ѝ припаѓа само на неа, тоа припаѓа на државата а особено на нацијата, тоа е и отсекогаш било средство за размножување и опстанок. Жените всушност имаат голема моќ која им ја дала природата и затоа таа моќ треба да се контролира. Работата е само во тоа колку тие, секогаш одново, самите ќе се изборат за своите права.
А што се однесува до видливоста во јавниот простор, не сум сигурна дека сте во право. Јавниот простор е поделен и се плашам дека одекот на вашите полемики со тоа, поради природата на медиумот, е сведен на многу тесна и заинтересирана публика.

 

Пред неколку години философините и теоретичарки Адриана Захариевиќ и Кристен Годси преку текст реагираа на вашиот напис на порталот Еурозина во кој пишувате за положбата на жените во постсоцијалистичата ера. Вие со нив не се сложувате по прашањата за улогата на жените комунистки во борбата за рамноправност на половите во повоеното југословенско општество. Исто така, Захаријевиќ и Годси тврдат дека причините за непостоењето на широко поставеното женско движење во Источна Евроа не може да се темели на постоењето на грaсрутс (grassroots) феминизмот, туку на политичките состави кои ја продлабочуваат економската нееднаквост и кои и покрај прокламираните демократски рамки, жените цврсто ги врзуваат за приватната и домашната сфера. Што би додале денес на оваа полемика?

Нивната основна забелешка се однесуваше прво на мојoт израз „еманципација одозгора“, од страна на социјалистичката држава. Тие ми замерија дека јас ги занемарувам АФЖ и нивната улога во еманципацијата. Вистина е дека не се осврнав посебно на улогата на женскиот фронт, кој беше масовна организација, непосредно после војната. Не гледам тука контрадикција бидејќи социјализмот беше еманципаторен систем во однос на жените и во таа смисла тие и се еманципирани „одозгора“. Од друга стана таа масовна организација на жени многу брзо потпадна под контрола на комунистичката партија и стана нивен инструмент. Жените во социјализмот немаа искуство на организирање на поединечни теми и борба за права како оние на западот и тоа се гледа денес, кога токму така би требало да се организираат а не го прпават тоа. На запад меѓутоа економската нееднаквост беше и остана клучен фактор и сите показатели укажуваат на осиромашување на жените, од нееднакви плати за иста работа до помали пензии. Тука гледам заеднички именител на борбата денес, кога веќе нема социјализам, односно општество кое кон жените е еманципаторско и тежи кон праведност.

 

Извор: Vox feminae

Илустрации: Robin Crofut

Слични содржини

Општество / Балкан
Квир / Книжевност
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото