Таму каде што се брише границата помеѓу фашизмот и антифашизмот се брише разликата помеѓу доброто и злото

12.06.2019 01:01
Таму каде што се брише границата помеѓу фашизмот и антифашизмот се брише разликата помеѓу доброто и злото

Миле Кекин

Миле Кекин, фронтменот на бендот Хладно Пиво, е пример за музичар без влакна на јазикот. За разлика од многу колеги кои не сакаат да се замерат, Миле е мошне јасен во изразувањето ставови за општествените случувања. Во прилог е едно кусо интервју со фронтменот на Хладно Пиво.

Бескомпромисен си кога е во прашање општествената критика. Дали некогаш си имал проблеми заради искажувањето ставови?

Не, освен некое ретко дофрлање од сигурна дистанца од страна на полупијани минувачи. Мислам дека нормалното мнозинство е на моја страна, само проблем е што тие се тивки или апатични.

Во време на чести обиди за изедначување на фашизмот и антифашизмот, во песната „Јас не сум ваш“ почувствува потреба да се декларираш како антифашист. Зошто меѓу јавните личности нема повеќе примери како твојот?

Тоа мора да ги прашате јавните личности. Јас одамна сфатив дека чир на желудникот најдобро се избегнува ако отворено кажеш што те измачува. Мене ме мачеше изедначувањето на злото и доброто, па одлучив да напишам песна за тоа. Според мене антифашизмот е дел од општата култура и е најважен гарант на мирот.

Дали мислиш дека музичарите и уметниците се должни да се ангажираат општествено? Дали во тој случај постои страв од губење публика?

Како што реков, не би сакал да зборувам за должностите и обврските на своите колеги. Јас сум ангажиран од мошне себични побуди, затоа што не сакам да ги трпам и голтам овие антитоталитаристички бајки зад кои се кријат ревизионистите. А публиката на која ѝ се обраќам нека бара други забавувачи. Ги има, фала му на Бога, доволно на естрадата од кои нема да слушнете ништо контроверзно. Поголемиот дел од музиката денес е ултралајт и без калории.

Го имавме карловачкиот случај за забрана на концертот на Бајага, музичар кој главно пее за љубовта. Хладно пиво потоа одби да биде замена во тој термин, а ти дури и сними дует со Бајага. Како да се бориме против таквите бесмислени забрани?

Мислам дека тоа беше глупав потег на градоначалникот заради кој градот Карловац со месеци се провлекуваше низ негативно интонирани текстови и коментари. Таквите нешта најмалку им штетат на Бајага или Пиво, а многу повеќе на имиџот на градот. Знам дека во Карловац постојат супер луѓе и групи млади кои не се заглавени во 91-та и кои се жив доказ дека во Карловац не живеат само забранувачи.

Од друга страна, го имаме случајот со музичар кој е мошне популарен и покрај ширењето нетолеранција и кокетирањето со злосторничките режими. Што ни зборува тоа за општеството?

Тоа зборува за ерозијата на општеството и негативната селекција која е во полн ек. Таму каде што се брише границата помеѓу фашизмот и антифашизмот, се брише разликата помеѓу доброто и злото, помеѓу чесноста и нечесноста, оригиналите и плагијатите, идеалистите и опортунистите, новинарите и хушкачите, силувачите и жртвите. Сето тоа е поврзано.

Работеше како професор и познат ти е образовниот систем. Што треба да се смени во системот за да ги намалиме нетолеранцијата и омразата?

Работев во училиште за странски јазици, но никогаш во школскиот систем. Децата треба да се учат да ги почитуваат другите и различните, а прв потег на тој пат е враќање на веронауката во црквата и воведување засилено граѓанско образование. Меѓутоа, тешко е да се учат децата на ненасилство кога ги гледаат насилниците во убави автомобили на кои ни полицијата ни судството не им можат ништо.

Извор: https://radiogornjigrad.wordpress.com/

ОкоБоли главаВицФото