Изложба на Ана Миланова и Игор Таневски во Музеј на г. Скопје

12.06.2019 01:58
Изложба на Ана Миланова и Игор Таневски во Музеј на г. Скопје

На 12 јуни во Музеј на град Скопје ќе биде отворена заедничка изложба на дела од Ана Миланова и Игор Таневски, насловена „Хоризонт“.

Проектот во Музејот на град Скопје се реализира по повод наградата „Борко Лазески“ која младите ликовни уметници ја добија во 2018 година.

Во договор со семејствота на Борко Лазески (кое на Музејот на град Скопје му ги подари картоните од овој уметник употребени за реализација на големата „Фреска за НОБ“ реализирана во аулата на Старата железничка станица во Скопје во 1958.) Музејот на град Скопје прифати секоја година да организира самостојна изложба на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел. Овојпат тоа се Ана Миланова и Игор Таневски.

„Без некоја договорена намера и двајцата уметници во нивните проекти ги реализираат сопствените идеи преку она што се именува како дигитални печат. За Миланова тоа се графички истражувања поврзани со нејзината фасцинација од културата на Јапонија а за Таневски дигиталниот печат е крај на една цела низа од примени на новите технологии: снимање, обработка, форматирање. И двајцата автори сосема компетентно владеат со замислените концепти а нивните изложби се релевантен одраз на некои современи текови и состојби во ликовната уметност денес“, се вели во најавата за изложбата.

Ана Миланова (Скопје, 1996.) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професорите: м-р Јован Шумковски, м-р Станко Павлески, д-р Трајче Блажевски и д-р Фехим Хусковиќ.

Миланова веќе подолго време се занимава со „ентертејмент индустријата“ – преку нејзината активна кариера како илустратор, дигителен 3D артист и концептуален дизајнер, најинтензивно во областа на „гејминг индустријата“.

Игор Таневски е роден 1995 година во Скопје, Република Северна Македонија. Дипломирал 2018 год. на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Жанета Вангели. Во моментов е на последипломски студии на ФЛУ- Скопје.

Од 2016 год. до денес учествува на групни изложби во Македонија, во 2017год. во Париз, Франција и 2018. во Малме, Шведска.

 

 

ОкоБоли главаВицФото