Македонскиот павилјон добитник на главната награда „Златна Трига“ на Прашкото квадриенале

12.06.2019 12:15
Павилјонот на Република Северна Македонија добитник на главната награда „Златна Трига“ на Прашкото квадриенале

Павилјонот на Република Северна Македонија со наслов „Оваа зграда зборува (на)вистина” на вчерашното (11.06) доделување на наградите на Прашкото Квадриенале за перформанс дизајн и простор (6-16 јуни 2019 година) ја доби главната награда „Златна Трига“ која се доделува за најдобра изложба и претставување на оваа манифестација. „Оваа зграда зборува (на)вистина“ е дело на уметникот Филип Јовановски и кураторката Ивана Васева, продуцирано од Музеј на град Скопје и неговата директорка Фросина Зафировска и беше во конкуренција со 79 земји од светот.

Интернационалното жири гласаше во широк спектар на категории, вклучувајќи изложбено искуство, најветувачки студент талент, најдобар кураторски концепт или награда за животно дело - вкупно 28 награди. Жирито на Прашкото квадриенале во 2019 година се состоеше од Дорита Хана, Тим Фостер, Џим Клејбург, Лиу Ксинглин, Софија Пантуваки, Роберт Капловиц, Јарон Абулафија, Содја Лоткер, Омар Рајех, Моника Раја и Кејт Бејли. Наградата ја дизајнираше архитект Петр Бакош. Според статутот на ПК, наградите ги доделува Министерот за култура на Чешката Република по препорака на меѓународното жири, со исклучок на ПК Младинска награда, која директно ја доделува младинската публика.

Во објаснувањето на жирито за престижната награда за „Оваа зграда зборува (на)вистина“ се вели: „Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст. Златната Трига оди кај Република Северна Македонија ".

Павилјонот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ се состои од просторна инсталација со перформативен дел со актерката Кристина Леловац, која е дел од „Изложбата на земји и региони“ и се изведува секој ден од 13 часот; кратко видео насловено „Кино Култура“ кое е дел од архитектонската изложба на простори за изведувачки уметности (Performance Space Architecture Exhibition) и двојазична публикација.

Публикацијата за овој проект, уредена од Ивана Васева и Филип Јовановски, претставува зборник од текстови на неколку истакнати автори од областа на визуелните уметности, перформансот, театарот, архитектурата и културните политики, како Биљана Тануровска Ќулавковски, Борис Бакал, Оливер Фрљиќ, Ана Виленица, кураторски текст на Ивана Васева, осврт на сите активности од иницијатвата „Кога зградите би зборувале“ на Филип Јовановски, интервју со Кристина Леловац, текст за архитектурата на Железничка зграда од Томе Димитриевски како и анкета со жителите на Железничка зграда спроведена од организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“ во соработка со Симона Димковска, Марија Гелмановска и Јана Кастратовиќ.
На отворањето на павилјонот на 7 јуни настапуваше Телемама.

Павилјонот на Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале насловен „Оваа зграда зборува (на)вистина“ се перформира во размер 1:100 како едно кондензирано искуство од минати активности, како архива од повеќе времиња кои би требало и во живо да ни кажат: Ако успееме овде, можеме да успееме секаде! А токму тоа е и дизајнот на перформативната агонистичка заедница.

Проектот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Соработници: Кристина Леловац, Биљана Тануровска Ќулавковски, Драгана Заревска, Владо Караев, Анџела Петровска, Виолета Качакова, Слободан Унковски, Борис Бакал, Симона Димковска, Марија Гелмановска, Јана Кастратовиќ, Томе Димитриевски, Ана Виленица, koma.mk, Јасмина Ѓоргиева, Бехар Далипи, Ана Василева.
Продукција: Илија Тирицовски, Горјан Атанасов, Марко Наумовски, Сашко Потер Мицевски, Александар Котевски, Стојанче Цавировски, Владо Димоски, Тони Трајковски (Дизајн на конструкции дооел, Скопје), Иванчо Велков, Мембранинг студио, Скопје.

Изведбениот дел од павилјнот предизвика голем интерес кај публиката на квадриеналето. Секојдневната енергична и посветена изведба на актерката Леловац ја комплетира сликата за просторно изведбениот проект кој жирито го оцени како најсоодветен за овогодншната тема.
Поради големиот интерес за перформансот и по барање на организаторите и жирито, најавени се повеќе од една изведба дневно.

Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор е основано во 1967 година со идеја да се прикаже најдоброто од перформанс дизајнот, сценографијата и театарската архитектура како значаен дел од културните активности кои треба да бидат искусени од професионалните и младите уметници, како и пошироката јавност. Квадриеналните изложби, фестивали и образовни програми дејствуваат како глобален катализатор на креативниот напредок преку поттикнување на експериментирање, вмрежување, иновации и идни соработки. ПК има за цел да им оддаде чест, да ги поттикне и да ја прослави работата на дизајнерите, уметниците и архитектите додека инспирира и едуцира публика, кои се најважен елемент во која било изведба во живо.

Прашкото квадриенале се стреми да го презентира перформанс дизајнот како уметничка форма која се занимава со создавање на активни перформативни средини, кои се многу подалеку од само декоративни или убави, туку емотивно обликувани, каде што дизајнот може да стане потрага, прашање, аргумент, закана, одлука, агент на промени или провокација. Перформанс дизајнот е колаборативно поле каде дизајнерите се мешаат, осигуруваат и замаглуваат линии меѓу повеќе уметнички дисциплини за да бараат нови пристапи и нови визии.