Аргументите на Мицкоски за „погрешниот“ попис се спин

13.06.2019 00:26
Аргументите на Мицкоски за „погрешниот“ попис се спин

Пописот во земјата е повторно тема на политички престрелки, при што опозицијата користи два главни спинувани аргументи – првиот е дека не било според европските директиви да се попишуваат лица отсутни од земјава подолго од 12 месеци и втората е дека постојат директиви како тоа се правело. Се разбира, зад сето тоа стоела трговија меѓу Заев и оние на кои тој требало да им се оддолжи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Телма од 10.06.2019 г. изрече став, кој го оценуваме како извртена вистина, т.е. спин:

Денеска според оваа методологија која што е избрана и која што се обидуваме да ја протуркаме на брза трака во рамките на Собранието, се попишуваат сите оние кои имаат матичен број во Република Македонија, но не значи и дека се државјани на Република Македонија и не значи дека тие луѓе се сè уште живи… Потоа имаме граѓани на Република Македонија кои што се откажале од државјанството во РМ за да стекнат право на друго државјанство, како што се пример, во Словенија, Германија, итн. Видете, принципот е јасен, се знае каква е директивата од страна на Еуростат и како се врши попис на домаќинства и граѓани во РМ и не треба ние да сме многу аналитични и ние да измислуваме попис, туку треба да го практицираме она кое што денес го практикуваат современите европски држави… Брошурата е некаде околу 4 страници, плус анексите, има таму како треба да изгледа едно пописно ливче, слободно може да се седне, да се адаптиира тоа на наши услови….

[Извор: ТВ Телма – интервју со Х. Мицкоски (од 3.30-5.50 мин.), датум: 10.06.2019]

Контраспин: Спинот на лидерот на главната опозициска партија, Христијан Мицкоски, беше искажан уште на почетокот на емисијата, која започна со одговор на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го бојкотира пописот, за кој што во Собранието требаше да отпочне законска процедура што ќе овозможи негово сппроведување во 2020 година.

Мицкоски, покрај изјавата дека ВМРО-ДПМНЕ не е против пописот и е за спроведување на ваква статистичка операција, продолжи со ставот дека според усвоената методологија, ќе се попишувал секој што имал матичен број и дека тоа било заради трговијата што ја правeл Зоран Заев за да се оддолжел за местото на кое што бил веќе трета година и дека сето тоа ќе дало погрешни резултати. Како примери тој наведе починати лица што по негово тврдење ги има во избирачкиот список и можноста да биле попишани лица што се бореле на фронтовите во Сирија или оние кои се откажале од македонското државјанство за да добијат некое друго.

ПОСТОЈАТ ПРЕПОРАКИ, А НЕ ДИРЕКТИВИ

Самиот став дека има усвоена методологија е невистина и тоа е спинување, затоа што во процедура е предлог на закон, а методологијата е подзаконски акт кој ќе се донесе после усвојување на законот. Второ, ставот дека тоа било против европските статистички правила и европската директива е, исто така, спин, односно извртена вистина.

Не постојат директиви што важат за сите земји. Постои нешто што се вика препораки и тие се усвоени од Обединетите нации, поточно од Комисијата на ООН задолжена за економска соработка со Европа – UNECE, а насловот на документот е Конференција за препораките на европските статистичари за оддржување на пописот на населението и домаќинствата во 2020 година.

Постојат, исто така, и неколку европски регулативи, кои заедно се опишани во трудот Европска регулатива за пописот на населението и домаќинствата во 2021 година, каде уште на почетокот се нагласува дека „за да се дојде до податоци од пописот земјите членки развија различни методи на попишување кои тие ги сметаат за најдбори, според аминистратиивните практики и традиции во нивната земја“ и дека „ЕУ регулативата ја поддржува оваа различност“, а таа е наведена во „Регулативата 763/2008 усвоена од Европската комисија и Европскиот парламент“….Со други зборови, не најдовме „брошура“ од 4 странички плус анекси, иако не исклучуваме дека постои.

Но, суштината е во тоа дека постојат препораки кои се насочени кон тоа податоците што ќе се добијат од секоја земја во светот, да бидат прифатливи за другите и токму поради тоа во процесот се вклучени и ООН преку својот Оддел за статистика и веќе споменатата Комисија за економска соработка со Европа.

Препораките што важат за ЕУ, а се дадени уште во 2015 година и споменати во овој текст, исто така, не налагаат на унифициран пристап и дозволуваат земјата што го спроведува пописот да постави свои цели што сака да ги постигне (Глава прва – Методологија, точка 13), како на пример да ја изброи и својата емиграција, иако подвлекуваат дека тешко може да се очекува да се дојде до многу прецизни резултати (Глава 5, База на население, Точка 397).

Имаќи го сето ова предвид, а, исто така, имајќи предвид дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ потврдија оти најголем проблем било тоа што со пописот ќе биде дозволено да се даваат податоци и за лица што не се присутни во моментот или лица што се во странство без да се наведува ограничувањето од 12 месеци, а со божемна крајна цел да се попишат и тие лица како да се резиденти, треба да се укаже на полувистинитоста на ваквото тврдење, бидејќи тој не дообјаснува до крај како ќе тече таа постапка.

ИНТЕРЕСИТЕ НА ДРЖАВАТА И ЗАШТИТИНИТЕ МЕХАНИЗМИ

Овој проблем многу добро го објаснија на 11.06.2019 г. двајца експерти – Апостол Симовски, актуелен директор на Државниот завод за статистика и Дончо Герасимовски, поранешен директор, гостувајќи исто така на Телма.

Најпрво, тие објаснија зошто државата се решила во членот 6 од предлог-законот за тоа кој сè ќе биде предмет на пописот да ги стават и лицата државјани на РСМ, а кои се надвор од земјата, не ставајќи го ограничувањето од 12 месеци. Идејата е конечно да се добие некаква бројка за тоа колку лица се надвор, колку време и од кои региони од земјата.

Суштината на нивното појаснување е следна: Законот предвидува, а со Методологијата која допрва ќе се усвои тоа ќе биде прецизирано, дека државата се заштитува од попишување на прекубројни резиденти на начин што постојат филтри и за прв пат ќе се врши споредување на податоците со веќе постојните бази на податоци.

Никој не нè ограничува во пописот да бидат вклучени и други категории население за кои што државата има интерес да прибере информации…Со пописот ние ќе прибираме податоци и за оние лица кои што се отсутни од државата подолго од една година, но тоа не значи дека тие лица ќе бидат приклучени во категоријата резидентно население – изјави Симовски (од 6.15 мин.).

Притоа се предвидени заштитни механизми за да не дојде до грешка и таквите лица да бидат запишани како резиденти. Првиот филтер е тој што за прв пат е предвидена електронска апликација за самопопишување која ќе биде активна речиси два месеца пред започнувањето и до крајот на самиот попис, вели Симовски. Доколку лицето не се попише на оваа апликација, а податоците ги дава друго блиско лице за него при самиот попис, проверката дали е резидент или не е (значи дали е отсутен од земјава помалку или повеќе од 12 месеци пред пописот), ќе се врши со споредба на податоците од повеќе други бази на податоци што постојат во Северна Македонија и тоа ќе се прави за прв пат при еден попис!

Овој попис ќе се разликува од сите претходни пописи со тоа што имаме поинаков метод – таканаречениот комбиниран метод. Тоа значи и попишување на терен, но истовремено и користење на бази на поодатоци. Веќе е формирана една претпописна база, каде за секое лице што се наоѓа во регистерот на државјани се залепени податоци од различни други збирки на податоци – изјави Симовски (од 29.30 мин.)

Со тоа е доволно појаснето зошто во овој попис ќе се попишуваат и лицата државјани, а кои не се во земјата, при што не се дефинира во старт рокот од 12 месеци. А, за да се избегне можноста од двојно броење/попишување и да се обезбеди прецизна бројка на присутни жители, државјани и недржавјани, а резиденти во СРМ, Државниот завод за статисика обезбедил комбиниран метод.

Сите овие аргументи наведуваат на заклучок дека тврдењето на Мицкоски оти попишувањето на лица од страна на други лица кои даваат податоци за нив е погрешно (попишување на матични броеви, како што вели) и дека тоа било спротивно на директиви на Еуростат, а дека се правело поради пазар на зелена маса за да врател премиерот Зоран Заев некаква услуга зашто веќе трета година бил премиер (сите овие аргументи Мицкоски ги наведе уште на почетокот на интервјуто за Телма), се ставови и тврдења во кои има извртени вистини, полувистини, т.е. спин.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер

 

ОкоБоли главаВицФото