Јазикот како заробеник на национализмот: Случај Украина

13.06.2019 01:51
Јазикот како заробеник на национализмот: Случај Украина

„Се ослободивме од културната окупација која не е помалку опасна од окупацијата на територијата“, се пофали Петар Порошенко, претседателот во заминување на 9 март. Поводот беше прославата на 205 години од раѓањето на националниот поет Тарас Шевченко. Нели за време на мандатот на Порошенко, Православната црква на Украина прогласи автокефалност и се ослободи од триесетгодишната подреденост на Московската патријаршија?

„Војска, јазик, вера“; Предизборниот слоган на Порошенко со националистички призвук не успеа да ги инспирира гласачите да му останат верни. Во текот на неговото владеење, антикорупциските реформи биле замрзнати, а истото се случило и со вооружениот судир со сепаратистичките републики во Донбас, кој од 2014 година однел тринаесет илјади животи. На 21 април, Владимир Зеленски го победи Порошенко, инаку кондиторски магнат. Зеленски доби 73 отсто од гласовите, тој е комичар и телевизиски продуцент, ново лице во политиката, за кој до пред неколку месеци, никој не веруваше дека ќе влезе во вториот изборен круг. Тој вети дека ќе ги ослободи собранието, полицијата и правосудството од влијанието на тајкуните. Сепак, наводните врски што ги има со олигархот Ихор Коломојски, сопственикот на телевизијата 1+1 кадешто е вработен, се предмет на постојаните прашања од новинарите. Од новиот претседател кој доаѓа од русофонско семејство се очекува да се огласи и за прашањето на јазикот. Дали тој ќе ја ублажи политиката на засилена украинизација што ја спроведуваше неговиот претходник?

По „портокаловата револуција“ во 2004 година, која на власт го донесе проевропски настроениот Виктор Јушченко и неговата сојузничка Јулија Тимошенко, беа урнати стотици споменици на Ленин и беа променети имињата на стотици улици ширум земјата. Од 2014 година, промената на топонимите повторно се засили. Градот Дњепропетровск ја изгуби врската со револуционерниот болшевик Грегориј Петровски. Сега се вика Дњепро, според името на реката што поминува низ градот. Московскиот булевар во Киев е преименуван во чест на националниот херој Степан Бандера, еден од водачите на Украинската востаничка армија, која во Втората светска војна соработувала со нацистите. Една улица во главниот град е преименувана во „Џон Ленон“, наместо „Владимир Ленин“. Бришењето на комунистичките симболи влијаело и врз политичката сцена. Повикувајќи се на законот за декомунизација од 2015 година, изборната комисија ја одбила кандидатурата на Петар Симоненко затоа што на логото на неговата партија уште имало срп и чекан.

Откако беше поразена во судирот во Донбас, територија која од тогаш формално се смета за окупирана, одбивањето да се користи рускиот јазик станало акт на отпор против окупаторот. Таа нова ориентација ја симболизират три закони. Првиот од нив, усвоен во мај 2017 година ги обврзува радио и телевизиските станици да емитуваат 75 отсто од содржините на украински јазик; таа пропорција наскоро би можела да порасне на 90 отсто за националните медиуми. Оваа мерка веќе го испреврте медиумскиот пејзаж. Уделот на емисиите на украински јазик во ударните вечерни термини во 2018 година, од 39 се подигна на 64 отсто. За да ги почитуваат законските обврски, одредени канали се вртат кон двојазичноста. Така, на Нов канал каде се емитува многу популарната реалити емисија „Ревизор“, украинофоната водителка Ана Жижа и нејзиниот русофон колега Николај Тишченко наизменично ја играат улогата на ненајвени инспектори во хотели и супермаркети во потрага по производи на кои им истекол рокот на траење или по локали кои не ги исполнуваат хигиенските стандарди.

Да се укине доминацијата на рускиот јазик

Вториот закон што е на сила од 2017 година, се однесува на наставата. Тој предвидува наметнување на украинскиот јазик во сите установи за средно образование до 2020 година, вклучувајќи стотина колеџи и гимназии во кои професорите им се обраќаат на учениците на руски (или на некој од малцинските јазици). Од тој закон ќе бидат изземени официјалните јазици ан Европската унија (полски унгарски, роамнски), како и јазиците на автохоните народи (Кримски Татари, Гагуази, Роми), но само во рамките на одредени наставни предмети. Што се однесува до рускиот, тој ќе биде дозволен изклучиво во рамките на часовите по руски јазик и книжевност. Исто така, рускиот е отстранет од списокот на живи странски јазици што може да се полагаат на матурскиот испит. Венециската комисија, тело при Советот на Европа задолжено за почитување на малцинските права, изрази резерва кон текстот на овој закон, кој го смета за дискриминаторски, особено кон говорнителите на рускиот јазик. Препорака на комисијата е усвојување на „помалку рестриктивни мерки“, како и поддршка на социјалната интеграција на малцинствата кои, наводно, се цел на законот.

На крај, собраниската расправа за воведувањето на новиот закон за државен јазик се води околу ставот дека давањето на статус на официјален на рускиот јазик (или на било кој малцински јазик) и би претставувало „рушење на уставниот поредок“. Исто така, текстот на законот воведува ново кривично дело „понижување на украинскиот јазик“. Патрола од 27 инспектори ќе може да изрекува казни на државните службеници ако на работното место користат некој друг јазик.

Самиот Зеленски е јасно отелотворување на суптилноста на јазичното прашање: тој свесно го почнува својот говор на украински за да потоа премине на својот мајчин руски јазик. Говорителите на рускиот и оние кои зборуваат украински не претставуваат две јасно раздвоени заедници, иако постојат одредени регионални специфичности. Во Лавов, блиску до границата со Полска, 95 отсто на жителите зборуваат украински во семејството. Од друга страна, во Харков, на исток, во разговор со блиските многу повеќе се користи рускиот (81,3%). Меѓутоа, генерално, огромно мнозинство на луѓето го користат едниот или другиот јазик во зависност од контекстот на разговорот. Иако 70 отсто од населението наведува дека украинскиот им е мајчин јазик (рускиот 14 %), само 40 отсто го користи на работното место. Кога е понуден тако одговор, 17 отсто испитаници се изјаснуваат како двојазични од раѓање. На крај, според податоците од студијата на Меѓународниот институт за социологија од Киев од 2003 година, 12 отсто од испитаниците изјавиле дека зборуваат сурџук, дијалект кој ги комбинира елементите од двата јазици.

Украинскиот јазик никогаш официјално не бил забранет во СССР

Оваа двојазичност може да се објасни со русификацијата која траела со векови и која ја спроведуал царскиот режим, а потоа и Советскиот сојуз. Централната власт на СССР никогаш официјално не го забранила украинскиот, дури накратко, во текот на 1920-тите го фаворизирала во рамки на политиката на индигенизација (мерки на позитивна дискриминација кон неруското население). Во 20-от век, јазикот на Пушкин се наметнал како lingua franca и како јазик на културата во сите советски републики.

Од крајот на 1980 –тите години во ерата на подемот на националните идеи, кој во 1991 доведе до независност, се отвори судирот помеѓу два спротивставени ставови за јазичното прашање. Патриотските и проевропските сили,длабоко вкоренети на западот од државата се обидуваат да извршат препород на националниот јазик, кој долго време беше презрен и сметан за припрост рурален дијалект и ретко користен во елитните кругови. Од друга страна, зашитниците на рускиот бараат признавање на двојазичниот карактер на новата украинска држава.

Поранешниот претседател Виктор Јанукович се обиде да воспостави рамнотежа подигнувајќи го рускиот на статус на втор официјален јазик во деловите кадешто живее најмалку 10 отсто русофоно население. Законот што е усвоен на негов предлог во 2012 година го потврдил статусот на украинскиот како единствен државен јазик според Уставот од 1996 година, но, исто така, му обезбеди посебен статус на рускиот јазик. Овој компромис заврши во 2014 година, кпга демонстрациите на Плоштадот на независноста во Киев го симнаа од власт Јанукович. Еден ден откако тој побегнал, Собранието го укина официјалниот статус на рускиот јазик. Таа одлука предизвикала незадоволство на истокот на државата кое го поддржа Москва, а војската понала да го сузбива. Неколку недели подоцна, Русија изврши анексија на Крим.

Откако започна војната, власта се обидува да ја укине доминацијата на рускиот јазик во јавниот живот. Промената ќе трае долго. Наспроти најновите закони, речиси 60 отсто дневни весници се печатат на руски (таа пропорција не се менува веќе две години). Популарноста на телевизиските сери, музика и други програми на руски јазик не опаѓа, особено не меѓу младите на истокот и југоистокот од земјата. Меѓу десетте најчесто пребарувани серии на Гугл во Украина, седум се од руска продукција. Полициските серии „Мајор“, „Цајкан на Рубљовка“ и „Прекомандуван“ се најпопуларните три серии. Книжевните дела напишани на јазиот на Толстој сè уште се продаваат трипати подобро од оние на украински и тоа наспроти страшните забрани за увоз на одредени руски дела заради нивната, наводно, „антиукраинска“ содржина, забрани кои важат од 2015 година. На црната листа моментално се наоѓаат 150 наслови, вклучувајќи ги бајките за деца од советскиот период и книгата за само-помош во која се наведуваат примери на ситуации на работа во руската тајна служба. Наспроти забраната за користење на пребарувачот Јандекс и руската социјална мрежа ВК, рускиот јазик доминира на интернет. Во екот на најголемото интересирање за Евровизија 2019, корисниците на интернет, во врска со оваа тема двапати почесто го пребарувале Гугл на руски, отколку на украински.

„Украинскиот е јазик на државата, но не треба да се врши притисок ниту врз рускиот, ниту врз другите јазици во Украина“, изјавил Зеленски во март, во интервју за повеќе странски списанија. Се чини дека новиот претседател се обидува да ја смири дипломатската криза што изби заради законот за настава. Откако бил усвоен, 37 пратеници во Европскиот парламент ( од Унгарија, Полска, Словачка и Бугарија) во септември 2017 година му упатија отворено писмо на порошенко. Оттогаш Будимпешта трипати стави вето на одржувањето на состанок помеѓу Украина и НАТО, токму заради овој закон, за кој смета дека го дискриминира унгарското национално малцинство во Украина. Ваквите остри реакции, наспроти ограничениот број на училишта на кои се однесуваат мерките, ги преплашија украинските министри. Од друга страна, Москва не се огласува по овој повод. Попуштајќи под меѓународниот притисок, Порошенко го одложи целосното спроведување на законот за 2023 година со можност за натамошно одложување.

Во суштина, новиот претседател ја има истата цел како и неговиот претходник, како и мнозинството партии застапени во Собранието – рускиот мора да биде постепено истиснат во корист на националниот јазик. Мислењата за темпото на оваа транзиција се разликуваат, но не и за нејзината конечна цел. „Денес, нашиот образовен систем функционира така што идните генерации ќе се изразуваат на украински“, изјави Зеленски во споменатото интервју. Во истата прилика, радосно изјави дека неговите деца кои говорат совршен украински, мора да се помачат кога со татко им зборуваат руски.

Губењето на Крим и еден дел од Донбас придонесе за стеснување на спектарот на мислења во расправата за јазичното прашање. Партијата на регионот на Јанукович во оваа област бележи најдобри резултати. Жителите на Крим од кои, на последниот попис во 2001 година, 76 отсто се изјасниле како русофони, сега имаат руско државјанство. Жителите на териториите кои припаѓаат на сепаратистичките републики – Доњецка и Луганска веќе не излегуваат на изборите што ги распишува Киев. Доколку биде усвоен, законот за државен јазик ќе спречи секаков обид за враќање на повеќејазичноста со тоа што ќе ја стави надвор од законот. Единствената групација која се застапува за враќање на старото е опозицискиот блок, наследник на Партијата на регионите (која во меѓувреме се подели на две). Таа партија сега има само 38 паратеници (од вкупно 450) наспроти 78 (од 478) во претходниот состав на Собранието (Рада).

Во контекст на војната, да се брани јазикот на Шевченко е аналогно со носењето украинско знаме, што важи за русофоното население. Така, младиот блогер Александар Тодорчук ги импресионираше говорителите на украинскиот јазик на социјалните мрежи кога пред три години премина од руски на украински јазик. Неговиот пример го следеја и други јавни личности, Павел Казарин, славен водител на програмата „Утро во големиот град“ на каналот ICTV. Тој предизвика вистинска сензација во април 2017 година кога изјави: „Роден сум на Крим и мој мајчин јазик е рускиот, но тие што зборуваат руски и што не го учат украинскиот јазик и сметаат дека тоа е нивно право отсекогаш ме нервирале...Затоа го почнувам Каразин предизвикот: научете украински за три месеци“.

Дел од говорителите на рускиот во меѓувреме се определија за проевропски пат и почнаа повеќе да го користат украинскиот. Во светло на длабоките поделби што ги предизвика војната, би било добро да продолжи оваа тенденција.

Никита Таранко Акоста е истражувач во Центарот за руски и источноевропски истражувања во Женева. (Center for Russia and Eastern Europe Research – CREER).

Извор: Le Monde diplomatique

 

ОкоБоли главаВицФото