Моменти...

13.06.19 01:23

Во „Галерија Рудиќ“ може да се погледне фотографската изложба на Владимир Арсовски, Мајстор на Фотографија на Фото сојуз на Македонија. На изложбата се презентирани 22 фотографии во голем формат. Оваа изложба под наслов „Моменти“ беше претставена пред словенечка јавност во 2017 година во изложбениот простор на ФИАП.

За фотографиите на Арсовски, Небојша Вилиќ ќе напише:

„Визуелниот текст впишан во овој серијал на фотографии посветен на животот, е двозначен говор сочинет во знаковни дијади чија реторика се однесува на минливоста на времето како синхрона взаемност меѓу културата и природата. Преку него, Арсовски е во потрага по одговорот на прашањето: како да се естетизира навидум неестетичкото/неестетизираното или како да се естетизира непредвидливоста на животот?

Така, артефактот (културата), чијшто знак е чунот, се прикажува како метафора на животот, на човековиот живот како минливост (на природата). Од мугрите (кога се раѓа не само денот и виделината, туку и самото постоење), преку различните делови од денот (сончеви или тмурни, пријатни или поларно студени, како асиметрични периоди на искуствата), сè до квечерините и длабоките ноќи (во кои чунот, животот, е единствената светлина) се движи, тече, расказот за животот. Според овој расказ, невообичаено, животот не се воспева само како убавина, туку и како постојана борба со ретки мигови на спокој и задоволство, бидејќи животот е непредвидлив и, пред сè, незапирлив времетек“.

ОкоБоли главаВицФото