Во чест на револуциите

14.06.2019 00:24
Во чест на револуциите

Споменувајќи ги „оние интелектуалци и уметници кои повикуваат на бунт“, Фигаро не го крие разочарувањето: „Изгледа дека Франсоа Фире згреши: Француската револуција не е завршена“1. Како и многу други, и овој историчар совесно се трудел да го уништи сеќавањето на Револуцијата и да го загуши нејзиниот повик. Некогаш сметана за историска нужност (Маркс), „нова ера на историјата“ (Гете), епопеја која ја започнале војниците од Годината Втора опеани во стиховите на Иго - „И ги видовме тие преубави сиромаси како одат во поход на вчудоневидениот свет“ - денес на нејзините раце се прикажува само крв. Од Русо до Мао, утопијата на егалитаризмот - праведна и терористичка - ја газеше слободата на поединецот и создаваше немилосрдно чудовиште на тоталитарната држава. Потоа „демократијата“ се врати и однесе победа - весела, мирољубива и пазарна. Исто толку и наследничка на револуцијата, само од поинаков вид - на англиски и американски начин; повеќе политичка отколку социјална; „без кофеин“2.

На кралот му ја отсекоа главата и од другата страна на Ла Манш. Меѓутоа, бидејќи отпорот на тамошната аристократија бил помалку одлучен отколку во Франција, буржоазијата не морала да стапи во сојуз со народот за да ја утврди својата власт. Меѓу побогатите слоеви во општеството ваквиот модел, без босоноги или санкилоти, делува повозвишено и помалку опасно од алтернативата која ги вклучува. Претседателката на француската унија на работодавачите Лоронс Парисо зборуваше во име на целата своја класа кога во интервју за Фајненшнел тајмс изјави: „Многу ја сакам историјата на Франција, но не сум баш обожавателка на револуцијата. Тоа бил чин на екстремно насилство заради кој сѐ уште страдаме. Таа ги натера сите да заземат некоја страна.“ Додаде: „Ние не сме толку успешни во спроведувањето на демократијата како Англија“3.

„Да се заземе страна“: овој вид општествена поларизација е опасна кога ќе се појави потреба - особено во период на криза - да се покаже лојалност кон својата фирма, шефот или брендот, а притоа секој да остане таму каде што му е местото. Зашто, во очите на нејзините противници, главниот грев на револуцијата не е насилството, кое за жал е константна појава во историјата, туку нешто бескрајно поретко: рушењето на општественото уредување преку војна помеѓу шефовите и пролетерите.

Во текот на предизборната кампања во 1988 година, идниот американски претседател Џорџ Херберт Буш го нападна својот противкандидат од редовите на Демократската партија и сосема неконтроверзен технократ, Мајкл Дукакис, со зборовите: „Тој сака да нѐ подели на класи. Тоа е во ред во Европа, но тоа не е Америка.“ Класи?! Во САД?! Какво обвинение! Дваесет години подоцна, во моментот кога американската економија бара жртви исто толку неправедно како што некогаш делеше награди - да се сетиме на стихот од Интернационалата кој бара „Злосторникот веќе да не нѐ дави“... - станарот во Белата куќа се труди побрзо да го ублажи бесот на народот: „Една од најважните лекции од оваа криза е тоа што нашата економија може да функционира само ако сите сме заедно. (...) Не можеме себеси да си дозволиме во секој инвеститор или претприемач да гледаме демон кој само копнее по профит“4.

„Револуцијата пред сѐ е раскинување. Оној што не прифаќа дека треба да раскине со владејачкиот поредок, со капиталистичкото општество, не може да биде член на Социјалистичката партија.“ Така зборуваше Митеран во 1971 година. Критериумите за прием во членството на Социјалистичката партија (Parti socialiste - ПС) во меѓувреме попуштија, бидејќи во нивните редови се наоѓаа и генералните директори во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската трговска организација (СТО), Доминик Строс-Кан и Паскал Лами. Идејата за револуцијата е во осека и на други места, вклучувајќи ги и најрадикалните организации. Десницата го украде тој збор (кој очигледно сѐ уште буди надеж) за да го претвори во синоним за реставрација, уништување и искоренување на изборените облици социјална заштита, сето тоа во името на борбата против „владејачкиот поредок“.

На големите револуции им се замерува нивната насилност. Се згрозуваме, на пример, од масакрот на Швајцарската гарда за време на заземањето на дворецот Тилери во август 1792 година, убиството на царското семејство во јули 1918 во Екатеринбург, или егзекуцијата на офицерите од страна на војската на Чанг Каи Шек по доаѓањето на комунистите на власт во Кина, 1949 година. Тоа и би можело да се разбере ако претходно не ја премолчевме гладта која владееше за време на стариот поредок додека во Версај се одржуваа балови, а свештенството извлекуваше пари од народот; или стотината мирни демонстрации во Санкт Петербург кои на „крвавата недела“ во јануари 1905 година беа загушени од страна на војниците на Николај Втори; или револуционерите и револуционерките од Кантон и Шангај кои беа запалени живи во печките за локомотиви 1927 година... да не зборуваме за секојдневното насилство на општествените уредувања против кои била насочената тогашната борба.

Приказната за запалените револуционери и револуционерки не е врежана во сеќавањето само на познавачите на историјата на Кина. Таа им е позната и на милиони читатели и читателки на Човечката судбина (La Condition humaine, романот на Андре Малро од 1933 година). Зашто најголемите писатели и писателки, како и најголемите уметници воопшто, со децении му се придружуваа на работничкото движење и ги славеа револуциите и светлата иднина. Навистина, тоа славење подразбирало и намалување на разочарувањата, трагедиите и тмурноста на животот (политички полиции, култови на личности, работни логори, стрелања).

Од друга страна, во последниве триесет години не може да се зборува за ништо друго; во прашање е препорачана тема за сите кои сакаат да успеат на факултет, во медиумите или да се пробијат во академијата. „Кој е за револуција, тој е за разгорување насилство“, објасни прославениот историчар Макс Гало. „Нашите општества се исклучително кревки. Главната одговорност на сите кои можат да влијаат во јавноста е да предупредуваат за можноста за такво разгорување“5. Фире пак сметаше дека секој обид за радикална промена нужно е тоталитаристички или терористички. Заклучи дека „идејата за поинакво општество стана речиси незамислива“6. Веројатно таа незамисливост не вознемирила поголем дел од оние кои ги читале неговите зборови, заштитени од општествените бури во удобните животи со вечери и дебати.

„... но нашите песни се најубави“

Фобијата од револуцијата и нејзиниот современик, апологијата на владејачкиот поредок, имаа бројни гласноговорници покрај Гало и Фире. Секако, се мисли на цел спектар медиуми, вклучувајќи ја филмската уметност. Тие веќе триесет години работат на тоа да се изгради уверување дека надвор од либералната демократија не постои ништо освен тирански режими и ниви махинации. Просторот во кој се обработува нацистичко-советскиот пакт (Молотов-Рибентроп) е далеку поголем во однос на другите против-природни договори, како Минхенскиот договор (со кој Франција во 1938 година се обврза дека нема воено да одговори на германската окупација на Чехословачка) или ракувањето на Адолф Хитлер и Невил Чембрлен. Нацистот и конзервативецот во најмала рака споделуваа омраза кон народните фронтови. Истиот таков страв ги наведе аристократијата од Ферара и индустријалците од Рурската област да го поддржат доаѓањето на власт на Мусолини, односно создавањето на Третиот рајх7. Дали сѐ уште смееме да се сеќаваме на овие факти?

Да одиме и чекор понатаму... Вешто теоретизирајќи го своето дистанцирање од револуцијата од советски тип, која еден од неговите пријатели ја нарече „бланкизам со тартар сос“, Леон Блум, без сомнеж важна фигура во круговите на заговорниците на редот, се осврна на ограниченоста на општествената промена чија единствена надеж би била универзалното право на глас. „Не можеме да бидеме сигурни“, предупредупредуваше во 1924 година, „дека претставниците и лидерите на денешното општество нема сами да истапат од рамката на легалноста во момент во кој неговите основни принципи ќе делуваат како веќе загрозени“. Не недостасуваат примери за вакви прекршоци - од pronunciamiento на Франко во 1936 година, до државниот удар на Пиноче во 1973; и да не го заборавиме рушењето на Мухамед Мосадик во Иран, 1953 година. Социјалистичкиот водач нагласи дека „Републиката во Франција никогаш не е прогласена со легално гласање во уставни рамки. Таа беше наметната со волјата на народот кој се бунтуваше против постоечкиот правен поредок“8.

Универзалното право на глас, кое од тогаш се става на пиедестал за да се дисквалификуваат другите облици колективна интервенција (вклучувајќи ги штрајковите во јавниот сектор кои се споредуваат со земањето заложници), стана алфа и омега на политичката акција. Блумовите прашања сѐ уште се актуелни: „Дали тоа не е очигледно денес? Зарем влијанието на газдите и сопствениците не се пренесува на гласачкото тело преку моќниот притисок на парите и крупниот печат? Дали гласачот е слободен во изборот што го прави, слободен во рамки на сопственото мислење, слободен преку независноста на сопствената личност? А дали не ни треба токму револуција за тој да се ослободи9? Се зборува дека и самиот изборен резултат е погазен во три европски држави - Холандија, Франција и Ирска - со помош на заедничкиот притисок на работодавачите, финансиските моќници и печатот. Токму заради тоа истово е игнорирано...

„Ја изгубивме секоја битка, но нашите песни се најубави“. Овој цитат на еден од шпанските републикански борци кој побарал засолниште во Франција после победата на Франко, на специфичен начин го сумира проблемот со кој се соочуваат конзервативците и нивната немилосрдна педагогија на покорност. Едноставно кажано, револуциите оставаат неизбришлив белег и во човечката свест, дури и тогаш кога се поразени. Дури и тогаш кога се предадени. Во суштина, тие го претставуваат оној редок момент во кој судбината ја губи силата и луѓето стапуваат на сцена. Оттука нивното универзално влијание. Зашто, секој на свој начин, бунтовниците од воениот брод Потемкин, Кинезите и Кинезинките кои го преживеаја Долгиот марш, барбудосите од Сиера Маестре, сите оние кои го оживејаа подвигот на војниците од Годината Втора кој го наведе британскиот историчар Ерик Хобсбаум да напише дека „Француската револуција ја разбуди моќта на народот во толкава мера што ниедна власт тоа никогаш нема да може да го заборави - дури и ако мислиме исклучиво на споменот на фактот дека импровизираната војска на необучениот мобилизиран народ ја порази моќната коалиција на најискусните елитни одреди на европските монархии“10.

Да се спречи конзервативната реставрација врз основа на искуството

Не се работи само за „спомен“: современиот политички јазик и половината правосудни системи на планетата влечат корени од прописите создадени за време на Револуцијата. Оние кои размислувале за Третиот свет во шеесеттите требало да за запрашаат дали неговата популарност во Европа не доаѓа од чувството на признание (во двете смисли на зборот) кое тој го предизвикал. Делувало дека револуционерниот и еманципаторскиот идеал на просветителството повторно се родил на Југот, делумно благодарение на студентите и студентките од Виетнам, Алжир, Кина или Чиле кои се школувале на Стариот континент.

Империјата се распаѓала, поранешните колонии се ослободувале, револуцијата била во тек. Денес ситуацијата е поинаква. Еманципацијата на Кина или Индија и нивниот подем на меѓународната сцена на некои места будат љубопитност или симпатии, но тие земји не се водат според никаква „универзална“ надеж која би била поврзана, на пример, со еднаквоста, правата на угнетените, поинаков развоен модел, се грижат да ги спречат конзервативните реставрации врз основа на искуствата и својата исклучителност.

Сепак, колку и сѐ уште да се посакувани, револуциите се ретки. Тие подразбираат истовремено постоење маси незадоволни кои се подготвени да се кренат; држава чиј легитимитет и авторитет се наоѓаат под напад на делата на нејзините вообичаени следбеници (заради нејзината економска неспособност, воената неумешност или внатрешните расцепи кои ја парализираат, а потоа ја исфрлаат од колосек); и, најпосле, постоењето радикални идеи за преиспитување на општественото уредување, кои во почетокот се екстремно малцински, но кон кои можат да се насочат сите оние чии некогашни убедувања и лојалноста се напуштени11.

Американската историчарка Викторија Бонел истражувала работници од Москва и Санкт Петербург пред Првата светска војна. Бидејќи се работи за единствен случај кога оваа општествена група била главен актер на „успешната“ револуција, нејзините заклучоци се важни: „Она што ја карактеризира револуционерната свест е убедувањето дека потребите можат да се задоволат исклучиво со трансформација на постоечките институции и воспоставување ново општествено уредување12“. Треба да се напомене дека таквата свест не се раѓа спонтано, без претходна политичка мобилизација и интелектуално вриење.

Уште повеќе затоа што, генерално, барањата на социјалните движења во почетокот секогаш се дефанзивни - сведоци сме на тоа. Тие сакаат повторно да го воспостават општествениот договор кој го сметаат за прекршен од страна на капиталистите, земјопоседниците, банкарите, владејачите. Леб, работа, стан, студии, живот. Ова не е (сѐ уште) „светлата иднина“, туку „слика на сегашноста ослободена од своите најболни аспекти“13. Дури тогаш, кога неспособноста на владејачите да ги исполнат ветувањата кои ја легитимираат нивната власт ќе стане очигледна, првпат - надвор од активистичките кругови - ќе може да се слушне прашањето: „има ли некаква општествена корист од краловите, капиталистите, свештениците, генералите или бирократите14“. Тогаш може да се зборува за револуција. Преминот од првиот стадиум кон вториот може да се одигра брзо - во рок од две години 1789, неколку месеци 1917 - или никогаш.

Прашањето од 1977 година: зошто СССР е толку стабилен?

Веќе 200 години милиони политички и синдикални активисти и активистки, историчари и историчарки, социолози ги проучуваат факторите кои влијаат на одговорите на следните прашања: Дали владејачката класа е поделена и деморализирана? Дали сѐ уште го контролира репресивниот апарат? Дали општествените сили кои тежнеат кон промени се организирани и способни да соработуваат? Ваквите истражувања биле најраспространети во САД каде често постоела потреба да се разберат револуциите, да се признае сѐ што постигнале тие, но да се отстрани ужасната можност за нивно избивање.

Веродостојноста на заклучоците од овие истражувања се покажале како... случајни. На пример, во 1977 година главниот тренд се однесувал на „неможноста за државна власт“ во капиталистичките општества. Наспроти тоа стоело прашањето: зошто СССР е толку стабилен? Се нуделе бројни одговори: склоноста на советското раководство и населението кон редот и стабилноста; некумулативната природа на проблемите кои се појавувале пружала единствен маневарски простор; добри економски резултати кои придонесувале за споменатата стабилност; раст на животниот стандард; статусот на суперсила итн15. Тогаш веќе исклучително славниот политиколог од Јеил, Семјуел Хантингтон, врз основа на низа податоци можел само да заклучи: „Ниеден од предизвиците кои се предвидуваат во наредните години не делува квалитативно поинаков во однос на оние кои советскиот систем успешно ги преброди16“.

Сите знаат што се случи потоа...

(1) Le Figaro, Париз, 9 април 2009.
(2) „Накратко, она што сакаат либералите е револуција без кофеин, револуција која не мириса како револуција“, резимираше Славој Жижек во Robespierre: entre vertu et terreur (Робеспјер: помеѓу добродетелството и теророт), Stock, Париз, 2008, стр. 10.
(3) Financial Times Magazine, London, 7-8 октомври 2006.
(4) Конференција за печат, 24 март 2009.
(5) Le Point, Париз, 25 февруари 2009.
(6) Fransoa Fire, Le passe d'une illusion. Essal sur l'idee communiste au XXe siecle, Robert Laffont - Calmann-Levy, 1995, стр. 572.
(7) Во 1970 година оваа тема ја обработиле режисерите Виторио де Сика, во својот филм Градината на Финци-Контиеви, и Лукино Висконти во Самракот на боговите (овој филм излезе 1969 година).
(8) Leon Blum: „L'ideal socialiste“, La Revue de Paris, мај 1924. Наведено според Жан Лакутур, Leon Blum, Seuil, Париз, 1977, стр 201.
(9) Ibid.
(10) Ерик Џ. Хобсбаум, Aux Armes, historens. Deux sieles d'histoire de la Revolution francaise, La Decouverte, Париз, 2007, стр. 123.
(11) Прочитај: Џек А. Голдстоун, Revolution, Wadsworth Publishing, Белмонт (калифорнија), 2002, и Тед Скочпол, Etats et revolutions sociales, Fayard, Париз, 1985.
(12) Викторија Бонел, The Roots of Rebellion, Workers' Politics and Organizations in St. Petersburg and Moscow, 1900-1914, University of California Press, Беркли, 1984, стр. 7.
(13) Барингтон Мур, Injustice. The Social Bases of Obedience and Revolt, Sharpe, White Plains (Њујорк), 1978, стр. 209.
(14) Ibid., стр. 84.
(15) Cf. Северин Бајалер, Stalin's Siccessors. Leadership, Stability and Change in the Soviet Union, Cambridge University Press, 1977.
(16) Семјуел Хантингтон, „Remarks on the meaning of stability in the modern era“, во Северин Бајалер и Софија Слузар (ур.), Radicalism in the Contemporary Age, vol. 3, Strategies and Impact of Contemporary Radicalism, Westview Press, Болдер (Колорадо), 1977, стр. 277.

Илустрации: Wayne Horse

Извор: Le Monde diplomatique

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото