За Собранието, правото и криминалецот Груевски

14.06.2019 12:46
За Собранието, правото и криминалецот Груевски

Како што повеќе пати имам напишано и кажано, правото е многу егзактно и логично. Зад секоја норма мора да стои многу логично барање. Секоја норма мора да биде сама по себе логична и конзистентна, како и да претставува логичен дел од пошироката целина и да биде во согласност со правниот систем во целина.

Ајде да го погледнеме случајот на Груевски-криминалецот кој побегна од затвор во ова светло:

1. Член 29 од Деловникот на Собранието: Пратеникот има право и должност да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето.

Тоа значи дека со изрекувањето на пресуда за отслужување казна затвор и со бегање од затвор, Никола Груевски ФАКТИЧКИ не може да ја оствари основната должност која ја има согласно Деловникот на Собранието. Кога не ја обавуваш должноста не може да ги уживаш ни правата кои се поврзани со таа должност и кои произлегуваат од таа должност.

2. Член 7 од Законот за Собранието: Функцијата пратеник во Собранието се врши професионално.

Тоа значи дека пратеникот нема друга професија освен професијата пратеник за која добива плата. Кога некој е осуден на казна затвор над 6 месеци законот вели дека му престанува работниот ангажман затоа што тој човек не може да ги извршува обврските кои се поврзани со работното место. Никола Груевски е осуден на казна затвот подолга од 6 месеци, што значи дека не може да ја извршува професијата пратеник.

3. Член 1 од Закон за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката: |Право на плата во месечен износ за вршење на функцијата …

Тоа значи дека платата се добива за вршење на функцијата и сите задачи кои се поврзани со таа функција. Никола Груевски е осуден на казна затвор што значи дека има друга функција – затвореник. Како затвореник не може да ја извршува функцијата пратеник за која се добива пратеничка плата, туку си добива храна, сместување и грижа од државата како затвореник. Во моментот кога како осуден на казна затвор побегнал тој е побегнат затвореник, а не од функцијата која ја обавувал пред да стане затвореник.

4. Член 23 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката: Лицата од став 1 на овој член го немаат правото од член 19 на овој закон, односно тоа право им престанува ако се правосилно осудени за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие.

Тоа значи дека никако не може да стане збор за земање било каква апанажа или нешто слично од страна на побегнатиот затвореник Никола Груевски.

Доколку некој во наплив на делирична глупост ја продолжи оваа правна какафонија тогаш Никола Груевски со право покрај апанажа ќе може да побара и парични средства врз

основа на членот 27 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката:

– дневницата за службено патување во странство согласно со Уредбата за издатоците за службен пат и селидби во странство што на органите на управата им се признаваат во тековни трошоци;

– надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели, во висина до 20% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи,

– надоместок поради одвоен живот од семејството до 30% од просечната нето месечена плата по работник исплатен во Република Македонија во претходните три месеци;

– надоместок за селидбени трошоци од местото на живеалиштето до местото во кое се врши функцијата, односно до местото на преселување во рок од една година од денот на престанување на функцијата. Во селидбени трошоци на функционерот се признаваат и трошоците за превоз на функционерот и на членовите на неговото домаќинство. Селидбените трошоци и трошоци за превоз се исплатуваат врз основа на приложени сметки и документација, под услови утврдени со општиот акт на органот од член 3 на овој закон;

– надоместок за користење на годишен одмор најмалку во висина на просечната месечена плата по работник исплатен во Република Македонија, во претходните три месеци.

Како што реков, правото е логично и конзистентно. Или го применуваш со ум или без ум. Безумната употреба на правото доведува до правен апсурд. Тие кои го спроведуваат мора да го знаат ова. Ако не го знаат тогаш не им е местото таму каде што се. Ако го знаат, а сепак го прават, тогаш се криминалци.

 Слика: Свирачиња

Извор: Цивил медиа