Ништо не исчезнува

14.06.2019 14:11

На Никола Маџиров


Ништо не исчезнува:
сите патишта што сме ги поминале,
сите соѕвездија што сме ги разгледувале пред спиење,
сите траги што сме ги оставиле.
Авионите по кои сме гледале,
возовите за кои сме задоцниле,
сите капки дожд на стаклата од сите случајни автомобили,
цртите на патиштата што стануваат испрекинати линии
на нашите сопствени неми карти.
Некаде во кинотеката на нашите сништа
сѐ уште се чува птичјото перо
пронајдено во прво одделение,
и шеќерната волна,
и пуштениот балон.
Остануваат
играчки паднати зад мебелот,
лузни на колената,
дамки на фармерките од неовдешна трева.
Старите шпици пуштиле корења
во нашите тела
и брезов сок ни тече низ вените.
Ништо не исчезнува:
напролет татковината ќе испупи под кожата.
Летописите се напишани со ѓонови
на страниците на градовите
и зајдисонцето
секогаш се прелива во боите на нашето детство.
Ништо не исчезнува, ништо.
Морињата, кога испаруваат, им ја враќаат водата на изворите,
и ние, како и планетите, имаме свои орбити,
кои не ги насетуваме.

Превод: Ѓоко Здравески

Ана Ростокина е родена во 1986 година во Москва. Дипломирала српски и англиски јазик во Москва и српска книжевност во Белград. Пишува поезија и кратка проза, преведува од и на руски, српски и македонски. Кога не патува, живее во Белград.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото