Еурека!

14.06.2019 23:16
Еурека!

14 јуни, меѓу другото, да ти бил и Меѓународен ден на капењето! Ден на капењето станал поради една прикаска од антиката.

Легендата вели дека токму на 14 јуни некаде во средината на 3 век пред нашата ера славниот старогрчки математичар и физичар Архимед, по долготрајното капење во некоја сиракушка бања, скокнал од кадата и гол почнал да трча низ улиците на Сиракуза возбудено извикувајќи: Εὕρηκα, Εὕρηκα (Heúrēka)! „Открив!“/„Пронајдов!“. Архимед толку многу се возбудил затоа што конечно нашол решение за еден проблем што долго време го измачувал: открил како ќе дознае дали новата круна на тогашниот сиракушки крал Хиерон II е направена од чисто злато или во неа има и сребро.

Откритието до коешто дошол во сиракушката бања било дека секое тело кога ќе се потопи во течност губи од својата тежина онолку колку што изнесува тежината на течноста што ја истиснува. Благодарение на ова откритие, Архимед се досетил како ќе ја реши загатката: ќе земе грутка злато и грутка сребро кои засебно тежат исто толку колку што тежи и кралската круна; ќе ја потопи прво едната, па потоа другата, во сад со вода и ќе измери за колку ќе се подигне нивото на водата; истото ќе го направи и со кралската круна. Ако е круната од чисто злато, тогаш нивото на водата во садот ќе се подигне за исто толку за колку што се подигнало кога во садот ја потопил грутката злато. Ако ја потопи грутката сребро во садот со вода, ќе го измери точниот размер на злато и сребро во кралската круна! Легендата вели дека откако го направил овој експеримент, Архимед открил дека круната на кралот не е од чисто злато. Откритието благодарение на коешто ја решил загатката денес во науката е познато како Архимедов закон.

Од славното Архимедово εὕρηκα (heúrēka) во нашиот, а и во многу други јазици, е изведен еден извик што обично го употребуваме кога, слично како Архимед, ќе се израдуваме зашто конечно сме дошле до некое за нас големо откритие. Тој извик е извикот „еурека“, кој по потекло е прво лице перфект од старогрчкиот глагол εὑρίσκω (heurískō) „откривам“, „наоѓам“. Од εὑρίσκω е, инаку, и придавката „(х)евристички“ (англ. heuristic, франц. heuristique, герм. heuristisch, рус. эвристический итн.).
#класичнообразование #classics #класика #класичнистудии

 

ОкоБоли главаВицФото