Маша Колановиќ: Капитализмот нѐ претвора во инсекти кои секој миг можат да бидат згмечени

15.06.2019 06:21
Маша Колановиќ: Капитализмот нѐ претвора во инсекти кои секој миг можат да бидат згмечени

 

  Маша Колановиќ напиша збирка раскази во која јасно кажува како капитализмот нѐ притиска до ѕид, од нејзините реченици се слуша пуцкетање на здробени крила на инсекти. Секој расказ од збирката покажува како ова време ни ги дрши крилјата, ни ги умртвува пипалата, ни ги ослабнува сетилата. Ако и преживееме, ако физички кафкијански не се преобразиме н крајот, прашањето е – колку човечност ќе ни остане.

Наивен конзумеризам

Авторката и преку насловот во одредена мера му се обраќа на читателот како на инсект. „Почитувани инсекти“ е алузија на „Почитувани купувачи“ кои фатени во мрежата на системот од една страна се борат за гола егзистенција, а од друга страна се жртви на непромислен, наивен консумеризам, купуваат услуги кои не им требаат , предмети кои нема да им го оплеменат животот, но долгот ќе ги доведе до несоница и бавно неповратно растројство. „Почитуваните инсекти“ изгубени во тој универзум трчаат и работат, заработуваат, одработуваат сѐ додека можат да мафтаат со крилата.

Идејата, вели авторката, ја добила кога нејзиниот внук слушнал во еден од шопинг центрите метален глас кој велел „Почитувани купувачи“ (хрватски: Poštovani kupci) и прашал дали рекол „Почитувани инсекти“(хрватски: Poštovani kukci). Во тој момент препознала добро уловена, егзистенцијална метафора.

Секако, тој мотив го носи багажот на метафориката која првенствено ја изградил Кафка во својата Преобразба, а на неgова трага подоцна и Виктор Плевин во Животот на инсектите. За мене инсектите се метaфора на кревкоста, другоста и кршливоста, една длабоко егзистенцијална метфора. Грегор Самса е трговски патник, читаме за рефлексијата на стресот и исцрпеноста која ја следи неговата работа, а за неговото семејство откако се преобразува во инсект станува енормно одвишен. Грегоровата економска бескорисност ја поништува смислата на неговата егзистенција. Тој самиот е пасивен и нема можност за артикулација на говор. Ликовите околу него немаат никакво сочувство, сурови се во својата прагматичност, но кичесто сонуваат за подобар и поубав живот и имаат само „добри намери“.

Сето она што се чинело како фантастичен дел кај Кафка стана блиско чувствување на нашата реалност. Имам чувство дека капитализмот нѐ преобразува во тие кревки инсекти кои можат да бидат згмечени штом се укаже прилика за тоа, инсекти како некаква другост, а тука е и јазичната блискост на зборовите како врски со доминантниот наратив на денешницата. Од граѓани и луѓе спаднавме на купувачи и потрошувачи. Таа врска ми се наметна уште повеќе со тоа што во писмата од банките, гласовите преку разгласи во шопинг центрите и други се обраќаат со „почитувани“, а тоа „почитувани“ го сфаќам како длабока иронија. Силна е таа поврзаност помеѓу купувачите и инсектите, таа длабока иронија на системот, кога нас нѐ ословуваат со „почитувани“ а притоа сакаат да ни ја одерат кожата, да ни ја исцедат последната пара... Одекнува тоа со морничавите значења на една голема метафора, метафора на инсекти во која е неопходно да се вратиме на Кафка. Веќе подолго, размислувајќи за неговите текстови, забележувам како она фантастично и надреално и не делува така очудувачки од перспектива на нашето секојдневие. Она што се чинело параноидно и зазорно, сега е по малку нормализирано.“

Маша Колановиќ, професорка на Отсекот за кроатистика на загрепскиот Философски факултет, при Хрватската фондација за наука води проект кој ги истражува меѓусебните односи на економијата и книжевноста, како книжевноста ги рефлектира економските процеси, како економијата ја употребува книжевноста. Разговарајќи за своите неодамна објавени раскази споменува „капиталистичка структура на чувства“. Како капитализмот ни ги структурира чувствата?

„Тоа е термин кој припаѓа на британскиот теоретичар на културата Рејмонд Вилијамс. Капитализмот не е исклучиво економски систем кој преку пазарната економија и приватизација треба да нѐ доведе, како што ни ветуваа доминантните транзициски наративи, до идејата за благосостојба. Капитализмот го набљудувам како вредносна категорија, како специфична морална и афективна економија која ги модифицира чувствата и човечноста. Набљудувам околу себе како капитализмот ги преобразува луѓето, навистина сум сведок на тоа и тоа длабоко ме ужаснува. Можеби некој ќе рече дека тоа е само едно параноидно читање, но за параноидните читања секогаш се испоставува дека тие се оние кои на крајот сепак биле во право.“



Параноидно читање

Зошто параноидните читања обично се покажуваат како добра интерпретација?

„Идејата за параноидното читање како една можна перспектива на пристап кон текстот ја развила теоретичарката Ив Кософски Седгвик. Таа тврди дека параноидните читања ни разоткриваат хегемониски односи помеѓу класата, расата и родот и упатуваат на оној скриен, наизглед неважен аспект на тие односи во текстот. Паранојата во таа смисла е антиципаторна. На пример, се покажа дека најголемиот параноик на југословенската кинматографија, Илија Чворовиќ од Балкански шпиун, бил во право, како што тоа го покажа колегата Иван Велисављевиќ во еден свој текст. Од таква перспектива на читање, ќе забележиме многу дела како актуелни за нашата современост. Во таа смисла и Кафка ни е важен токму за ова нашево сега.“

Еден од лајтмотивите во расказите е мобилниот телефон. Старата тетка пред смртта од внуците бара да ја закопаат – со мобилен телефон, па потоа во еден ден, врткајќи се околу гробот, да ја побараат три пати за да биде сигурна дека нема да се оствари нејзниот страв дека ќе биде жива закопана.

Пензионерот кој губи чекор со времето еден продавач на телекомуникациска компанија го намамува да купи смартфон на рати и да се согласи на претплата која, бидејќи технички неук, брзо го доведува до егзистенцијален раб; за кратки патувања во Словенија се вклучува роаминг, сметките се значително поголеми од неговата пензија, а тој откако сфаќа со какви бездушни институции си има работа, што неговите лично интонирани писма за рекламација таму никој до крај и не ги чита, а уште помалку сериозно да ги перципира, во очај се заканува - дека ќе крене револуција „во име на чесниот народ против оној еден процент кои тој народ го експлоатираат.“



Продолжеток на телото

Жената која влегува во ИКЕА дуќан, посакувајќи со нов тросед да ги избрише траумите од неодамнешното минато, својот мобилен телефон кој ѕвони, повикот за кој се плаши дека одново ѝ носи вести за болест во семејството и страдање, го остава во фиоката на еден од столовите со допадлив шведски дизајн, како да, ако се ослободи од мобилниот телефон ќе се ослободи и од тежината на сопствениот живот во хрватската реалност.

„Мобилниот телефон го гледам како дел од таа преобразба во потрошувачкото општество. Мобилниот станал продолжеток на нашето тело, ако сме само неколку секунди без него сите сме во паничен страв барајќи го. Тој предмет е своевидна лакмус-хартија која ни говори многу за новиот тип на дружељубивост. Морничаво е колку станал дел од нас самите, продолжеток на нашето тело. Да нема забуни, не сум јас никаков антимодернист, користам мобилен телефон, ми помага во животот, дури и самата панично го барам ако не ми е во близина, но набљудувам и колку нѐ оттуѓува едни од други. Зјапаме во тие екрани, не ги гледаме веќе лицата околу себе. Преку мобилен комуницираме со другите, но истовремено го затапува нашето чувство за другиот во непосредна близина. Не се слушаме и не се гледаме едни со други, туку зјапаме во екран и прстите постојано ни се лизгаат по него. Станавме робови на мобилниот телефон и тоа е реалност од која веќе нема враќање. Кој воопшто веќе може да замисли свет без мобилен телефон. Затоа тетката од расказот и го носи со себе во гроб. Мобилниот телефон е како некоја наша пипка, некоја антена која говори за променетата човечност во таа преобразба.“

Книгата, раскажува авторката, ја пишувала лишена од вишок време, но носена од голема внатрешна мотивација. „Пишувањето книжевност заедно со сите други обврски, оние професионалните и оние семејните, како што животот со годините станува сѐ покомплициран, е активност која настанува партизански, рано наутро или ноќе, во некои црни дупки во времето. Но, ја сметам за своја неопходност. Пишувам само тогаш кога имам нешто да кажам. Бавејќи се со транзициски теми во своите претходни книги, сега имам чувство дека дојдовме до точка на усвитеност каде ги гледаме и ги жнееме последиците на различни нивоа, не само економски колап, колапс на индустријата, туку тие последици ги жнееме на ниво на нашите афекти и емоции и преоразената човечност. Од тој нерв настана и оваа книга...“

Говорејќи за современата хрватска книжевност, за нејзиното општествено, а не исклучиво уметничко значење, гледајќи ја низ она што во смисла на содржина ја обележува, го истакнува наративот на „општествено знаење“ за транзицијата. „Бележење на тие структури на чувста кои за 30 години, кога ќе се изгуби тој непосреден увид во тие промени кои сега ги сведочиме, останува како важен извор на увид. Книжевноста бележи промени, афекти, општествено обликувани чувства за тие нешта, обликува одреден тип „општествено знаење“ како што тоа го забележала теоретичарката на книжевност Рита Фелски во својат книга Намените на книжевноста. Мислам дека тоа е изразито интересен момент – од односот кон војната, односот кон социјализмот до односот кон капитализмот. Тоа е она за што им говорам и на своите студенти, со што се бавам во научните истражувања кои на еден поинаков начин ми се враќаат во пишувањето фикција.

Книжевноста и како институција влегла во тоа поле на капитализмот каде денес нештата се потмурни по нејзиниот општествен лик, изгледа како да губи на важност и релевантност. Иако никогаш книжевноста и не ја имала таа експлицитна моќ, имала моќ во некој тивок агол на гледање откосо. Во раната фаза на транзицијата можеби повеќе била миленица на спектаклот, но подобро е за неа што тоа веќе не е. Книжевноста бележи и обликува артефакти и различни перспективи, нуди различни типови на знаење кои не може да ни ги понуди статистиката. Тоа ќе остане забележано и за некои други времиња кога ќе се враќаме на тие текстови, кога да се говори за овој период на транзиција повеќе нема да биде можно само на основа на научните документи, статистики, туку ќе треба да се потпреме и на она што е забележано во книжевноста и уметноста воопшто. Конечно, тоа вреди за согледување и толкување во секоја епоха. Бројни критичари на капитализмот во своите анализи користеле книжевни текстови за своите увиди во последиците од економските промени, почнувајќи од Маркс па сѐ до Пикети и Варуфакис.



Усташко означување

Додека нас системот нѐ претвора во инсекти, а системот на вредности опасно се заканува да се промени, на секој чекор е видлива иконографија која до вчера во јавниот простор била незамислива. Како што некогаш младите носеле маици со Че Гевара, многумина и не знаејќи кој бил тој Аргентинец и што правел од Куба до Конго и Боливија, така денес матурантите носат усташки означувања, лишени од какви било важни информации за тој криминален систем.

„Усташките обележја се како некаков вирус раширен секаде околу нас. Ги забележувам на детските тобогани, на клупичките во паркот, на седиштата во амбулантите. Тоа ме ужаснува. Образовниот систем, политичарите и сиот чесен народ треба навистина бескомпромисно и недвосмислено да ги осудат тие симболи и неговата идеологија, да едуцира за погубноста на тој режим кој стои зад усташките пораки, јасно да даде до знаење дека тука нема место за никаква релативизација. Луѓето тоа не го сфаќаат сериозно и мислат дека ако нивните истомисленици не поддржуваат такви пораки тогаш тоа е општо правило. Тоа е „баналноста на злото“ врзана за усташките симболи кои настојував да ги обликувам во книга. Тоа се оние „фини“ граѓани кои се плашат за своите луѓе, но на другите и поинаквите луѓе гладаат ксенофобично. Против тоа треба бескомпромисно да се бориме.“



Извор: Jutarnji list

Илустрации: Emile Mausner

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото