Токсичното наследство на дигиталната ера

16.06.2019 23:36
Токсичното наследство на дигиталната ера

Електронскиот отпад е токсично наследство на нашата дигитална ера. Од година во година создаваме повеќе електронски отпад од порано. Нашата отпадна електроника ја загадува водата за пиење и им штети на екосистемите ширум светот. Кога електрониката ќе заврши на отпадите, отровите како што се оловото, живата и кадмиумот се разложуваат во тлото и водата.

Проблемот на електронскиот отпад е огромен, секоја година се произведуваат повеќе од 20 милиони електронски отпад. Само Американците генерираат околу 3,4 милиони тони електронски отпад годишно. Кина исфрла 160 милиони електронски уреди годишно.

Во Глобалниот монитор за електронски отпад за 2017 година се наведува дека просечниот жител на Европа годишно создава повеќе од 16 килограми електронски отпад.

Глобалното производство на електронски отпад е на пат да достигне 120 милиони тони годишно до 2050 година ако продолжат моменталните трендови, стои во извештајот на Платформата за забрзување на кружната економија (ПАЦЕ) и Коалицијата за електронски отпад на ОН, која е објавена на почетокот од оваа година.

Помалку од 20 проценти од електронскиот отпад се рециклира прописно, а остатокот завршува на разни илегални отпади - поголемиот дел се „рециклира“ рачно во земјите во развој, притоа изложувајќи ги работниците на опасни и канцерогени состојки. Често го палат и младите и децата.

Создавањето илегални депонии како најголемиот светски илегален отпад кој се наоѓа во Акра, главниот град на Гана, е класичен потег за неодговорно работење - прописното складирање и рециклирање електронски отпад чини и „не е исплатливо“ па така земјите од Третиот свет се „идеална дестинација“. Младите кои работат на депониите редовно заболуваат од разни болести. Со палењето пластика се испуштаат отровни гасови, а поголемиот дел од лемовите на плочите се заштитени со олово, итн.

Како што пишува Марко Костаниќ за Билтен: „Можеме да бидеме крајно цинични и според онаа стара мантра за усогласеноста на понудата и побарувачката да заклучиме: луѓето кои се вишок го открија отпадот што е вишок. Очигледно, резултатот е смрт, но што да правиме кога животот е премногу скап“?

Отпадот во Гана го посетија и од организацијата иФиксит, а таму затекнаа „многу добри деца кои не се ни свесни колку е опасна нивната работа“. Активистите и активистките веќе долго време апелираат за построго спроведување контрола и уредување на прописите со кои се утврдуваат условите за пренос на отпад кој содржи отровни хемикалии, за да се спречи тој да заврши во земјите кои немаат инфраструктура за безбедно складирање.

Глобален монитор на електронски отпад

Решенијата што ги предлагаат експертите и активистите вклучуваат траен дизајн на производите, системи за репарирање на искористената електроника, „урбано рударство“ за вадење на металите и минералите од електронскиот отпад, и „дематеријализација“ на електрониката со замена на директното сопствеништво на уредите со модели на изнајмување и лизинг за да се максимизира повторната употреба на производите и можностите за рециклирање.

ИФиксит во 2003 година го основаа Лук и Кајл, во студенски дом во Калифорнија. Им пречело тоа што поголемиот дел од уредите не доаѓале со упатства за поправка.

„Сметаме дека на луѓето треба да им се овозможи лесно да научат како да ги поправаат уредите. Така го напишавме нашиот прв прирачник и го објавивме онлајн, бесплатно. За првпат, некој без техничко предзнаење или искуство лесно можеше да растури Мек. Нашите упатства чекор-по-чекор на луѓето им овозможија да ги поправаат Мековите кои не би можеле сами да ги поправат. Компаниите како Епл не нудат делови за поправање и информации за одржување за крајните корисници, но ние веруваме дека секој би требало да има право да ги одржува и поправа своите производи“, велат од организацијата.

Шеснаесет години подоцна, објавија повеќе од 50 илјади бесплатни прирачници и помогнаа на стотици илјади луѓе да научат како да поправаат и одржуваат, а не да ги фрлаат уредите. „Поправањето и повторното користење на она што веќе го имаме има смисла. Рециклирањето би требало да дојде дури откако од секој производ ќе ја исцрпиме секоја можност за употреба“, порачуваат.

Дали знаете како да поправите нешто? Можете да се придружите и да помогнете пишувајќи бесплатни прирачници за поправање, или да го донирате својот стар уред за проектот за техничко пишување на иФиксит за студентите и студентките ширум светот да можат да направат водичи за поправки.

Додека работиме на долгорочно и бавно менување на системот, можеме и да учиме како да поправаме мобилни телефони и лаптопи кои ги користиме и без кои за многумина животот е незамислив. Да одвоиме малку време и да научиме, наместо и натаму да го храниме ѕверот - со едно брзо движење на рацете кон корпата за отпадоци.

Извор: http://www.h-alter.org

ОкоБоли главаВицФото